Нина Симон за џезот вели дека тој не е само музика, туку дека е начин на живот, начин на суштествување, начин на размислување. И навистина, патувањето на „американската класична музика“ низ светот беше долго и успешно ги апсорбира различните националности и култури, нивните специфични музички одлики, разгранувајќи се во колоритен музички пејзаж со многубројни подвидови. Скопје му се приклучува на тоа музичко патување веќе 37 години и во текот на неколку октомвриски денови од годината е домаќин на најзвучните имиња од светската џез-сцена.
И оваа година, организаторите најавуваат богата програма на Скопскиот џез фестивал, кој ќе се одржи од 18 до 21 октомври во Македонската опера и балет и во Младинскиот културен центар. Заедно со „Златен даб“ како официјален пијалак на фестивалот, преку својата ексклузивна, уникатна и храбра програмска ориентација, Скопскиот џез фестивал ветува вистинска сензација од звуци и доследност кон својот веќе изграден стил. Во прилог на тоа зборува фактот дека речиси сите концерти од програмата на фестивалот се специјални, односно не се вклучени во турнеите на музичарите. Исклучок е концертот на David Murray Quartet со Saul Williams, кој ќе го означи стартот на нивната европска турнеја.

Најдобриот британски џез-пијанист денес, Alexander Hawkins, доаѓа од Лондон во Скопје само за еден пијано џез-рецитал. Иновативниот гитарски херој Arto Lindsay пристигнува од Рио, каде што живее кога не живее во Њујорк, а во Скопје ќе му се придружи извонредниот норвешки тапанар Paal Nilssen-Love, еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении.

Од Њујорк доаѓа веројатно најзначајниот и најкреативниот жив музичар во светот денес, трубачот Wadada Leo Smith, за единствена европска аудиовизуелна изведба на неговото ремек-дело, „Reflections and Meditations on Monk“. Ексклузивен европски настап ќе има и култната њујоршка тројка Harriet Tubman, предводена од еден од водечките светски џез-гитаристи, Brandon Ross.
Специјален гостин на фестивалот е некогашниот фронтмен на култните Sonic Youth, гитарскиот гуру Thurston Moore, една од највлијателните, најинспиративните и најреспектираните фигури на денешната музичка сцена.

Со ексклузивни концерти ќе се претстават и младата скандинавска сензација, данската саксофонистка Mette Rasmussen, уникатниот многуброен женски вокален состав Trondheim Voices, со својот впечатлив аудиовизуелен перформанс, како и специјалното трио на многу фалената португалска трубачка ѕвезда Susana Santos Silva со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Ab Baars и со најдобриот џез-перкусионист во 2018 година според списанието „Down Beat“, чикашката легенда Hamid Drake. Од Финска, пак, за еден концерт доаѓа возбудливото и динамично џез-трио Mopo.
Последната фестивалска вечер е резервирана за Тони Китановски. Одбележувајќи ја 30-годишнината од почетокот на своето музичко патешествие, тој ќе настапи прво со својот најнов проект, квинтетот Panda 5, промовирајќи го во живо новиот албум „Big City Scare“, а во вториот дел ќе му се придружат некои од неговите најзначајни музички пријатели и соработници: Американците Jon Sass (туба) и Dave Wilson (саксофон), Перуанецот Piero Epifania Osambela (кахон), како и добропознатите балкански ѕвезди Васил Хаџиманов (пијано) и Асан Рашит (труба).
Скопскиот џез фестивал му ја доделува годинашната награда „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар на Филип Димишковски, а во рамките на придружната програма тука се и отворањето на изложбата „Духовите на Африка – ритуална западноафриканска уметност“ во соработка со Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност во Белград, како и промоцијата на Манифестот на Европската џез-мрежа (Europe Jazz Network) за родова еднаквост во џезот и креативната музика.

Навистина е време за џез! И тоа каков џез. Се гледаме во МОБ и во МКЦ од 18 до 21 октомври!

