„Готлиб“ е краток анимиран филм, во режија на Крсте Господиновски, а во продукција на Uzengija Productions и копродукција на Flip Book Productions и Ars Digital, поддржан од Агенцијата за филм на Р. Македонија.

Изгубен и заглавен во лавиринтот на сопствената потсвест, главниот лик Готлиб грчевито се бори да го пронајде патот назад во реалноста. Во оваа потрага, тој постојано го испрашува постоењето на неговиот измислен свет, дури дотаму што се обидува да го деконструира, па макар што тоа значи и ризик по сопствениот живот. На самиот крај, додека неговите реалности се судираат една со друга, тој станува свесен за заробеноста во самиот себе.
Накратко, ова е сижето на „Готлиб“, нов анимиран филм на Крсте Господиновски, кој е воедно и новитет и храбар исчекор во третманот на анимираниот филм во Македонија. Несомнено, „Готлиб“ станува дел од историјата на македонскиот анимиран филм како прв кој комбинира три различни техники на анимација, за да ни прикаже свет кој е апсолутен симулакрум и во кој реалностите се претопуваат една во друга.
„Готлиб“ ќе биде прикажан премиерно на 10 ноември како дел од Официјалната програма на филмскиот фестивал Cinedays 2018. Паралелно со премиерата ќе биде поставена и изложба со „актерите“, дел од сценографијата и дел од илјадниците цртежи направени за филмот, со што публиката ќе има можност и одблиску да се запознае со дел од процесот на изработка на овој анимиран филм.

