Ја заборавив зелената тетратка – ѝ се пожалив на Олга од Шпанија во возот за Тулуз. Само што се разделивме со Офели, домаќинката од Франција што нѐ донесе на железничката станица во Казер. Не знам како и кога сум ја извадила од џепчето на чантата за фотоапаратот. Сите денови од мојот престој во Франција беа запишани таму.
Одеднаш се почувствував како да не сум била никаде, како сите спомени да ми останаа таму некаде каде што ми остана срцето, на југозапад во Франција, во малото селце Бедеи.
Ја замолив Олга да им пише на Шпанците што останаа во куќата да ја побараат, па ќе се договориме како да ми ја пратат во Скопје.
Поминаа две недели, никаков знак дека тетратката е најдена. И кога се откажав и од тетратката и од желбата да споделам/напишам нешто за моите доживувања на тренинг-курсот Up’Cycl’Art, добив имејл со фотографии од сите страници на зелената тетратка.
Читам и ми се враќаат сеќавањата…
Аеродром. Летам за Барселона. Го нема Бојан. Неколку денови пред тоа ми кажа дека патуваме со ист авион и ќе ми помогне да се префрлам од аеродромот до автобуската станица во Барселона за да го фатам автобусот за Тулуз (тој живее во Барселона). Му пишувам порака: „Леташ или не?“ Ми одговара: „Не, имав проблем со картата“. Ме фаќа блага паника. Ми дава инструкции како да стигнам до автобуската станица.
Прекрасен лет – зајдисонце над облаци. Седам до прозорец во авионот и одеднаш неизвесноста „каде одам?“ и стравот од летање, се претвораат во уживање во бои. Се мешаат жолтата, црвената, розовата, портокаловата. Над нив сива, под нив бела. Залез на сонце над и под облаци. Првпат гледам сонце што заоѓа и тоне во облаци. Незаборавна глетка и убавина.
Слетувам во Барселона и имам два часа да го фатам автобусот за Тулуз. Поаѓа во 23:45. Не сакам ни да помислам што ќе правам ако го пропуштам. Следејќи ги инструкциите на Бојан, искуството „ко пита, не скита“, немањето срам за барање помош кога не знаеш да извадиш карта за метро од автомат на шпански и ете ме мене на пат за Тулуз.
Патувам ноќе, стигнувам рано во Тулуз, во 5:00. Возот за Казер ми е во 7:15. Казер е најблиското поголемо гратче до селото Бедеи каде што одам на двонеделен „еколошки“ курс. Од таму треба да ме земат домаќините. Стигнувам во 8:30. Железничка станица како во вестерн филм. Никој нема. Пустелија. Како да јавам дека сум пристигнала? Здогледувам две жени покрај еден автомобил и едно пано со некаков рекламен материјал. Им приоѓам и ги прашувам како се стигнува до селото Бедеи. Немаа ни слушнато за него. Ги замолувам да се јават на телефонот од домаќините, да пренесат дека ги чекам. Првиот обид е неуспешен. По неколку минути се јави Маева и за половина час дојде по мене. Во меѓувреме жените ми се претставија дека се Јеховини сведоци. Чудни се патиштата мои, си помислив и се насмеав. Ме почестија и кафе, кое си го носеа во багажникот од автомобилот.
Пристигна Маева, млада девојка, шизика. Имаме исти апостолки. Возење со комби до селцето во подножјето на Пиринеите. Преубави предели, зеленило, куќи како од бајките. Ми раскажува дека регионот е познат по хипи-комуните и таквиот начин на живеење.
Пристигнуваме. Првата куќа во селото. Огромен двор. Зелено и големо пространство пред себе. Изолирани од сите, место каде што следните две недели ќе ги поминам со дваесетина млади луѓе од Словенија, Шпанија, Германија, Естонија, Грција, Франција. Сите беа стигнати предходниот ден и веќе сместени по собите од куќата и во двете приколки. Се сместувам во една од приколите. Ја делам со две девојки, од Естонија и од Полска.
Требаше да се издржи денот, два во еден. Запознавање со сите низ игри за помнење имиња. Делење во групи: за миење чинии, чистење, чувари на времето (навремено почнување на сите работилници) и група за одржување добро расположение. Секој ден различна обврска. Заедничко живеење и грижа сѐ да функционира беспрекорно. Еколошки. Селекција на ѓубре, штедење вода, суви тоалети (по секое користење, се посипува со дрвени струготини, наместо пуштање вода). Позитивна енергија. Среќа.
Темите на тренинг-курсот се: еколошките последици од консумеризмот, намалување на ѓубрето, органско производство, рециклирање, реупотреба.
Вториот ден почнуваме со предавање за Нула отпад. Предавачот е сосема посветен на живот во кој се труди да не прави отпад. Ни го покажа ѓубрето што го направил за една година. Го собрал во мала тегла. Нѐ бомбардираше со бројки и податоци колку отпад се прави секоја секунда во светот и колку амбалажа се користи за да стигне еден продукт до консументот. Застрашувачи слики од најголемата „депонија“, морињата и океаните. Податокот дека рибите се најзагадената храна што ја внесуваме во организмот, ме штрекна и ме подзамисли.
Како да дојде време кога треба да им се вратиме на старите навики на живеење, времето на нашите баби и дедовци, без конформизми што ни го олеснуваат живеењето, а ја трупаат Земјата со отпад од кој тешко се ослободуваме.
Време кога прашањето: „Дали ми е потребно?“, треба да ни биде водилка при секое пазарување и непотребно трошење.
Хит на предавањето ми беше кога по неколкучасовно зборување за замена и неупотреба на пластични лажичиња за кафе, цевки за нес-кафе, чепкалки за уши, ќеси… првото поставено прашање беше со што да се заменат кондомите. 🙂 Хуморот ќе ја спаси Земјата, си помислувам.
Почнавме со работилници. Правевме природни средства за чистење, кремови, паста за заби.
Ме фасцинираа домаќинките, обучувачи од Франција, Маева и Офели. Млади девојки, 27 и 23 години, кои беа неуморни, прецизни и посветени. Одбрале живот и работа на село. Курсот го водеа како игра, не дозволуваа никој да помисли дека не е вешт во нешто. Денови исполнети со активности. Сѐ беше испланирано и се одвиваше спонтано, како да беше смислено од најдобри психолози. Секој имаше шанса да сподели искуство, да предложи, да научи.
Деновите почнуваа со игри за раздвижување, кои нѐ полнеа со енергија за да продолжиме со работилниците. Направивме компостара, вертикални градини, дрвени жардиниери, мебел од картони, фурна што пече со помош на сончеви зраци…
Неверојатна беше желбата да се учествува во сѐ, да си помагаме едни на други, секој да научи. Првпат во животот работев со бормашина. Се тепавме за лопата, гребло и кој да ја вози количката за пренесување земја.
Петтиот ден добив порака од Македонија: „Жива ли си?“ Имавме интернет само во канцеларијата на организацијата, на неколкуте компјутери. Немав ни време ни желба да проверувам што се случува во останатиот дел од светот. На пораката поевтино ми беше да одговорам на ФБ отколку со СМС. Вклучувањето го доживеав како шок. Преплавен ми беше фејсбукот со политика и со слики од ѓубре низ цела Македонија.
Додека во светот се размислува како да се намали, реупотреби и рециклира ѓубрето, кај нас сѐ уште учиме дека ѓубрето треба да се фрла во канта за ѓубре, а не на улица. Поразителна беше таа констатација, која ме прогонуваше додека бев таму и срам ми беше секогаш кога требаше да зборувам како во Македонија се справуваме со отпадот.
Ден на курсот и за креативно употребен отпад. Работилница што ја води Вероника, дизајнерка што живее во регионот и изработува модерни шапки од материјали што ги собира насекаде, како отпад. Дојде со неколку куфери, преполни со разноразни хартии, платна, вештачки цвеќиња, тапи, пластика…Облечена во разиграни парчиња облека, со тетоважи, впечатливи обетки и шминка, малку беше збунета божем не зборува добро англиски. Но, зборуваше одлично за да нѐ предизвика да направиме фантастични волуменозни шапки. Уживавме во креирањето како деца и во фактот дека во секој од нас се крие уметник. На почетокот се сомневавме во своите уметнички потенцијали, но на крајот сфаќаш дека треба само да почнеш и да се заиграш.
Петок. Нѐ носат на вечера во друго село од регионот. Прво излегување (петти ден) од нашето „царство“. Бар-ресторан преполн со луѓе. Лефтерно облечени, хипици од новото време. Луѓето од комуните, кои ми ги спомна Маева првиот ден. Се направи неверојатна забава. Во мало селце на југот од Франција, во единственото ресторанче имаше диџеј што пушташе музика на два грамофона и други музички помагалца!
Сабота. Пазарен ден. Го поминавме во гратчето Казер.
Пазар на кој се продаваат домашни колачи, домашен леб, органски зеленчук и овошја, чаеви, кафиња, месо, разноразни домашни сирења. Од сѐ по малку, на мали масички.
Оттаму отидовме во посета на една секндхенд продавница, огромна како хангар. Половина е продавница, а половина магацин каде што луѓето оставаат сѐ што не им е потребно дома. Може да најдете дребулии што не сте ни помислиле дека постојат.
Сѐ што се носи се чисти, се облагородува, ако треба и може, и потоа се продава по симболични цени, потребно за одржување на магацинот.
Додека сопственикот ни ја раскажуваше историјата на проектот, дојде еден човек и остави убаво ростфрај тенџере и се оддели од својот тениски рекет Dunlop.
Од купиштата чаши, купив 25 мали чашки за ракија. Некои беа и кристални. Сите за 5 евра. Сакав да ги изненадам на македонската вечера. Носев ракија од Скопје.
Продолживме на еден имот, купен од осуммина млади луѓе што одлучиле да живеат заедно, на најекономичен и еколошки исправен начин.
Неверојатен е тој тренд во Франција, а слушнав од учесниците на курсот дека исто е и во Словенија, млади луѓе бегаат од големите градови и живеат на село, одгледувајќи сами сѐ што им е потребно за живеење, сите градинарски култури, кокошки, крави, свињи… Сѐ може да видите на тие имоти. Сами прават леб, кој потоа го продаваат во околните села. Заработуваат од мед, џемови, слатка и од плодовите од градината.
Секој од нив партиципира со извесна сума за куќата и си плаќа за оброците што се приготвуваат заеднички. Делуваат како секта што се бори против сиот напредок на човештвото, со желба да се вратат првобитните навики на човекот, сам да произведува, да го намали и реупотреби отпадот, да одгледува животни и да ги користи ресурсите на начин што нема да ѝ наштети на природата. Скромни на изглед, неоптоварени како се облечени, не се срамат да носат и да купуваат во секндхенд продавницата.
Наша задача беше да замислиме дека сме ги купиле куќата и имотот, да прошетаме по него, да претпоставиме дека немаме пари и треба да организираме храна, транспорт, електрика и отпад.
Уште многу напишани страници во зелената тетратка…
Правев батик, индонезиска техника за боење текстил, научив да правам паричник од тетрапак амбалажа, практицирав АЕQ-метода, активна медитација, видов како се садат најразлични култури.
Секоја вечер готвевме сами претставувајќи ја кујната на земјата од која доаѓаме. Беа тоа вечери во кои на најдобар начин се запознавме со културата на земјите, низ јадења, музика и играње.
Која егзотика и убавина е кога те носи ритамот на музиката! Одеднаш сите знаат казачок или присуствуваш на српско коло што го играат Шпанка, Словенец, Мексиканка и Македонка.
Пробав словенечки ричет, јадев естонска салата, кај нас позната како руска, шпанска тортиња, ладна супа гаспачо, германска салата од компири и јајца, се изнајадов француски сирења, научив како се пие вино од porron…
Пробаа македонска турлитава, ајвар, лутеница, пинџур и макало со лути везени пиперки. Македонската вечера почна со шопска и со ракија. Во чашките од секндхенд продавницата. Ракијата делувала лековито, така ми кажаа. 🙂
Двете недели живот на село, со прекрасни млади луѓе од Европа, растоварени од политика, еколошки освестени, ми отворија многу прашања и ми дадоа насоки како до поквалитетен живот. Искуство, знаење и ширење пријателства што секому ги посакувам. И свесност дека и младите во Европа си ја бараат среќата надвор од земјата. Шетајќи, учејќи и живеејќи самостојно и скромно.