Unkle или U.N.K.L.E е британски бенд основан во 1992 година од школските другари James Lavelle и Tim Goldsworthy, категоризиран како трип-хоп група што во текот на своето творење ќе соработува со најразлични звучни имиња какви што се DJ Shadow, Thom York, Јапонецот Major Force, Mike D од Beastie Boys, Jason Newsted од Metallica, The Verve итн.
Како и секој бенд, и Unkle минува низ творечки, но и индивидуални фази на своите членови, фокусирајќи се на квалитетот пред квантитетот, успешно избегнувајќи го излевањето кон комерцијалната музичка сцена.
Во јануари 2008 година, Unkle го објавува „More Stories“, содржејќи ремикси, необјавени песни од албумот „War Stories“ и музика за филмот „Odyssey in Rome“. Истиот месец, Richard File објавува дека го напушта Unkle по 10 години соработка за да продолжи со работата со својот нов бенд, We fell to Earth.
За тринаесет години Unkle објавува само три албуми. „War Stories“ е потсетник дека и покрај тоа што најголем дел од својата творечка енергија ја насочуваа во ремиксување туѓи дела, James Lavelle и Richard File се еднакво талентирани самите да создадат нови и квалитетни песни.

Како еден од факторите за успехот на Unkle се смета дека е способноста на членовите да ги убедат некои од врвните светски вокали да пеат на нивни песни; ова е едно од најсилните „оружја“ на бендот – да го спојат вистинскиот вокал со најсоодветните инструменти и на таа синергија да ѝ направат централно место во својот музички белег. Речиси низ секоја нивна песна прозвучува индивидуалност, но сите еднакво припаѓаат под карактеристичниот Unkle музички чадор.
„War Stories“, албумот што жанровски за нијанса отскокнува од нивните претходни, на својствен начин ја следи оваа практика. Доколку наидете на фанови на бендот, несомнено ќе се сретнете со тврдењата дека албумот го сигнализира секнувањето идеи на дел од Unkle, како и тоа дека бендот „игра“ на сигурно, обидувајќи се да им протне на фановите материјал што се темели на веќе проверена формула, но не е така; албумот „War Stories“ е разновиден, динамичен и возбудлив.
Карактеристиките се перципираат на прво слушање, тие се состојат во спојување на трип-хоп ритмите со рок-енергија што на албумот ја има во изобилство.
Главната критика е дека „War Stories“ е премногу силен во споредба со претходните музички приказни на бендот, и звучи уморно и познато. Но, албумот изобилува со богата разновидност за не дозволи да западнете во замката на ваквите тврдења. Постојат многу неочекувани пресврти во албумот, уникатниот моќен звук на „Chemistry“ е нова димензија на трип-хопот, додека „Broken“ со пејачот Clayhill Gavin Clark влече кон навредувачки поп со апсорбирачка енергичност.

