PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Извештај од Јарун: INmusic Festival 2018

popup by popup
јули 11, 2018
in Universes
0
404
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Од 25 до 27 јуни, Загреб пулсираше во ритамот на фестивалот INmusic. Тринаесеттото по ред издание на фестивалот, кој, освен првата година (2006) кога се одржал на Шалата,  секоја година се одржува на градското езеро Јарун, на Островот на младоста.

Втора година одам на овој фестивал, по многугодишна верност и следење на ЕГЗИТ. Првпат бев пред две години (2016) кога на лајнапот ги здогледав „Florence and The Machine“, Skunk Anansie (се откажа пред почетокот на концертот) и P.J. Harvey.

Годинава тизер ми беа Дејвид Брн, кој е на турнеја за последниот негов студиски албум „American Utopia“, „Queens of The Stone Age“ и Ник Кејв.

Бонус  беше да се видат  „Interpol“, „St. Vincent“, „Portugal.The Man“ и „Alice in Chains“, бендови за кои сигурно не би патувала во странство, а не верувам дека наскоро ќе ги видиме во Скопје.

Искусен фестивалски посетител првиот ден оди порано за да си ги заврши влезните процедури, менување карта за фестивалска нараквица и менување пари за картичка со која се плаќа на шанковите. Тоа „порано“ значи да предвидиш барем два часа пешачење и завршување на овие процедури пред почетокот на концертот што сакаш да го гледаш.

Вo мојот случај тоа беше Дејвид Брн од 20:45 часот, на главната сцена. Концертот почна точно во минута. И не само тој. Сите концерти почнуваа и завршуваа неверојатно прецизно и точно според програмата.

Ги нагласувам овие навидум небитни информации зашто имаше многу посетители што поради гужвата на влегување, не стигнаа навреме за овој концерт и го пропуштија можеби најдобриот  на фестивалот.

Дејвид Брн има турнеја со која ги поместува границите за тоа како сме навикнале да изгледаат концертите. Сам на главната сцена, седнат на маса, полека станува со мозок в раце и почнува „Here“ од последниот албум. Посака да помислиме на нешто убаво и да нè понесат убави вибрации. Така и би. На сцената еден по еден излегуваат и другите музичари, 12-мина на број. Нема „статични“ музичари. Ги „носат“ инструментите на рамена, владеат и се движат по целата сцена. Сите со пилот микрофони. Целиот концерт е перформанс. Движења, кореографија, прецизност. На моменти не верувате дека сето тоа се изведува во живо, но Дејвид Брн има кажано на концерт дека колку и да звучи неверојатно, музиката ја изведуваат музичарите на сцената. Облечени во сиви костуми, боси, сценографија како кутија и еднобојно светло, не ви дозволуваат да го мрднете погледот од таа уиграност и перфекција.

Мојата концентрација во еден момент беше вознемирена кога десно од мене го здогледав Дарко Рундек, во просторот на миксетите, поткачен на некое скалило, како без да трепне го следи концертот, најверојатно и на неговиот идол и музичар со чиjа музика растел.

Се редеа песни од авторски проекти на Брн: „Lazy“, „I should watch TV“, од новиот албум: „Everybody’s Coming to My House“, „I Dance Like This“, „Every Day is a Мiracle“, „Like Humans Do“ и безвременските „Once in the Lifetime“, „This Must be the Place“, „Sleepery people“, „I Zimbra“, „Blind“ на „Токинг хедс“.

Искрено, по концертот на Дејвид Брн, не ми се слушаше ништо повеќе. Концерт за паметење. Го имав она чувство на исполнетост како по добар филм или претстава кога сакаш да си процесираш и да самуваш. Дури мислев дека фестивалот треба веднаш да заврши.

Затоа и „The Kills“, кои следуваа по Дејвид Брн на стејџот OTP World, ми звучеа како да ме вратија во времето на концерти од  Рок-фест во Дом на млади. Едноставно, не можев да се прешалтам толку бргу на обичен рок-концерт и сакав да ме држи фасцинацијата од  необичниот концерт-перформанс на Дејвид Брн.

Мислам дека истата мака ја имаа и членовите на „Queens Of the Stone Age“, кои настапија на главната бина по „The Kills“. Џош Хоум и самиот се запраша, што да се каже по фантастичниот концерт на Дејвид Брн и му ја посвети „The Evil Has Landed“.

„QOTSA“ имаат верна и многубројна млада публика. Направија енергичен концерт. Првпат ги слушав и морам да признаам дека пред фестивалот се навлеков на нивниот нов албум „Villians“, кој е одличен, но не сум фан што го следел секој нивни албум на време. Почнаа со „If a Have a Tail“, продолжија со песни од постарите албуми, „Monster in a Parasol“, „My God is the Sun“ за да продолжат со „Feet Don’t Fail Me“, „The way You Used To Do“ од новиот албум. Одлична рокерска енергија, воодушевувачки сола на тапани, добра комуникација со публиката, која реагираше на шармот на пејачот Џош и дозволи да ја води.

Вечер по која сите си заминаа задоволни.

Вториот фестивалски ден, првиот ударен термин на главната бина беше резервиран за „St. Vincent“. На сцената наредени четворица музичари, потсетуваа на крафтверковската статичност, тапанарот и клавијатуристот со маски на лицето, на клавијатури и бас егзотичната Toko Yasuda и Anne Klark алијас St.Vincent поставена најлево со причина. Anne Klark менуваше гитари со различни бои на секоја песна – портокалова, зелена, сина, црна, жолта, розова. Самоуверена на сцена, одличен вокал, жестока на гитара, згодна и атрактивна и за очи и за уши.

И овој концерт беше визуелен како спот.

Сет-листа – речиси сите песни од новиот албум „Masseduction“, „Sugarboy“, „Pills“, хитовите  „Los Angeles“ и „New York“…

Концерт што пријатно ме изненади и во кој уживав, не очекувајќи.

Ѕвезди на вечерта секако беа „Nick Cave and The Bad Seeds“. Бидејќи ми беше четврта средба со Ник Кејв, знаев дека треба да сум што понапред во публиката за да ја почувствувам  енергијата што се разменува.

По овој концерт на Ник Кејв, тврдам дека нема музичар што повеќе ужива на своите концерти и во контактот со публиката. Беше посебно расположен. Сакаше да се даде, да кокетира, да прима љубов. Како да ја имаше надминато видливата тага на првите концерти од оваа турнеја по трагичната загуба на синот. Разговорлив, разигран, неуморен одејќи од крај до крај на сцената, фрлајќи се во публика, допирајќи се, ветувајќи им брак на многу девојки што му изјавуваа љубов, прашувајќи постојано: „Can you feel му heartbeat?“

Бендот, предводен од мултиинструменталистот Ворен Елис, кого не сум го видела во пожестоко издание, секоја песна ја изведуваше со маестрална виртуозност и уиграност.

Почеток на концертот со „Jesus Alone I Magneto“ од последниот албум, на кој публиката не дише. Следува „Do you love me“, па делириум на „From her to Enternity“. На моменти мислиш дека сите инструменти ќе ги искршат. Пеколна енергија.

Нѐ разнежни и нè расплака со „Into my arms“ и „The Weeping song“. „Jubilee Street“, бавна и смирена, ја „пумпаа“ и ја доведоа до крешендо, предизвикувајќи воодушевувачко лудило.

На „Strange Lee“ на сцената се качи младо девојче, кое заедно со него ја отпеа целата песна и кое беше толку симпатично возбудено, што предизвика симпатии и поддршка од целата публика.

Концертот беше скратена, фестивалска верзија од вообичаен негов концерт од оваа турнеја, со одење по специјален мост во публиката на „The Weeping Song“ и со качување  на публиката на сцената на „Push The Sky Away“.

Единствено Ник Кејв го проби терминот што секој бенд го почитуваше (го потенцираше тоа) и ја изведе „Rings оf Saturn“, како бонус.

Беше тоа концерт на кој сте со постојана насмевка. Едноставно, не ви се симнува од лицето. Чувство дека присуствувате на концерт без никаква забелешка.

По толку добри два дена на фестивалот, третиот ден за мене беше чисто информативен. „Alice in Chain“, „Portugal.The Man“ и „Interpol“ беа хедлајнерите.

„Alice in Chains“ отворија на главната бина. Никогаш не сум била нивен фан, но за волја на вистината, ливадата беше преполна, за разлика од другите денови кога во истиот термин настапија Дејвид Брн и „St.Vincent“. Верните обожаватели ги испочитуваа максимално.

Ова било второ нивно претставување на фестивалот INmusic, по 8 години. Половина од концертот ислушав, сосема доволно за мојот интерес за хард-рок. Со оглед на тоа што претходните вечери трчавме од концерт на концерт (завршува концертот на Main Stage почнува на OTP World),  прошетав по фестивалскиот простор како турист.

И не бев единствена со таа намера. Не може а да не се забележи дека INmusic за загрепчани е како кај нас бесплатните концерти и проекции во парк. Дојдени цели фамилии, мали деца трчкаат насекаде. Стари рокери измешани со растоварени нови генерации желни за дружење и музика.

Се забавуваат во караоке шаторот, слушаат музика во кулата „Никола Тесла“, седат во „кафанчињата“ што се на улицата помеѓу сцените.

Ѕирнав и во Hidden Stage, мала сцена за сладокусци и поиздржливи фестивалски следачи.

Опуштена атмосфера и фестивал на кој нема да сретнете исполегнати и испијанети млади луѓе на секој чекор, како на ЕГЗИТ на пример.

Крајот на фестивалот за мене привршуваше со „Portugal. The Man“. Бенд од Аљаска, кој со хитот „Fell it still“ годинава се закити со награда Греми. Концертот го почнаа со кавери, „For Whom the Bell Tolls“ на „Металика“ и „Another Brick in the Wall“ на „Пинк Флојд“. За време на концертот, цело време одеше видеоарт што го одвлекуваше вниманието и не ми беше компатибилно со музиката. Доминираше видеото, целото светло и концентрација беа насочени натаму, лицата на бендот не се гледаа, беа како во темница. Како намерно да си поигруваа, дури во еден момент беше испишано: „We are Portugal.The Man. Just making sure you are on the right concert“.

Се чувствуваше дека публиката не ги знае песните и присуствува на концертот од чисто љубопитство, освен на крајот кога го изведоа хитот „Feel it still“ и сите се разиграа. Во секој случај, нов, интересeн бенд, кој вреди да се следи.

Крајот на главниот стејџ имаше чест да го затвори американскиот бенд „Interpol“. Дали публиката беше веќе заморена, но, освен првите неколку редови, во кои беа или најверните фанови или најжелните за забава, на кои не им е важно кој свири, немаше никаква раздвиженост во останатиот дел од публиката. Песните наликуваа една на друга, без осцилации во темпото, отсвирено како тезга без емоции. Не го дочекав крајот на ливадата, туку слушајќи во од, околу езерото. Концертот заврши со пороен дожд, кој успешно нѐ заобиколуваше претходните вечери. Јас се „спасив“ и последната вечер.

Сѐ на сѐ, на INmusic годинава се случија многу различни концерти, публика што во првата половина од ливадите реагираше како на секој нормален концерт, за разлика од втората половина, каде што се следеа концертите со театарско внимание.

Како и да е, се надевам дека успеав да ве испровоцирам ако можете да „фатите“ концерт  на Дејвид Брн од годинешнава турнеја и во животот задолжително да изгледате барем еден концерт на Ник Кејв.

Фотографии: INmusic fb fan page

Илинка Делчева

 

Previous Post

5 зелени иновации што ќе го променат светот

Next Post

Кристо и Жан-Клод: Простор вознемирен со уметност

Next Post

Кристо и Жан-Клод: Простор вознемирен со уметност

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum