PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Кемил Исметовиќ: Важно е шаренилото однатре

popup by popup
мај 23, 2018
in Интервјуа
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Кемил Исметовиќ е единствениот лик од Македонија што се појавува во најновата реклама на „Златен Даб“. Неговата сцена во видеото што привлече големо внимание во јавноста, преку симнувањето на качулката среде ноќ, ја протолкував како знак за соочувањето лице в лице со чудните погледи, непријатните коментари, етикетите и стигмата. Кемил потекнува од Требиште, мало село во пазувите на планината Дешат, во еден од најживописните македонски предели, долнореканскиот крај, а студира германистика на Филолошкиот факултет во Скопје и повремено работи како модел. Вели дека отпрво му пречело доживувањето на неговото тело како објект искористен за потенцирање на различноста, но потоа постепено ја прифатил и преиначил ваквата улога во служба на прифаќањето на луѓето со албинизам. Сега, овој млад човек отворено зборува за животот со албинизмот, соочувањето со предизвиците и надминувањето на социјалните бариери и предрасуди. И можеби навистина, понекогаш треба храбро да се исправиме пред темниот ѕид на предрасудите за да дојде до израз сето богатство од бои што ги поседува нашата личност. А личноста на Кемил ги има во изобилство.

Како се случи твоето учество во најновата видеореклама на „Златен Даб“? Дали беше дополнително поттикнат од поголемата идеја што стои зад овој проект, пораката за прифаќање на разликите и отфрлање на етикетите? 

Да, кога тимот што ја работи рекламата ми објасни за што станува збор, уште повеќе се зголеми самата мотивација за моето учество во рекламата, чија главна порака е „Без етикети“. Ми се допадна поголемата идеја што стои зад рекламата и ќе си дозволам да бидам субјективен, но сметам дека завршивме одлична работа. Иако интензивно и напорно, снимањето во Софија претставува огромно искуство за мене во позитивна смисла. Добивам одличен фидбек од сите што ја имаат гледано рекламата и тоа ме прави среќен и горд на мојот придонес во неа. Реткост и вистинско задоволство е да се биде дел од ваков проект со толку благородна идеја на нашиве простори.

Во одредени моменти од животот, сите сме принудени да се соочиме со делови од нас кои се непроменливи и кои не сме ги одбрале за себе, но сепак се тука и постојат. Како течеше твојот процес на себеприфаќање?

Уште откога знам за себе, постои свеста кај мене дека сум поразличен од другите. Нормално, тоа е многу лесно воочливо и јас имам разбирање за околните реакции. Некој те гледа со презир, а некој со восхит, зависи од личноста со која се среќаваш. Научив да се соочувам со погледите и на некој начин, сакам да живеам со тоа, бидејќи сметам дека нашиот свет треба да биде шарен. Ако светов би бил едноличен, би бил здодевен. Ми поставувале и прашања како: „Зошто си ваков“, а мојот одговор е контрапрашање до нив: „Зошто ти си таков?“ Кога бев дете, на презирот одговарав со агресија низ инстинктот за одбрана, но потоа, како што поминува времето, сфатив дека нема од што да се бранам. На оние што и понатаму се држат до своите закоравени сфаќања и предрасуди, им одговарам суптилно, преку учеството во вакви проекти во кои се негуваат различностите и позитивно се истакнуваат поинаквите луѓе. Преку него само ги потврдив моите лични заложби за живот во општество ослободено од етикети и предрасуди. Треба да им дозволиме на сите луѓе да се прифатат такви какви што се. Јас себеси се прифатив, без оглед на туѓите погледи и замерки, јас ја држам главата горе и продолжувам.

Со какви конкретни предизвици се соочуваш и како ги надминуваш?

Досега не сум имал поголеми тешкотии бидејќи секогаш сум имал поддршка од луѓето околу мене, кои ми пружале помош секогаш кога ми била потребна. Значи, на општествено поле, повеќе не се соочувам со предизвици. Се изборив и не обрнувам внимание на околните коментари или невкусни досетки. Научив да се приспособувам на физичките предизвици што ги носи албинизмот како состојба, преку поголемата грижа за мојот вид па сè до ограничената изложеност на сонце. Понекогаш на шега им велам на пријателите: „Ајде, не мора преку ден да одиме на море. Ќе одиме навечер, јас сум вампир“! 🙂 Ништо друго не е различно, освен изгледот. Важно е да го имаш шаренилото однатре.

Дали досега си се обидел да делуваш на општествено поле и да се поврзеш со други луѓе, со цел надминување на разликите и предрасудите? Како се замислуваш себеси во иднина?

Во Требиште има уште двајца луѓе со албинизам, но и покрај моите обиди, за жал тие не се отворени за соработка и здружување. Веројатно прво треба да се надмине и да се прифати состојбата на албинизмот, па потоа да се дискутира за некаков вид пошироко здружување и интеракција меѓу нас. За тоа е потребно време. Инаку, јас уште од мал одлучив да тргнам по стапките на дедо ми, кој беше просветен работник. Наскоро ќе бидам професор по германски јазик. Задоволен сум од својот избор, бидејќи кога започнав да го проучувам, сфатив колку е потребен во денешно време, особено сега кога, за жал, младите луѓе толку масовно го изучуваат за да заминат во Германија. Моите планови не се поврзани со напуштање на државата. Можеби би заминал да се доусовршам на образовно поле, но не сакам да ја напуштам мојата земја. Тука сум свој, тука ми е домот, тука ми е сè.

Голем љубител си на природата и на спортот, а и како да не бидеш кога доаѓаш од еден од најубавите и најживописни предели во Македонија. Какви се твоите активности на тој план?

Дел сум од Здружението за екологија и унапредување на културата и спортот „Зеукс Тритон“, со кое се трудиме да ја подигнеме и да ја развиеме еколошката свест. Името на здружението потекнува од еден ендемичен вид водоземец, кој се среќава на две места во светот, меѓу кои и нашето ледничко езеро Локув сместено во прегратките на планината Дешат, опкружено со волшебна и недопрена природа. Овој водоземец е интересна животна форма – гуштер, кој е нешто помеѓу риба и жаба. Ете, гледате, природата создала најразновидни животни форми. Токму затоа, треба да ги негуваме ретките и различните.

Tags: интервју
Previous Post

Светските фотографски награди на Сони (галерија)

Next Post

Журката со Dj Sirko Müller во Радио Бар (галерија)

Next Post

Журката со Dj Sirko Müller во Радио Бар (галерија)

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum