Имавме мошне плодна сезона на неработни денови, така совршено распоредени, што за секој неработен, добиваш 2 дена гратис викенд. Но, веќе е крај. Следува доооолга работна есен, во која од нас ќе се бара максимум концентрација и посветеност. Значи, треба брзо да се вратиме во шема. Што би помислиле ако за таа цел ви предложиме средновековна техника за заспивање, која ја применуваат и во американските подморници, и успева за неколку минути да ве врати во форма? Можеби не е нешто магично, но изгледа како одличен начин да се релаксираат вашето тело и мозок. Иако звучи како табу-тема за која никој не се обидува ни да разговара на работното место, сепак 5 минути посветени на релаксација на умот и на телото на работникот, не би требало да претставуваат голем проблем за работодавачите. Напротив, (телешоп нарација) за само 5 минути добивате нов и свеж работник, на средина од работниот ден. Сè што треба работникот да направи во тој период од неколку минути е да ги следи следниве инструкции:
- Бидејќи ретко кое работно место дозволува поинаква опција од столче, пробајте нозете да ги исправите што е можно понапред и да се истегнете приближно до најприродната поза што ја заземате кога сте в кревет.
- Третирајте го вашето лице како епицентар на емоциите. Вдишувајте и издишувајте длабоко сè додека не се релаксираат мускулите на лицето, вклучувајќи ги и вилицата и мускулите околу очите.
- Спуштете ги рамената колку што можете подолу. Потоа, опуштете ја десната рака (доколку сте деснак) на десната страна до вас, а потоа повторете го истото и со левата.
- Постојано вдишувајте и издишувајте длабоко.
- На крај опуштете ги нозете. Прво колковите, а потоа продолжете надолу во должина на сите мускули на нозете. Ова приближно би требало да ви одземе околу минута и половина.
- Потоа, посветете си 10 секунди за да си ги избистрите мислите.
Бад Винтер, креатор на оваа програма за релаксација, предлага избор од неколку ментални слики:

- легнати во кану на мирно езеро и сино небо над вас или
- стуткани во темно кадифено ќебе во лежалка во темна соба.
Звучи неодоливо, нели?
Следејќи ги инструкциите, за околу 2 минути вашето тело максимално се опушта и сонот доаѓа. Секако, секое тело реагира различно и вие самите знаете што точно му е потребно да се додаде или да се одземе од чекорите. Она што е најважно во случајот е да се изборите за „вашите 5 минути“ на работното место, кои одат во прилог на целата компанија.


