Музичката традиција на француската шансона е долга, обвиена со чадот на цигарите по париските кабареа, опиена од мирисот на свежо печените кроасани по кафулињата на Елисејските полиња и предадена со уникатноста на јазикот што важи за една од најмелодичните форми на говор. Француската шансона спојува различни генерации луѓе од сите делови на светот, па независно дали седите во некое од кафулињата во Дебар Маало или Монмартр, моментот кога ќе ги слушнете гласовите на Едит Пјаф, Шарл Азнавур, Ив Монтан или Франсоаз Арди секогаш ќе го поврзете со шикот, елеганцијата, префинетоста и посебната култура на Франција.
La vie en rose
Едит Пјаф
Без сомнение, Едит Пјаф е најпопуларната француска пејачка, културна икона и интернационална ѕвезда на француската шансона. Песната „La vie en rose“ со стихови што го опишуваат самиот врв на среќата и љубовниот занес, стана светска химна и симбол на француската леснотија на постоењето, содржана во познатиот израз joie de vivre. Првин, текстописците на Пјаф сметале дека песната нема да биде успешна бидејќи, според нив, таа била многу послаба за разлика од останатиот нејзин репертоар. Едит ги послушала, но подоцна се премислила и за првпат ја извела на концерт во 1946. Песната веднаш ја освоила публиката и така го започнала своето светско патешествие со многубројни изведби и кавери од светски познати музичари (Тони Мартин, Бинг Кросби, Луис Армстронг, Грејс Џонс). „La vie en rose“ стана дел од Grammy Hall of Fame во 1998 година, а можете да ја слушнете и како дел од саундтракот на многу филмови, меѓу кои и на истоимениот биографски филм за Едит Пјаф од 2007 година.
Les Feuilles mortes
Ив Монтан
Оваа песна на композиторот Жозеф Косма првично била дел од музика за балет. Нејзиниот текст е дело на познатиот француски поет Жак Превер. Најпопуларната верзија на „Les Feuilles mortes“ е отпеана од Ив Монтан во филмот „Вратите на ноќта“ од 1946 година. Верзиите на англиски и на француски ги имаат испеано и Едит Пјаф, Нат Кинг Кол, Андреа Бочели, Ерик Клептон, Далида, Серж Гејнсбур, Жулиет Греко, Патриција Каас и многу други.
Je T’aime, …Moi Non Plus
Серж Гејнсбур и Џејн Биркин
Ова е еден од најконтроверзните дуети на сите времиња, песна што во својот текст детално го пренесува разговорот меѓу двајца љубовници за време на нивниот интимен чин. Иако поради својата експлицитна природа песната била забранета во многу земји, сепак станала светски позната и стигнала во врвот на британските топ-листи. Гејнсбур ја напишал на барање на Брижит Бардо, но кога нејзиниот сопруг ја слушнал, тој побарал синглот веднаш да биде повлечен. Во 1968 година Серж започнал врска со англиската актерка Џејн Биркин, со која ја снимил прочуената верзија на оваа песна. За неа Серж Гејнсбур ќе каже дека ги опишува ограничувањата и очајот на физичката љубов содржани во провокативните стихови „Je vais et je viens, entre tes reins“ (Заминувам и се враќам меѓу твоите бедра). Песната подоцна ќе биде забранета за емитување на многубројни европски радија поради својот еротиски набој. Сепак, „Je T’aime, …Moi Non Plus“ важи за една од најуспешните француски шансони на сите времиња и е продадена во милиони копии.
Tous Les Garçons et Les Filles
Франсоаз Арди
Франсоаз Арди е француска модна и музичка икона, водечка фигура на француското је-је движење, уметник што ги има придобиено симпатиите на музичари од рангот на Боб Дилан, Мајлс Дејвис, Мик Џегер, Иги Поп, Леонард Коен… „Tous Les Garçons et Les Filles“ е првиот хит на оваа шик суперѕвезда, кој подоцна ќе достигне мултиплатински статус во Франција. Пред да достигне таков успех, Арди изјавила дека ја мрази песната бидејќи била снимена само за три часа со најлошите музичари во Париз. Очигледно тогаш воопшто не претпоставувала дека ќе ја препее и на англиски, на италијански и на германски, дека подоцна ќе ја обработат славните Eurythmics и дека ќе се најде на саундтракот на филмот „Тhe Dreamers“ на Бернардо Бертолучи.
La Bohème
Шарл Азнавур
Шарл Азнавур е еден од најуспешните светски артисти со повеќе од сто милиони продадени плочи и над шеесет остварени филмски улоги. Тој е амбасадор на Обединетите нации во Женева, неуморен поборник за Ерменија (земјата од која води потекло) и активен учесник во европските политички случувања. “La Bohème” e неговата најпрепознатлива песна и столб на француската шансона. Во неа пее за сликар што се присетува на својата младост помината на Монмартр, на уметничкиот живот, љубовта и годините кога бил гладен, но среќен. Азнавур подоцна ќе изјави дека со оваа песна му рекол збогум на боемскиот Монмартр.
Ne me quitte pas
Жак Брел
Брел ја напишал песната „Ne me quitte pas“ („Не оставај ме“) кога неговата љубовница Зизу го исфрлила од својот живот. Таа била бремена со негово дете, а пејачот не сакал да го признае. Поради тоа, Зизу подоцна морала да абортира. Во интервју од 1966 година, Жак Брел вели дека „Ne me quitte pas“ не е љубовна тесна туку химна за кукавичлукот на мажите и за степенот до кој тие можат да се понижат себеси. Оваа песна можете да ја чуете во фантастична изведба на бразилската пејачка Мајза Матарацо, како дел од шестиот филм на Педро Алмодовар, „Закон на желбата“. Интересно е и тоа што дел од нејзината мелодија е позајмен од Унгарската рапсодија бр.6 на композиторот Франц Лист.

