Полскиот артист и графички дизајнер Давид Планета приредува необично искуство со серијата илустрации на кои се прикажани гигантски суштества во таинствена земја. Насловено како „Мини луѓе во џунглата“, ова дело ја истражува личната битка на авторот со депресијата, визуелизирајќи го неговото ментално патување во најмрачните моменти. Планета објаснува:
„Ова е приказна за човек што тоне во мракот и хаосот, трагајќи по себеси.“
Насекаде низ оваа серија илустрации се појавува мала фигура, веројатно претстава на самиот автор. Малата фигура талка низ маглив лавиринт и храбро се соочува со животните чии очи блескаат во застрашувачката џунгла и ја осветлуваат темнината. Се чини дека тие го водат низ длабоката џунгла „да ја пронајде својата внатрешна сила и светлина, и да се врати назад со неа“. Како што објаснува Планета: „Кога ќе осознае кој е, тој се враќа повторно назад, овој пат без страв. Повторно се враќа бидејќи тоа е дел од него. Тоа е дел од човечката природа што не може да се игнорира. Мора да се запознаете со сите делови од животот, со мракот и со темнината.“
И покрај тешкотиите при справувањето со депресијата, Планета успеал да ги пренасочи своите чувства во креативност. Тој вели: „Не е лесно да се справиш со депресијата, но ако се обидеш да не размислуваш за неа како за слабост, тогаш можеш да ја претвориш во нешто брилијантно. Тоа сакам да го постигнам со мојата уметност. Нештата што се трудам да ги претставам се мрачни, мистериозни и застрашувачки, но ако погледнете одблиску, ќе пронајдете возбуда, страст и радост. Само отворете ги умовите и погледнете.“