„Хетеротопија“ на младиот Мирослав Илиќ е експериментален видеопроект со постмодернистички пристап кој опфаќа музички изведби на неафирмирани македонски алтернативни соло артисти или бендови и инсталации на македонски уметници. И покрај некохерентниот тек, индиферентните и едноставни визуелни елементи евоцираат чувства на меланхоличност и интимност. Неконкретното дефинирање на терминот најточно ја опишува тематиката на видеопроектот односно акумулирањето на уметност и умови кои дејствуваат слично на едно имагинарно поле. Колоквијалниот стил на изразување го прави гледањето поблиско за гледачот и допринесува на чувството на интимност и воедно го олеснува изразувањето. Неконвенционалниот начин на монтажа и звукот се едни од најважните елементи за реализација на специфичноста на идејата и можноста за слободно субјективно интерпретирање. Внимателно е избрана и сценографијата која мора да го комплементира стилот на изведувачите.
Во првиот дел „Течение“, ги гледаме Ива Јованова и Љубен Дерибан кои ја изведуваат Dripping, во интерсекција со изработката на инсталацијата на Ива Станковска. Уметниците во спонтан разговор се обидуваат да го дефинираат просторот во кој се запалува нивната креативна искра и да му ја доближат на гледачот специфичната визура на нивниот уметнички свет.
Инаку, терминот „хетеротопија“, кој никогаш немал конкретна дефиниција, го користел францускиот филозоф Мишел Фуко, кој го објаснува како имагинарен простор во кој заемно дејствуваат повеќе фрагметирани светови. Хетеротопија се сите оние реални места, простори, рефлексии, амбиенти, групи на луѓе кои иако се физички ентитет сепак содржат нереални елементи кои ние според доживувањето ги проектираме во тој момент и ни овозможуваат послободно субјективно интерпретирање на моментот. Тие се простори на другоста, кои не се ниту овде ниту таму, истовремено се и психички и ментални. Токму таа идеја се обидува да ја долови овој видеопроект, можноста за повеќе слоеви на значењата или врските кои не се веднаш видливи за окото на набљудувачот.

