Прво улица Милан Младеновиќ, па сега спомен-обележје (скулптура) Милан Младеновиќ… Па филм, па… Многу често влегуваме во произволен заклучок дека браќата Срби се исти како нас и не го ценат она што го имаат како модерна и непосредна култура. Тоа очигледно не е точно. Милан Младеновиќ е дел од револуционерниот трилинг наречен Шарло Акробата и фронтмен на еден од најрелевантните jугословенски бендови на сите времиња, „Екатерина Велика“ (ЕКВ). Тој е еден од најдобрите поети и музичари на својата (и не само својата) генерација и воопшто една од најхаризматичните личности што ги произведе брилијантниот културолошки микс на СФР Југославија. Изданок на едно време, во кое креативно се измешаа релативната благосостојба и збунувачката слобода, извојувани од јужнословенските народи во Втората светска војна. Господинот Младеновиќ одигра една од главните улоги во југословенскиот нов бран од 80-тите години на минатиот век, чии уметнички дострели и креативни врвови нема да бидат ниту начнати овде во следниве децении. Слушан, почитуван, славен и воздигнуван на ниво на божество ширум целата поранешна татковина, овој екстраординарен лик прерано ја напушти оваа димензија на 36-годишна возраст, губејќи ја борбата со ракот на панкреас, во сега веќе далечната 1994-та. Наскоро во вечните ловишта му се придружува и остатокот од јадрото на „ЕКВ“ (Маргита Стефановиќ, Бојан Печар), заокружувајќи една трагично прекината младост и селејќи се во легендите. Токму тоа се овие луѓе денес: легенди. Легенди на современата југословенска и српска култура. Нивните имиња красат улици, плоштади, спомен-обележја, книги. Нивните животи, дела и влијание се преиспитуваат и се вреднуваат одново и одново, за да се зацврстат во стамена историја на уметноста на нашиве простори. Токму тука се подвлекува разликата во гледањето на современата уметност помеѓу нашите северни соседи и нас, така блиски, а толку далечни едни од други.

Деновиве во нашиот град, во рамките на фестивалот за музички документарен филм „Скопје синема сити“, гостуваше филмот „Као да је било некад“ по сценарио и во режија на реномираниот српски (југословенски) писател, господинот Душан Весиќ. Станува збор за човек кој е жив сведок, активен учесник и длабок познавач на југословенската рок-сцена, уште од 70-тите па наваму. Една од најпознатите и најрелевантни книги напишани за неповторливиот рок-феномен на овие простори „Бијело дугме, Шта би дао да си на мом мјесту“ е негово дело, а деновиве објави уште еден пишан артефакт, книга посветена на Маргита Стефановиќ од „ЕКВ“. Популарната, талентирана и прекрасна Маги и самата таа еден од клучните ликови на сцената од тоа време, е мошне интересна и сериозна тема на проучување по сите параметри. Познавајќи го квалитетот и сериозноста на авторот, не се сомневам дека ќе биде вредно четиво и со силна историска релевантност. Проекцијата на неговиот филм „Као да је било некад“ (Како да било некогаш) беше извонредно посетена и успешна, а PopUp го искористи присуството на господинот Весиќ во нашиот град за да му постави неколку прашања околу неговите активности на оваа тема.

Ја прочитав Вашата книга за „Бијело дугме“. Делува дека сте имале неверојатно директен пристап во интимата на најголемиот југословенски бенд на сите времиња. Како до таа блискост и директен однос со југословенската рок–сцена, за која се чини сте извонреден познавач?
За мене „Бијело дугме“ беше важно. Пред нив, младите генерации одвај чекаа да пораснат и да станат исти како нивните родители. Тинејџери во Југославија постојат поради „Бијело дугме“. Тоа е првата музика што мојата генерација ја препозна како навистина своја и која не е по вкусот на нашите родители, туку е по наш вкус. Потоа „Бијело дугме“ некако цело време „се лепеше“ за мене, понекогаш и спротивно на мојата волја. Како дојде до таа блискост? Лесно. Бреговиќ и јас отсекогаш сме размислувале слично, па лесно се препознавме.
Сега книга и за Маги (Маргита Стефановиќ, „ЕКВ“). Како ја познававте неа, кој е ракурсот?
Душан Весиќ: Се познававме. Израснавме во ист град, одевме по истите улици, се дружевме со истите луѓе. Се сакавме и се почитувавме. Приказната околу нејзината трагична судбина доби премногу различни интерпретации, а јас само сакав да напишам што и како навистина се случи, со намера да се спречат сите евентуални злоупотреби на нејзината трагедија.

Знаете ли за „ЕКВ“ толку многу како за „Бијело дугме“? Можете ли да нафрлите неколку зборови од Ваш агол за нашите читатели?
„Бијело дугме“ ги познавав повеќе и подолго. Не бев така близок со другите членови на „ЕКВ“ како со Маги. Потполно сум фасциниран дека денешната нова, млада публика, ги препознава „ЕКВ“ како свој генерациски бенд. Тоа е совршено добар доказ дека нивната музика и поетика имаат трајна уметничка вредност.
Разговорот го водеше Мирко Попов

