Велосипедските патеки Vision E3 во Берлин
Берлин годинава гради две велосипедски патеки над нивото на улиците. Патеките ќе бидат покриени, со цел да се регулира внатрешната температура и светлината (со помош на соларни панели на покривот) за да се подобрат условите за возење. На целата површина ќе се распоредат повеќе пунктови за изнајмување велосипеди за да примамат што повеќе возачи на автомобили да одберат возење велосипед за доброто на планетата. Патеката се вика Vision E3 Way и е дизајнирана во соработка со еден шангајски универзитет. Идејата е да се поврзат сообраќајните центри, трговските центри и подземните станици, а во овие подигнати затворени патеки ќе бидат добредојдени и возила со две тркала без штетна емисија на гасови.

Семи камионот на Тесла
Ако се има предвид дека секторот за транспорт има голем удел во емисијата на стакленички гасови низ целиот свет, новиот Семи камион на Тесла е вистински изум во вистинско време. Семи камионот на Тесла е побезбеден и поефикасен од сите дизел камиони што постојат на пазарот. За 30 минути може да се наполни за пат од 600 километри со новиот брз мегаполнач, достигнува 0-96 километри на час за пет секунди без прикачена приколка, 0-96 километри на час за 20 секунди ако носи 36 тони товар. Според компанијата на Илон Маск, Семи покрива поголема километража од дизел камионите за исто време, дизајниран е со поотпорна батерија што помага спречување штети при судир и му дава понизок центар на гравитација на камионот. Ветробранското стакло е отпорно на удари, а има и сензори што детектираат нестабилност и самостојно ги активираат сите сопирачки. Најизненадувачка карактеристика е внатрешноста на возилото, која е дизајнирана според спецификите на возачот. На пример, во кабината има доволно простор возачот да застане исправено. Наместо возачката позиција да биде налево, Тесла ја поставува централно, со цел возачот да има подобра видливост околу целото возило.

Мооtral – суплементот што намалува метан
Месната индустрија е одговорна за неверојатни 14,5% од светската емисија на стакленички гасови. Иако голем удел во оваа емисија има обработката на земјата, производството на храна и транспортот, за неа се одговорни и самите животни едноставно со своето постоење. На пример, кравите имаат сложен дигестивен систем, кој активно ја ферментира храната додека ја џвакаат, и притоа ослободуваат метан во околината. Метанот задржува многу повеќе топлина на Земјината површина отколку јаглеродниот диоксид, па затоа претставува важен дел од сложувалката на климатските промени. Суплементот за исхрана на крави „Мутрал“ (познат и како „Тесла за крави“) треба да ја промени ваквата состојба. „Мутрал“ е природен додаток составен од мешавина од лук во прав и цитрусни екстракти, кој треба да се воведе во исхраната на кравите и да ја намали количината на метан што тие ја произведуваат при дигестијата за цели 30%.

Тhe Ray – соларни автопатишта
The Ray во американската држава Џорџија е пилот-проект замислен како „регенеративен систем на автопатишта“, кој покрива 30 километри пат со соларни панели и ќе претставува жива лабораторија за производство на чиста енергија. Соларните панели ќе произведуваат енергија за функционирање на самиот автопат, од осветлувањето до полнењето на електричните автомобили што ќе се движат по него. Покрај автопатот ќе бидат засадени и растителни култури за биогориво, за да се тестира можноста за производство на храна во непосредна близина. На The Ray ќе бидат инсталирани привлечни звучни бариери, кои исто така ќе функционираат како соларни панели, а ќе бидат креирани и билборди од растителни материјали, со кои ќе се прочистува воздухот. The Ray е замислен како револуционерен проект што ќе вклучи инвестиции од неколку моќни компании и ќе послужи како модел за изградба на слични еколошки транспортни делници низ целиот свет.

Zoa – новиот органски материјал за производство на облека
Ако неодамна сте го посетиле MoMa во Њујорк, сигурно сте ја забележале уникатната графичка маичка, која не е изработена ниту од памук ниту од синтетички материјал. Материјалот е наречен „Zoa“ и има органско потекло, но во неговата изработка не се користи животинска кожа. Тимот на компанијата „Modern Meadow“, што стои зад „Zoa“, всушност произведува протеин идентичен на оној на колагенот на добитокот – протеинот што се наоѓа во кожата на кравата. Колагенот е главен структурен протеин кај сите животни и тој ја прави кожата силна и еластична. Тие велат дека произвеле тип на квасец што јаде шеќер и произведува колаген. Крајниот продукт е сурова биопроизведена „кожа“, која може да се бојадисува и да се обработува во зависност од замислата на дизајнерот. Од компанијата велат дека „Zoa“ не е замислена со цел да ја имитира кожата, туку дека станува збор за сосема нов материјал, кој е во согласност со светските заложби за заштита на животната средина.


