Фотографиите на Диме Данов можат да се доживеат како суптилно патување низ необичниот лавиринт на секојдневието во кој сè ви е познато, а ниту една глетка не ви е очекувана. Зрачат со смиреност и го предаваат оригиналното чувство на припаѓање дома, без претенциозно претставување на нешто што не сме, искрено и сталожено раскажувајќи го искусеното во прво лице, во својата најчиста форма.
Запрашан за суштината на неговата фотографска работа и чувството што фотографијата како медиум го буди кај него, Данов вели:
„Секаде има фотографија. Тоа е првото нешто што се учи. Исто така, се учи и дека колку подобар стануваш во тоа, толку повеќе убавина гледаш, и сè повеќе вистина во тоа наоѓаш. Можеби најдобриот правец за да се најде таа убавина е во уличната фотографија, кога не постои можност за било каква контрола на субјектите, единствено треба да се гледа и бара по тие ефемерни моменти на убавина.“