Прво, патот е далеку од крш. Второ, ако не сме оделе досега, откако се вратив од Дерми, едно фасцинантно селце во јужниот дел на Албанија, со долг брег на убавото и чисто Јонско Морe на кој се одржа првото издание на фестивалот Кала, со сигурност можам да кажам дека треба да почнеме да одиме.
Кала е креација на екипата што го организира веќе етаблираниот европски зимски фестивал „Snowboxx“, што се одржува на француските Алпи. Дечките веќе некоја година се во потрага по совршената локација за мал, летен, „boutique“ фестивал на плажа, потрага што сега е дефинитивно завршена.
За прво издание и само 2.000 карти пуштени во продажба, Кала склопи импресивен лајнап со имиња како Moodymann, Todd Terje, Peggy Gou, Black Madonna, Maurice Fulton, Roy Ayers и други. Но, според мене, магијата на фестивалот ја донесоа лондонските андерграунд колективи Feelings, Secretsundaze, Phonica и Stamp the Wax, на кои им беа препуштени четирите стејџа, особено доцните вечерни термини кога се спојувавме со универзумот. Забележав дека на некој начин со селекцијата на музика како да сакаат да го вратат движењето Balearic house од 80-тите години, настанато со првичната експлозија на Ибица, но со модерна, андерграунд префинетост. Беше супер освежување од minimal techno и deep house звуците што доминираат на светската и на домашната сцена во последниве години.

Следствено на ова, добар дел од посетителите доаѓаа од Велика Британија, со лет до Крф, па траект до Дерми. А како што Лондон и другите поголеми британски градови се разновидни во секој поглед, таква беше и публиката (ретки беа оние непријатни фацки од Англија што губат глава по фестивали и… знаете). Ние стигнавме без проблеми со мала кола. Тргнавме од Скопје, преку Урошевац до Тирана (каде што престојувавме два-три дена пред фестивалот, инаку најверојатно ќе одевме преку преминот Ќафасан кај Струга), јужно до Валона, од каде што започна искачувањето на планината Чика, која го штити брегот на Дерми. Тоа искачување по прекрасни планински предели и села во еден момент кулминираше со моментот кога пред нас се отвори Јонското Море и брегот, а ние во кола на 1.000 метри надморска височина. Фасцинантен поглед и чувство. Буквално проаѓавме низ облаци, кои видно се движеа низ нас. Долгиот Крф го гледавме речиси цел. По кратко спуштање, стигнавме во Дерми.
Музиката започнуваше рано попладнето и се знае до кога траеше. Организаторите очигледно сакаа да конципираат „одмор-фестивал“, бидејќи Кала траеше цели 7 дена, со организирани часови јога и други активности. Овој вајб го пренесе и музичкиот избор на изведувачите, кои низ една безжанровска селекција успеаја да ги опуштат и да ги сплотат 2000-те присутни рејвери во еден летен рај за танцување. Посебно доживување беше стејџот на тешко достапната плажа Ѓипе, која се наоѓа вгнездена во кањон од црвени планини. На плажата беше поставен еко-камп и до него стејџ, каде што Bjørn Torske, Nick The Record, Jenifa Mayanja и други изведувачи приредија магична атмосфера за луѓето што организаторите ги превезуваа до плажата и назад со глисери. Неверојатно, филм. Атмосферата беше толку опуштена (лимитираните 2.000 карти си го направија своето), на секој стејџ имаше место за играње во секое време, а од првиот до последниот си за 6-7 минути одење пеш.

Од седумте дена, ние ги фативме последните три, и далеку од доволни за ранолетниот рејверски апетит. Доста од хедлајнерите ги промашивме, па ќе издвојам неколку, во ниеден поглед помалку вредни изведувачи, чии сетови, еве пишувајќи ја и оваа репортажа, ми ги дрмаат рамената и колковите.
Ross from Friends – Каков лик. Цар! Оној суперпаметниот и фантастично духовит дечко од маало секогаш со капче на главата, што никогаш не се наметнува и ги носи оние истите широки, тенки црни тренерки од кои им се повраќа на повеќето девојки. Типот е Англичанец со јасна љубов кон забава и интеракција неоптоварена од мода, препотентност, пи-ар или имиџ (воочливо од тренерките, фејк старките за на физичко и, се разбира, псевдонимот што го користи). Кога еден ден со неговата банда од 4-5 исто така goofy, down to earth слатки момци имаа ненадеен и ненајавен четиричасовен take over на Yacht Club стејџот, ќе ја срушевме платформата. Свртеа од „Regulate“ – Nate Dogg, „Rock the Casbah“ – The Clash, некој upbeat ремикс на „Give me the Night“ – George Benson, па сè до „Go“ – Moby (кога за малку ќе заплачев од убавини). Нè полудеа. Утредента на една од стејџ плажите исвиреа лудница live сет, со гитара и саксофон покрај другите дигитални инструменти.

Деби-албумот му излегува на 27 јули. Проверете го!
Andy Blake – вистински лондонски ветеран, главниот човек зад реномираните World Unknown забави во јужен Лондон. Влезе во диџеј-кабината во сабота, 03:00 часот и до 06:30 го разлупа можеби најдобриот tech-house сет што сум го чул. Попладнето случајно се погоди да јадеме леб, намаз, кашкавал и маслинки кај нас во смештај на тераса. Раскажуваше како пуштал музика во „Сектор“ пред доста години, памти дека дечки се прекачувале преку ѕид за да влезат и се случила лудница забава. „I have to come back there soon, you guys, it was mental!“, рече неколкупати возбудено, со искрен афинитет кон културата на овие простори.

LNS (Laura Sparrow) – во саботата вечер од околу 23:30 до 01:00, претходно добрата атмосфера од вечерта некако спласна, во голем дел поради еден чуден сет на млада девојка која очигледно беше преплавена од моментот и најверојатно најбитниот настап во нејзината млада кариера. Не дека пушти лоша музика, туку едноставно изгуби компас и не успеа да слепи една константна енергија низ сетот. Нејсе, ѝ простивме брзо. Веднаш по неа се качи преубавата Laura Sparrow или, како што ѝ гласи псевдонимот, LNS, која доаѓа од Канада, а некое време работи и е стационирана во Германија. На лице место видов како изгледа кога искусна жена ќе наследи спласнат подиум и веднаш ги презема работите во свои раце. Две страшни електро траки и платформата на Yacht Club стејџот повторно беше пред рушење. Сврте жесток сет со многу acid и на Andy Blake му ја сервираше публиката на пенал за последното трескање во ноќта.

Неизбежен дел за паметење од целото доживување беа декорациите и визуелното решение на целиот настан. Vaporwave естетика со доминантни пурпурни и зелени неон-нијанси што совршено се вклопија во сетингот. Дефинитивно најдобро декорираниот фестивал на кој сум присуствувал.
Сè на сè, можам слободно да кажам дека Кала се позиционира да стане the beach party paradise на јужен Балкан и дефинитивно ќе бидам таму следната година. Потенцијалот очигледно го препознаа и албанските власти бидејќи фестивалот беше сериозно поддржан од албанското Министерство за туризам. Претседателот Еди Рама дури одржа прес-конференција посветена на настанот во еден хотел во Дерми, а се разбира, во стилот на балканските политичари, не пропушти ничим изазван да се направи фраер и еден ден испрати 1.500 бесплатни пива на плажата за посетителите. Настрана од тие фами, економскиот потенцијал што го има јужна Албанија почнува да експлодира со ваквите настани и верувам дека полека ќе станува привлечна дестинација за рејв културата. Што ме носи кон вечното прашања за крај: „А кај нас такво нешто, кога?“
(Текстот содржи сленговски изрази за да се зачува неговата автентичност)
Иван Менкиноски

