Што е фотографијата ако не портал кон интимниот свет на немирното набљудувачко око кое трага по вистината и убавината? Во „фотографската работилница“ на Дарко Стојковски влеговме без прашање, со намера да ја затекнеме уметничката вибрација во своето создавање и да ја прикажеме таква каква што е. Тој вели дека неговите фотографски почетоци како студент на социологија се резултат на средбата со делата на чешкиот фотограф Јозеф Куделка. Тоа може да се забележи на неговиот прв проект darkwhiterism, каде што уличната црно-бела фотографија со себе го носи духот на Куделка. Откако се презаситил од carpe diem моментот, Дарко се фокусирал на естетската и концептуална сфера на фотографијата, па така го започнал својот нов проект project.06. Во портретите на project.06 отсуствува социолошкиот набљудувачки феномен, а фокусот е повеќе врзан со артистичната експресија на фотографот. Како последица од тоа фотографиите на project.06 прикажуваат една скриена сензуалност и експлицитност.











