На 26 јули, како дел од одбележувањето на 55-годишнината од скопскиот земјотрес, во МКЦ ќе биде поставена изложбата на старата и на новата генерација македонски уметници RESTART. Оваа изложба претставува извесен генерациски пресек, кој го бележи развојот на македонското современо сликарство, во кое се отсликани условите што го предодредиле од неговите почетоци до денес, низ делата од колекцијата на Галеријата ГРАЛ.
Во најавата на овој настан се вели дека во изминатите 12 години, од почетокот на своето постоење до денес, Галеријата ГРАЛ се посветила на изложување и негување на сликарскиот медиум како релевантна форма на израз, истражувањето на просторите и дискусиите што ги отвара сликарството и на следењето на неговиот развој во македонскиот контекст. Вложениот труд во таа насока резултирал со една солидна колекција, во која се рефлектира токму тој развој. По тој повод разговараме со Елена Чемерска, една од учесниците на изложбата од колекцијата на галеријата ГРАЛ.
Кој сè ќе биде дел од изложбата на старата и на новата генерација македонски уметници?
Како што и вели најавата, оваа изложба е еден генерациски пресек што го бележи текот на македонското современо сликарство низ делата од колекцијата на галеријата ГРАЛ. Со таа идеја на ум, се направи еден избор на претставници на повеќе генерации сликари со кои галеријата соработува, во обид да се формира една поширока мапа во тие рамки. Меѓу делата изложени на оваа изложба се наоѓаат сликите на Никола Мартиновски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Миле Корубин, Борислав Траиковски, Ванчо Георгиев, Трајче Јанчевски, Петар Мазев, Глигор Чемерски, Вело Ташовски, Илија Пенушлиски, Рубенс Корубин, Милош Коџоман, Мирослав Масин, Жанета Гелевска Вељаноска- Жани, Горјан Георгиев, Филип Вековски, Ивана Мирчевска и Сали Ертунц.
[URIS id=1952]
На што се должи ретката соработка меѓу јавните институции и приватните субјекти во полето од областа на уметноста?
Станува збор за два комплетно различни начини на работа. Додека институциите во Македонија се буџетски, приватните галерии не спаѓаат под Министерството за култура и тие опстојуваат и заработуваат исклучиво на основа на продажби. Во таа смисла, можностите за соработка се навистина мали. Од искуството на галеријата ГРАЛ, таа главно соработува со институциите во случај на продажба на уметничко дело, кое треба да се изнесе од земјата. Тогаш, потребно е првин да се добие мнение, во случајот на продажба на слика тоа се прави во Музејот на современа уметност, и потоа да се добие дозвола од Управата за заштита на културното наследство за да биде изнесено делото од земјата. Значи, станува збор за рутина во односите со институциите, што не значи дека тоа треба да биде доминантниот модел, напротив. Современ и посакуван модел на односи меѓу јавните институции во културата и приватните субјекти е да се остварува интеракција во која до израз доаѓаат флексибилноста, динамичноста и иницијативноста на, во конкретниот случај, приватните галерии.
Кои се досегашните најзначајни активности и достигнувања на галеријата ГРАЛ на полето на презентацијата на македонската уметничка продукција?
Отворањето на галеријата беше одбележано со групна изложба, на која учествуваа Петар Мазев, Глигор Чемерски, Филип Буловиќ, Илија Пенушлиски, Рубенс Корубин, Весна Бајалска и Мирослав Масин. Многу од овие автори ќе останат со галеријата со текот на годините и нивните дела се застапени и на оваа изложба. Галеријата продолжи редовно да организира групни изложби на кои се претставени уметниците со кои соработува, од кои најобемни во смисла на број на автори се групните изложби што ги организира секој декември. Меѓу нив како најдрага и најважна се издвојува изложбата што се одржа за Белата ноќ во 2013 година, под наслов „Галерија Грал и нејзините сликари“. Во 2008 година галеријата Грал организираше самостојни изложби на уметниците Клод Дервен и Жанета Гелевска Вељановска. Во 2014 година, Грал организираше голема добротворна изложба во галеријата на НЛБ Тутунска Банка, во соработка со Dobredojde Macedonia Welcome Cеntre.
Грал беше исто така и организатор на пристапната изложба во Руската академија на уметност во Москва на академик Глигор Чемерски во 2014 година. Истата година, како најава на големата изложба во Москва, во галеријата Грал во Скопје беше организирана една помала изложба, која претставуваше селекција од делата предвидени да бидат претставени во Москва, под наслов „Во јадрото на Балканот – раката гледа“. Изложбата што беше претставена во Москва, во организација на галеријата Грал, во јануари 2016 во соработка со Бугарската академија на науки и уметности беше претставена и во Софија, а во мај 2016 година и во галеријата на Српската академија на науки и уметности во Белград.
Колку Скопје до денес успеа да се задржи во фокусот на светското внимание, по она добиено како резултат на разурнувачкиот земјотрес?
Бидејќи уметноста е плод на своето време, логично е во неа да се отсликаат условите во кои таа се формира. Тоа така неминовно и се случува. Во периодот од изминатите 55 години од земјотресот до денес, Скопје и Македонија поминаа низ многу турбуленции и промени, меѓу кои и клучни историски пресвртници. Теснењето на физичките граници значи, ми се чини, истовремено и теснење на нашите мисловни граници, но и теснење на кругот на влијание. Минатото е добро да се анализира, ама добро е и да се гледа напред. И покрај тоа, возможно е токму како реакција на лошото време да се појави нова сила што се спротиставува. Нема причина за ламентација. Мислам дека уметноста може да се размножува таму каде што за тоа ќе се создаде тло. Важно е да се работи, и покрај условите, да се искористат сите можности за дијалог. Само така тој може да се продлабочи.
[URIS id=1965]
Дали градот на солидарноста денес е солидарен со своите уметници?
Скопје е град со чудна енергија, жилавост и моќ. Иако е мал, а тоа се чувствува и во културниот простор што го отвора, тој чува во себе џебови на фантастичен креативен набој, кој повремено наоѓа начин да избие токму кога е најпотребно. Тие изблици инспирираат и храбрат, отвораат и создаваат нови места, ново тло за комуникација и дијалог. Добро е тоа да се препознае и да се негува, а добро е и што постојано, можеби не со иста јачина или иста природа, но во Скопје се појавуваат иницијативи што ја имаат свежината, еланот и енергијата да ја носат работата напред. Начините на кои тоа го прават се за поздрав бидејќи ентузијазмот и посветеноста се клучни за опстанок во една средина која сè уште ја нема потребната инфраструктура за нивното системско одржување. Секако дека може да биде и подобро, но тоа е секогаш така. Мислам дека Скопје ќе биде во ред.


