Диџеите и плажите отсекогаш биле совршена комбинација. Не е важно дали станува збор за Sonus и Hideout фестивалите на Паг или Dimensions во Пула, Ultra Music во Мајами, Electrobeach Music Festival на францускиот брег на Ле Баркарес, она што им дава посебна привлечност на сите овие помали и поголеми музички настани е одличниот звук, песокот, авантурата, пливањето, сурфањето… Кој има нешто против долгите диџејски сетови на плажа и фантастичните забави на брод до изгрејсонце? 🙂 Еве мал избор незаборавни сетови на плажа, со најголемите имиња во светот на електронската музика 🙂
Tiësto на плажата Ипанема во Рио де Жанеиро
Да, Ипанема од боса-нова песната на Jobim. На оваа плажа во Рио де Жанеиро, во 2007 година Tiësto успеа да собере 200 000 фанови. Овој масовен бесплатен концерт беше дел од неговата турнеја „Elements of Life World“, со која го поткрепи албумот „Еlements of Life“.
Fatboy Slim на плажата во Брајтон
На второто продолжение од Big Beach Boutique концертот организиран од Fatboy Slim во 2002 се очекувале околу 60.000 луѓе, а дошле четирипати по толку, што резултирало со хаос. 250.000? Тоа е двапати по бројноста на вкупната популација во Брајтон 🙂 После овој масовен настан, властите во градот одлучиле да воведат стриктни правила за бројноста на концертите под отворено небо.
https://www.youtube.com/watch?v=SDLKLZcRtN8
David Guetta во Café Mambo на Ибица
Во август 2017 легендарниот диџеј David Guetta имаше ексклузивен настап за BBC Radio One на плажа на Ибица пред многубројни фанови. Сетот се одржа среде бел ден, давајќи им можност на присутните да уживаат во добрата музика и во убавата морска глетка. На сетот, познатиот диџеј приреди музички времеплов со хитовите што го искачија високо на светските топ-листи во изминатите години, какви што се: „Titanium“, „When Love Takes Over“ и „Without You“ feat. Usher. Тој изненади и со креативни ремикси, комбинирајќи ги прекрасните вокали од „Paris“ на „The Chainsmokers“ со миксот на „ Midnight City“ од Еric Prydz (почнува на 7:33 од видеото).
Armin Van Buuren на плажата во Pointe-Calumet
А и не мора да е во прашање морска плажа или фамозна дестинација како Рио, Мајами или Ибица. Еве, да го земеме за пример малиот град Pointe-Calumet во канадската провинција Квебек. Тамошниот Beachclub e топ-дестинација за фановите на електронската музика веќе 20 години. Armin Van Buuren e само еден од светски познатите диџеи што ја имаат преполнето езерската плажа на Point Calumet.
+ 2 Бонус музички случувања покрај вода:
Les Plages Électroniques е една од најголемите „забави на плажа“ во Европа и се одржува секоја година на градската плажа на фамозниот и стилски грандиозен Кан. На овие „електронски плажи“, три дена на златните песоци под медитеранското сонце, присутните имаат можност да се журкаат со суперѕвездите на хаус и техно музиката.
Лето, Барселона, плажа, песок, светски познати диџеи. Is this real? Да, Barcelona Beach Festival се одржува секоја година во вториот викенд од јули, на две сцени со поглед кон морето и два огромни подиума за играње поставени на самата плажа. Сето тоа се случува во Sant Adrià del Besòs, на само 20 минути од центарот на Барселона (идеја за темпирање одмор следната година?) 🙂

