Петти, а прв, искусен, а нов. Вистинското место – in situ за оригиналното, новото и автентичното. Така накратко би го опишале овогодишниот Ин Ситу саем за уметност, кој ја презема водечката улога во изложувањето и претставувањето новитети во уметноста, дизајнот, архитектурата и креативните индустрии, како продолжение на она што досега беше Паратисима Скопје. За првпат во своето ребрендирано издание, Ин Ситу досега може да се пофали со претставување на повеќе од 450 автори учесници од 39 земји, и импозантна бројка меѓу 5 и 7 илјади посетители на минатогодишното издание. Неговите организатори велат дека целта на Ин Ситу е да обезбеди столб за раст и развој на современите и конвенционални формати на изразување и оти е инклузивен во својот пристап и ексклузивен во своите изведби. Токму оваа противречност произлегува од убеденоста дека само преку спојување на непредвидливото може да се обезбеди простор за прогресивна културно-уметничка сцена. Ин Ситу ќе биде отворен в четврток, на 13 септември, во МКЦ, со диџеј-сет на Зоки Бејбе и гостување на 33.10.3402 од Белград, а ќе биде затворен в сабота, со диџеј-сетот на Илина Ангел и Марко Рикалоски. Информации за Ин Ситу побаравме и добивме од прва рака, преку разговорот со организаторката на саемот, Бојана Стојменовска.
Какво искуство зеде Ин Ситу од Паратисима и го применува за ова прво свое ребрендирано издание?
Изминатите четири години и изданија од саемот што се водеше под името Паратисима Скопје, несомнено беа, пред сè, мотивирачки и инспиративни бидејќи основавме прв настан од овој вид и со таа димензија, но најмногу од сè беа поучни да созрее идејата за ребрендирањето во Ин Ситу на петтото и прво јубилејно издание на саемот.

Искуството да се биде дел од европска мрежа на саеми на уметност како што е Паратисима е бесценето и навистина беше корисно, меѓутоа македонската културно-уметничка сцена има поинакви приоритети, тешкотии и предности, кои бараат поинаков одѕив, одговорност и насоки за развој.
Секако ќе го задржиме стекнатото искуство како темел, но врз него ќе градиме нови искуства што ќе се кројат по мера, пред сè, на потребите и на интересите на националната сцена, но во чекор и соработка со меѓународната сцена.
Сметам дека дојде време Скопје да има свој саем на уметност кон кој ќе се труди да ги привлече талентираните уметници од градот, земјата и од странство, со цел да придонесе во развојот, обликувањето, интернационализацијата и промоцијата на локалната уметничка сцена и творештво.

Какви содржини ќе понуди саемот и кој сè ќе се претстави на него?
Саемот на уметност Ин Ситу годинава застапува три програмски целини, а тоа се визуелни уметности, дизајн и архитектура. Форматот на изразување во секоја од трите целини не е ограничен и тоа ја предизвикува иновативноста и експерименталноста кај учесниците.
Програмата на овогодишното издание е и богата и разнолика, па поради тоа и појасно структурирана:
- Во In Emergence претставуваме 27 домашни и странски автори, чија видливост ја предизвикуваат ликовната сцена. Оваа категорија е програмски најголема и е темелот на Ин Ситу во својата цел да придонесе кон развој на сцената.
- Со In Established започнуваме со концептот на „изложба во изложба“ и претставуваме 10 автори поканети од кураторката Ана Франговска да одговорат на поставената тема „Структури на постоењето / летот на пеперутката“. Сите поканети автори се учесници од претходните изданија на саемот.
- Преку In Design претставуваме 13 автори што работат во доменот на применетиот дизајн, чии производи се спротивставуваат на културата на масовното индустриско производство. Оваа поставка е курирана од Драган Христов.
- Во In Architecture ги претставуваме Фала ателје од Порто, Португалија, со предавање и архитектонска изложба и ФАКТ од Берлин, Германија, со предавање. Оваа програма е курирана од Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.
- Во категоријата In Collaboration соработуваме со 48 Stunden Neukölln за да претставиме 6 автори од Берлин, Германија.
- Во In Spotlight ги претставуваме Креативен викенд, со првото издание на месечникот „Артзин Ск“.

- Во In Tune поддржано од Златен Даб, Pop Up и во програмска соработка со Longbus, претставуваме две музички вечери. В четврток на 13 септември, со диџеј-сет ќе настапат Зоки Бејбе и Ненад Марковиќ – 33.10.3402 од Белград, Србија, додека в сабота на 15 септември настапуваат Илина Ангел и Марко Рикалоски.

Ин Ситу предвидува и еден вид компетитивен дел, во чии рамки ќе бидат селектирани учесници што ќе бидат наградени на саемот. Раскажете ни нешто повеќе околу тоа.
Една од основните цели на саемот е да ги поддржи растот, развојот и интернационализацијата на македонската културно-уметничка сцена. Токму затоа најважниот програмски дел од Ин Ситу е оној што се спроведува преку отворениот повик за учество на автори за кои нема селекција – секој што ќе се пријави, учествува на саемот и се изложува. Селекцијата на Ин Ситу пристигнува отпосле и се спроведува преку тричлена жири-комисија, која секоја година се менува. Годинава во жири-комисијата учествуваат Небојша Вилиќ, Ана Ивановска-Дескова и Мартин Штефенс. Тие ќе направат селекција на автори што ќе бидат наградени со учество на 48 Stunden Neukölln во Берлин, Германија.
Дополнителната селекција на наградени автори е секогаш во соработка со локалните галерии, изложбени простори и уметнички колективи, па така годинава селекција на наградени автори ќе направат и МКЦ, Акантус галерија, Концепт 37 и Креативен викенд.

Каков фидбек очекува Ин Ситу од глобалната сцена на архитектурата, уметноста и дизајнот?
Засега фидбекот е одличен бидејќи во изминатите четири изданија помеѓу 450 автори што учествувале на саемот сме имале учесници од вкупно 39 земји, а оваа година на отворениот конкурс од 27 учесници имаме 10 меѓународни автори од Холандија, Косово, Србија, Тајван, Шведска, Белгија, Германија, Франција, Италија и од Австрија.
Очекуваме и се стремиме кон сè повеќе меѓународни соработки, а самата отвореност на саемот кон учеството на меѓународни автори и можностите и условите што се нудат за изложувачите, придонесуваат кон раст на интересот за македонската сцена од страна на глобалната. Во еден дел, тоа што досега било неоткриено што нуди македонската сцена, ја прави неа уште повеќе „егзотична“ и интересна во глобални рамки – тој аспект го земаме како предност и предизвик, наспроти проблем и пречка.

Каква е замислата и проекцијата за следните изданија на Ин Ситу? Имате ли некаков голем сон за саемот што би сакале да стане реалност?
Годинава „claim-от“/мотото на петтото издание е „Повлечи линија“ (Draw the Line) како заклучок, но и како почеток бидејќи одлучивме да зачнеме голем број новости покрај кои и ребрендирањето. Би можела само да потврдам дека ќе „повлечеме линија“ секојпат кога ќе сметаме дека тоа е корисно, потребно или неопходно. Големиот сон е составен од многу разни сништа, а нивното остварување во реалноста е колективна одговорност и волја; ние се надеваме дека ќе имаме верно друштво додека го водиме патот кон нивното остварување.

