Берлин, градот што пред повеќе од 15 години го доби слоганот „Arm, aber sexy“, што во превод би значело „сиромашен, но секси“, секојдневно нуди нова авантура.
И 100 години да живееш овде, пак ти е непознато. На секое излегување од своето маало, доживуваш нов град, нова приказна. Пред секое користење на јавниот превоз, ја гледаш мапата како да стигнеш до посакуваната дестинација, се губиш низ уличките и оп – некое ново местенце. Секојдневната понуда на настаните низ градот е толку голема што мораш да го контролираш внатрешниот стремеж да видиш сѐ, да посетиш сѐ, да искусиш сѐ.
Берлин има магична аура – и да си турист, се чувствуваш како дома; и да живееш овде, се чувствуваш како турист; и да заминеш одовде, повторно би се вратил. Еве само неколку посебни места, кои мора барем еднаш да се посетат.
Strandbar Mitte

Идеална локација за кулирање во летните ноќи, директно на реката Шпрее. Лежалки, песок, палми, поглед на музеите, кои се наредени еден до друг на таканаречениот остров на музеи. Во заднина се слуша музиче и чекори во ритамот на танго, салса, чачача или, пак, гласови на глумците што играат класични театарски претстави под отворено небо во театарот „Monbijou“. Лабава атмосфера среде град, под јасното сино небо на Берлин.
Prater Garten

Најстара пивница во Берлин, која постои од 1837 година. Во тоа време се наоѓала на самата периферија на градот, денес е во центарот на еден од најпосетените делови во Берлин. Првично овде се одржувале театарски претстави, а во 1996 година е отворена денешната пивница. На долги дрвени маси и клупи за седење се пие точено пиво во кригла. Разговорите со пријателите завршуваат во доцните ноќни часови поради опуштениот и удобен амбиент со домашен флер.
C/O Berlin

C/O Berlin е првата културна институција во Берлин посветена конкретно на фотографијата, основана во 2000 година. Денес во C/O Berlin, кој се наоѓа во западниот дел на Берлин, се прикажуваат дела на интернационално познати фотографи какви што се Annie Leibovitz, Peter Lindbergh или Irving Penn. Кафулето сместено веднаш на влезот и уредено во едноставен модерен дизајн е идеално за мал одмор и преработување на импресиите со добро кафе и мала закуска. Посетата во C/O Berlin задолжително се завршува со купена книга од малата книжарница, во која се сместени книги од областа на фотографијата.
Tempelhofer Feld

По затворањето на аеродром Flughafen Tempelhof пред повеќе од 10 години, местото почна да се користи како рекреативен парк. Поради огромната површина важи за најголем парк сместен во внатрешноста на еден град во светот. Долгите авионски писти се идеални за возење велосипед, за возење ролери или, пак, за џогирање, а зеленилото покрај пистите за релаксирање. На ова место имаш чувство дека небото, широчината и слободата се бесконечни.
Weinerei

На ќоше, на уличе, на ритче се наоѓа вино-барот „WEINEREI“. Преку ден локалот личи на вообичаено кафуле, а навечер се претвора во вино-бар со домашен амбиент. Ентериерот е во стил на огромна дневна соба, со удобен стар мебел дониран од блиските соседи. Концептот „плати колку сакаш“ за вино по 20 часот е зачудувачки за многумина при првата посета. Се плаќа еднаш за изнајмување чаша за вино и се дополнува по желба. Пред напуштање на локалот, сам проценуваш колку треба да платиш. Покрај вино се нуди и храна, но мени нема. Готвачот секое утро според своето расположение одлучува што ќе готви. Пристојните цени и невообичаениот концепт го прават овој локал уникатен.

Наташа Стојковска

