По повод 14 години постоење, „SureShotz Entertainment“, во соработка со Младинскиот културен центар, го најавуваат еден од најквалитетните хипхоп-диџеи и продуценти на сите времиња, Jazzy Jeff. Настанот „МКЦ шизи“ ќе се одржи на 22 октомври (понеделник) во денсинг салата на МКЦ со почеток во 21:00 часот.
Jazzy Jeff е еден од оние диџеи чие име прво ви паѓа на памет кога помислувате на хипхоп и забава во исто време. Оваа легенда на хипхоп-културата е родена пред 53 години во Филаделфија, каде што на 10-годишна возраст првпат се среќава со магијата на грамофоните. Во младоста, на почетокот на својата кариера, работел како „bathroom диџеј“, забавувајќи ја публиката во локалните клубови, кога „resident диџеите“ оделе на пауза во тоалет. Тоа за него не претставувало проблем бидејќи го користел секој момент за да работи на својата техника. За себе вели дека токму таа работна етика во младоста била пресудна за да прерасне во пионер на „transformer“ и на „chirp scratch“ техниките, кои првпат ги среќаваме во 1998 година во мегахитот „Gettin’ Jiggy Wit It“ на Will Smith.
Тие двајца се запознале на приватна забава во 1985 година и веднаш започнале да работат заедно под името Dj Jazzy Jeff and The Fresh Prince, нешто што подоцна се покажува како пресврт во кариерата на Jeff. Веќе наредната година ја освојува наградата „Dj Competition“на New Music Seminar и потпишува договор со продуцентската куќа „Word Up Label“. Како дуо во својата 10-годишна кариера објавуваат пет студиски албуми, а ќе останат запаметени по тоа што се првите рап-артисти што освоиле „Grammy“ (1989).
По распадот на бендот (Jeff и Smith сè уште се многу добри пријатели и работат на заеднички проекти), тој се посветува на својата продуцентска куќа „A Touch of Jazz“, преку која помага во развојот на кариерите на голем број квалитетни музички имиња, меѓу кои Eminem, Jill Scott, Musiq Soulchild, Jewel, The Roots, Talib Kweli, Rhymefest и други. Покрај со нив, во текот на својата кариера соработувал и со De La Soul, Dj Cash Money, Method Man, CL Smooth, Big Daddy Kane и Raheem Devaughn. Оваа година беше актуелен како еден од судиите на натпреварувaњето „RedBull Thre3Style“, а во понеделник за првпат ќе се претстави пред скопската публика.

