Со Dancers United веќе се запознавме (прочитајте го интервјуто со Сара Кочан овде) и воопшто не нè чудат одличните резултати што танцовото студио составено од танчари со Даунов синдром ги постигнува ширум светот. Најновата вест е дека на светското првенство во хип-хоп, тие го освоија првото место во паракатегорија. Вчера во Киелце, Полска, големиот успех беше означен со интонирање на македонската химна. Ана, Моника, Ена, Александар, Оливер, Христијан и Дарко се шампионите што застанаа под македонското знаме и докажаа дека можат да го направат и невозможното – возможно.

Македонија треба да се гордее со овие танчари и со Dancers United, кои ги отворија вратите за нив и веќе 5 години уриваат бариери и освојуваат европски и светски титули во различни категории. Тие ги држат титулите европски шампиони во латино-шоу јуниори (деца со типичен развој) како и европски шампиони во повеќе паракатегории, освоени годинава во мај. Тие праќаат голема благодарност до сите што ги поддржаа, до кореографот и тренер Виолета Балшевска и секако до главните виновници за нивните постигнувања, Нермин и Сара Кочан.


