PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Дарко Алексовски: „Сегашно минато несвршено“

popup by popup
ноември 15, 2018
in Интервјуа
1
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Периоди од животите на три различни личности се измешани во најновиот проект на уметникот Дарко Алексовски наречен „Present Past Perfect / Сегашно минато несвршено“, замислен да го комуницира градењето на свеста на една личност и супстратот на нејзиниот емоционален живот што често бега од досегот на зборовите. Во досегашното уметничко портфолио на Дарко Алексовски можат да се сретнат низа интересни проекти, од кои особено внимание привлекоа визуелната студија за концептот на растење „Growing“ и серијата постери, партиципативни цртежи „Factories“ – проект посветен на напуштените фабрики во Велес по периодот на приватизацијата и нивниот скриен потенцијал. Најновиот проект „Present Past Perfect / Сегашно минато несвршено“ ќе биде изложен на 16 ноември (петок) во Галеријата на Факултетот за ликовна уметност. Овој проект беше причина да поразговараме со уметникот во обид да ги видиме најситните партикли искористени во креирањето и целиот негов поттекст.


Твојот најнов уметнички проект го доживувам како триделен дневник напишан со раката на искуствата и сеќавањата што меѓусебно се судирале, се спојувале и обликувале цел артистички универзум. Сегашноста и минатото се прелеваат во експлозивното формирање на една личност, а потоа завршуваат односно започнуваат во траењето на човечката емоција како константа што им се спротивставува на сите епохи, чувајќи си ја својата примордијална чистота. Во кој од трите делови најнеудобно и најтешко се смести Дарко Алексовски, таков каков што е денеска?

„Сегашно минато несвршено“ е проект со архивско-истражувачки аспекти, но во основа е биографски и автобиографски обид да се визуелизираат конкретни животни фази на три различни личности. Секако дека сите слоеви на проектот се преплетуваат и поклопуваат, но сепак можат да се издвојат како уметнички целини што функционираат сами за себе. Секоја од трите серии што го формираат проектот беше еднакво неудобна и возбудлива за развивање. Иако во поголемиот дел од проектот се занимавам со архивски материјали, тие сепак поминаа низ мојот „филтер“ и морав да се пронајдам во сите истовремено за да ги преведам со соодветен визуелен јазик.

Од временски аспект, најдолго ја развивав серијата „Љубовни писма на осаменоста“, бидејќи се дела со текст. Иако во изложената форма тоа се само седум релативно кратки текстови, тие поминаа низ многу белешки, избришани параграфи, верзии на англиски јазик, корекции и дообјаснувања. За секој посебен текст имам можеби по повеќе од 10 верзии, што само по себе беше голема количина, од која на крај требаше да се изведат деловите што на најдобар начин ја комуницираат иницијалната идеја на целиот проект.

Во проектот фигурираат различни перцепции за социјалниот конструкт „маскулинитет“ произлезени од опсервации во рамките на твоето семејство, посебно во етапата „Формирање“, што сугерира милитаризам и има референции на агресија. „Како може маж да биде маж ако нема служено војска?“ е само една од оние стереотипни забелешки за стриктно дефинираната машка родова улога во нашето општество. Како проектот се обидува да го визуелизира маскулинитетот?  

„Како може маж да биде маж ако нема служено војска?“ е нешто што интензивно го слушав до пред неколку години, од целата средина во која пораснав и во која сега живеам и работам. Во еден момент почнав навистина да се прашувам како оваа перцепција влијаела и сѐ уште влијае врз моите емоционални и рационални процеси. Маскулинитетот во проектот се појавува во различни состојби, во еден спектар од фигуративни и апстрактни појави, и како наративност која е флуидна и лесно преоѓа од една во друга форма. Во проектот маскулинитетот е перформативен и секогаш зависен од општествените и политичките услови во кои се наоѓа. Во оваа смисла, проектот не дава една конечна слика за маскулинитетот, туку го истражува како појавност и се обидува да го постави прашањето „што е она што сме научени да го перципираме како маскулинитет и која е неговата спротивност?“

Што изразуваат „љубовните писма на осаменоста“, ослободени од родовите и од хронолошките стеги?

„Љубовните писма на осаменоста“ произлегоа од еден долг интроспективен процес, емоционални подеми и падови, многу слушање музика, невозвратена љубов и чувството на осаменост што се појавува помеѓу овие состојби. Неадресирани и непотпишани, тие зборуваат за љубов, измешани чувства и емоции спрема конкретни личности, а пред сѐ се обид истите тие да се средат и да се преведат во зборови. Се разбира, ова во некои случаи е полесно, во некои потешко да се транскрибира, затоа и во самиот текст се оставени грешките при пишување. Од друга страна, тие се ослободени од родовите и хронолошките стеги за да ја адресираат универзалноста и еднаквоста на љубовта како состојба и се место во кое се надевам дека многу луѓе ќе се пронајдат.

Велиш дека партиципативноста со публиката ќе се оствари токму во епистоларниот дел каде што „љубовните писма“ ќе можат да се прочитаат. Зошто токму овде сметаш дека допирот со примачот на твојата уметност би бил најсилен?

Писмото само по себе како пишана форма, ја остварува својата функција кога ќе се прочита. Со тоа што писмата не се адресирани, тие имаат потенцијал да станат обраќање до секој што ќе ги прочита. Во последните неколку проекти, ме интересира текстот како уметнички медиум и во сите дела досега, вклучувајќи ги и овие писма, нема намера да се исчитува како литературно дело. Текстовите ги користам во замена за слики, односно во замена на визуелен приказ, и тој треба да создаде одредена слика пред оној што ги чита. Писмата од овој проект се и најинтимниот дел, па изгледаше најсоодветно тие да бидат оставени неврамени, односно во нивната неадресирана форма, во која ќе биде избришана дистанцата помеѓу делото и публиката.

„Сегашно минато несвршено“ остава впечаток на нешто што ќе трае перпетуално. Дали би му се навратил во некое идно време?

 Додека работам на поголем проект, кој го сочинуваат повеќе дела, целта ми е да биде во што позавршена форма кога е изложен. Тоа секако не значи дека наративноста на самиот проект не отвора нови насоки за развивање, но е речиси невозможно сите аспекти на една тема да се опфатат во еден проект. „Сегашно минато несвршено“ е проект што мислам дека во крајната фаза на развивање ми отвори повеќе прашања, отколку што ми одговори кога го поставував. Голем дел од архивскиот и уметничкиот материјал не влезе во финалната селекција, поради опасноста да се дефокусира од главната идеја. Во таа смисла, би му се навратил на проектот, бидејќи сум љубопитен како ќе функционира во различни форми од сегашните.

 

Јосип Коцев

фото: Елена Фиданска

Previous Post

„Не допирај ме“: Филм за (не)моќта на телото

Next Post

„Студена војна“: Филм за неподносливата тешкотија на љубовта

Next Post

„Студена војна“: Филм за неподносливата тешкотија на љубовта

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum