
Помина многу време откако пудрата и карминот на некогашните скопски ноќни дами од „Фенерли-ан“, „Венеција“, „Марс“ и „Бела кафеана“ полека беа избришани од тешката рака на стигмата. Многу вода истече низ Вардар и откако познатиот македонски уметник Никола Мартиноски ги насликал ѕидовите на познатата скопска кафеана „Океан“ со композиции на голи мажи и жени, како симбол и ода на слободната љубов, па бил неправедно обвинет за ширење порнографија што го навредува јавниот морал.
Кога успеа малото Скопје со велеградски стремежи да се редуцира во метропола со паланечки дух? Сексуалната работа во нашето општество е заградена со непробоен ѕид од предрасуди. (И)легалниот статус, потешкиот пристап до здравствените услуги, големата изложеност на насилство и етикетирањето доведоа до постепено губење на основните човекови права за сексуалните работници. Се смета дека во државава има околу 3 000 до 5 000 сексуални работници, кои секојдневно се изложени на насилство не само од своите клиенти туку и од органите на безбедноста што би требало да ги заштитат. Голем дел од предизвиците за човековите права, слабостите и бариерите со кои се соочуваат сексуалните работници се должат на криминализацијата, рестриктивните закони, регулативи и практики. На нив се потсетуваме само еднаш годишно, кога низ медиумите бледо провејува веста за нивниот декемврски марш, црвените чадори, маските и долната облека.
Затоа, Здружението на граѓани СТАР – СТАР организира кампања чија цел е да придонесе во намалување на негативната општествена перцепција на сексуалните работници и да ја подигне свесноста на општата популација за потребите и за проблемите со кои тие се соочуваат во Република Македонија. Во рамките на кампањата ќе бидат организирани изложба на фотографии, уметнички инсталации со перформанс и проекција на промотивните видеа на СТАР – СТАР.

Изложбата „Две од оние“: Арт-акт-ум за моралот и предрасудитe ќе биде отворена на 2 јуни – меѓународниот ден на сексуалните работници, во галеријата „Акантус“. На изложбата ќе бидат претставени:
- три промотивни видеа на СТАР – СТАР, првиот колектив на сексуални работници на Балканот, кој веќе 10 години јавно ги застапува правата и потребите на сексуалните работници и се залага сексуалната работа да биде призната како и секоја друга професија во Република Македонија;
- дванаесет фотографии на 4 авторки (Лилика Стрезоска, Елена Фидановска, Анита Березњак и Ирена Јовановска), кои својата инспирација ја црпат од автентичните животни стории на сексуалните работници во Република Македонија;
- две инсталации со перформанс направени според слики на познатиот македонски сликар Никола Мартиноски, од неговата серија слики во кои се претставени сексуалните работнички и местата каде што тие се собирале, познати како кафеани или бордели;
- колаж од фотографии, текстови, аудио- и видеоснимки што ја мапираат урбаната историја на сексуалната работа и на сексуалните работници во Скопје.
Изложбата и кампањата што ја следи на креативен начин треба да ги претстават истражувачкиот процес и резултатите од мапирањето на местата каде што порано се одвивала сексуалната работа, како и лицата и настаните што сведочат за една урбана историја на старо Скопје што е сосема заборавена.


