Јасните линии и величествените форми на препознатливата архитектура на Дубаи се предмет на серијата фотографии наречени едноставно „Dubai, UAE“, дело на германскиот фотограф Бјорн Вит. Иако градот е познат по својот хоризонт од натрупани облакодери што се издигнуваат до вртоглави височини, Вит успева да ги оддели зградите една од друга, да ги постави на чиста заднина, дозволувајќи ни да се фокусираме на сите минијатурни детали и да ѝ се восхитуваме на индивидуалната убавина на секоја конструкција. Преку неговото дело можеме да го видиме Дубаи од минималистичка гледна точка и да направиме своевидна визуелна пауза од незапирливиот раст на оваа пустинска метропола. Некои дури веќе побрзаа да констатираат дека оваа фотографска серија на Бјорн Вит е инспирирана од популарната игра SimCity од крајот на деведесеттите.