PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Гоце Стевковски: Си дадовме слобода за поинаков пристап со Homage to a Dreamer

popup by popup
ноември 8, 2018
in Интервјуа
0
402
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Има една изрека што вели дека „еден бенд е добар колку и неговиот тапанар“. Без одличен тапанар нема одличен бенд туку само добар или просечен. Гоце Стевковски е еден од најдобрите тапанари што ги изнедрило ова парче земја. Тој поседува посебно чувство да го приспособи својот талент за најразлични жанрови, ситуации и луѓе и затоа во неговата биографија стои дека бил член на бендови како „Проект Жлуст“, „Д.Н.О“, „Архангел“, „Леб и сол“, „Ласт експедишн“, Зоран Маџиров и други. Но, во последните неколку години неговата кариера отиде во друга насока односно во композиторските води и почна да предводи свои џез-бендови. Резултат на тоа се албумите „7 Stories“ и „Homage to a Dreamer“, кои во исто време направија да дојдат до израз и неговите композиторски способности, но и бендлидерски. Неговиот бенд го сочинуваат еднакво и помлади и постари таленти, кои заедно создаваат музика што покажува врвно мајсторство од идеја па до реализација.

Многу фактори влегуваат во оформувањето и функционирањето на нешто што се нарекува музичка сцена, меѓутоа љубовта и ентузијазмот се главните двигатели во тој музички екосистем. Тие два фактора се нешто што го придвижува тоа што Гоце Стевковски го прави на музичката сцена во Македонија, односно промовирање квалитетна музика и заживување на џез-културата. Тоа најмногу се гледа преку активностите со Здружението на џез-музичари на Македонија, кои го заживеаја Биг-бендот, организираат џез-концерти (карвани) по земјава и наскоро ќе објавуваат свои изданија.

Годинава тој го објави своето второ издание „Homage to a Dreamer“ под етикетата на Скопје џез-фестивалот, но кое досега немаше вистинска концертна промоција. Делумно беше промовирано кога Стевковски настапи на Денот на џезот што се слави на 30 април, денот кога ширум светот се слави џез-музиката и сè она што таа музика го претставува. Затоа на 8 ноември тој со својот бенд ќе настапи во Македонската филхармонија, со што ова прекрасно издание ќе добие своја концертна промоција.

Гоце, кои се некои од искуствата што ги носиш како член на разни бендови, од „Архангел“ и „Леб и сол“, „Проект Жлуст“, во свој проект каде што си ти сега бендлидер и главен композитор?

Секако во моите проекти ја носам музичката различност, енергијата, меѓусебната  комуникација.

„Homage to a Dreamer“ беше снимен со нова група музичари, која се приклучи на старата постава. Се сеќавам и дека албумот имаше своја претпремиера на Скопско лето непосредно пред да го снимите новиот албум. Дали може да ја опишеш музичката хемија меѓу членовите од бендот што придонесе оваа музика да се реализира на овој начин?

Пред снимањето на материјалот, имавме концерт во Сули ан, каде што како дел од септетот се приклучија Матијас Гајер на пијано и Тодор Бакрџиев на труба. На овој материјал си дадовме  слобода за малку поинаков пристап кон музиката, притоа оставајќи повеќе простор за интеракција. Хемијата ја предвидовме уште пред да се споиме и тоа резултираше во оваа музика.

Дали можеш да направиш споредба со претходното издание? Кои се некои од искуствата од создавањето и изведувањето на претходното издание, а ги пренесовте на ова?

Начинот на работа беше горе-долу сличен. Тоа што беше поинаку беше подготовката на материјалот како и постпродукцијата, за што сметам дека не е класичен џез-звук, но му дава една  специфичност, една посебност што е исклучиво негова и остава свој печат.

Овој албум беше објавен под етикетата на Скопскиот џез-фестивал. Какво е значењето за тебе да се биде дел од издавачката куќа на СЏФ под свое име?

Претставува големо задоволство и чест што ова издание се издаде за СЏФ во друштво со другите квалитетни изданија. Се чувствувам благодарен за укажаната доверба од страна на г. Оливер Белопета, што се одлучи да застане зад ова мое издание.

Твоите изданија се продаваат и во дигитален формат. Каков е ефектот од тоа што твојата музика се наоѓа на овие дигитални платформи (стриминг и даунлоуд)? Колку дигиталните платформи помагаат за промоцијата на бендот и на оваа музика? 

Мислам дека придобивките можат да се видат само доколку работите на промовирање  надвор од државава. Странците различно гледаат на тоа бидејќи ги земаат предвид сите работи – колку прегледи сте имале, на која топ-листа сте, на кое место сте се искачиле на таа листа итн. За во нашава земја, мислам дека е добра секоја промоција, но претежно има еден поголем круг на вљубеници во добра музика и ним ништо не им бега.

Гоце, твојата генерација музичари буквално го воспоставија џезот на клупско ниво во Македонија. Ме интересира дали постои интерес за џез-музика вон овие фестивалски денови во Македонија кога се случува СЏФ?

Отсекогаш имало интерес! Низ цела држава имаме џез-клубови, џез-фестивали, потоа има добри концерти преку годината. Има одлични изданија, а има и факултети за квалитетна музичка наобразба.

Ти си еден од основачите и главните двигатели на Здружението на џез-музичари во Македонија. Кои се начелата и активностите што ги презема ова здружение за да ја промовира џез-културата во Македонија?

Здружението е оформено за да даде поддршка и промоција на македонските музичари, групи и автори и на домашен план и надвор од државата.

За проектите и изданијата е потребно време и труд. Колку е тешко или лесно да се изгради публика за овој тип музика или каква било музика во кризно време како ова, во кое сме во последните неколку години?

Со оглед на тоа дека настаните се добро посетени, мислам дека има публика, но треба сите заедно да  работиме на создавање и едуцирање нова публика.

Кои се некои од проектите што од ЗЏМ може да се очекуваат во иднина?

Сигурно може да се очекуваат прекрасни концерти со изведби на премиерни дела и од домашни и од светски великани, како и фантастични солисти што ќе застапат со Биг-бендот на ЗЏМ.

Годинава ЗЏМ му оддаде признание на Зоран Маџиров. Ти некое време беше и дел од неговиот бенд и настапувавте заедно, а воедно и го снимивте албумот „Roots on a Roof“. Како гледаш лично на периодот кога работевте заедно и музиката што изнедри од таа соработка?

Беше извонредна привилегија да се работи со уметник како Зоран Маџиров. Во периодот на подготовката на неговиот албум се почувствува една креативна синергија што резултираше со одличен материјал. Воедно тоа беше и некаков поттик и инспирација да почнам да работам и на мојот прв албум.

Како гледаш назад на искуството од работата со „Проект Жлуст“ и работите што беа остварени со овие луѓе?

Овој проект е една неконвенционална уметничка творба, којашто имаше задача да се занимава со најкреативните лични експресии на членовите. Земајќи предвид дека како група работевме околу десетина години, очекувано е дека овој проект има големо влијание врз мојата понатамошна работа.

Иако пријателството со Џијан Емин трае од тинејџерските денови, сепак вие предводевте заеднички проекти („Проект Жлуст“ и „Д.Н.О“), бевте членови на исти бендови („Езгија“ на Бодан Арсовски, Кирил Џајковски, Коџабашија), проекти како Феми Кути и  МК Филхармонија. Тој и гостува повремено на твои настапи (како тој на 36. издание на СЏФ). Што е тоа што го прави Џијан посебен за тебе и како пријател и како соработник?

Џијан Емин е мултиталентиран уметник и голем креативец. Искреното пријателството низ годините надополнето со музичката соработка е особено значајно за мене.

Што може да се очекува од тебе во иднина?

Се надевам уште многу квалитетни концерти, албуми, успешни соработки и унапредување на џез-културата во Македонија.

 

Разговорот го водеше Ненад Георгиевски                         

фото: Маја Аргакиева

Previous Post

Оживеани сликите на Караваџо

Next Post

Кристина Велковска: Игра меѓу стварноста и имагинацијата (галерија)

Next Post

Кристина Велковска: Игра меѓу стварноста и имагинацијата (галерија)

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum