Кратко пред да го објават албумот Dummy пред дваесет и четири години од сега, Portishead објавува два сингла, кои ни одблизу не го најавуваат ниту, пак, го предвидуваат успехот на албумот што ќе следува, бидејќи бендот не е гигант и нема искуство со свирки во живо. Бендот, се чини, беше последниот што се надеваше на успех од таков размер, група што одвај можеше да се нарече бенд на традиционален начин.
Основната постава на бендот во тоа време ја сочинуваат 22-годишниот фан на хип-хопот Geoff Barrow, 37-годишниот Adrian Utley, џез-гитарист што упорно се обидува да најде излез од дваесеттиот век, и 29-годишната Beth Gibbons, која пораснала на фарма и дотогаш имала многу мало искуство во пеење на сцена. Па сепак, овие неверојатно талентирани и музички усогласени луѓе ни го носат албумот Dummy каде што не постои звук или слог што е на погрешно место или не се вклопува. За цели 50 минути колку што трае, тој одржува единствено и сеопфатно расположение. Десетте песни се обоени во noir mood, кој истовремено предизвикува чувства на задоволство и на очај.

Денес Dummy e неизбежност доколку сте фан на музика со трајни вредности. Нивниот звук е толку совршено изведен, што е во склад со тенорот на своето време, и на некој чуден начин го омаловажува чистото доживување на тоа како веројатно звучел кога сме го слушнале за првпат. Точно е дека Dummy носи ехо на многу албуми од претходните години, незанемарливото влијание на Mazzy Star and Cocteau Twins, хип-хоп влијанијата на Eric B. & Rakim, етеричноста на Julee Cruise, додека по маргините прелетуваат влијанијата на PJ Harvey. До 1994 година вибрациите на полноќта веќе беа збогатени со звуци на десетици албуми, кои претежно се консумираат во хоризонтална положба (не додека одморате туку додека водите љубов), но Barrow ја негира поврзаноста со таа сцена, велејќи дека амбиенталната музика никогаш посебно не му се допаѓала, остро критикувајќи ја и банализирајќи ја до едноставност чил-аут мелодиката, за која сметал дека се состои од едноличен звук од синтисајзер на кој му се додаваат овчи блеења.
Dummy е непроценливо музичко богатство и денес, комплетна приказна што се одвива толку интимно и автентично кај секој слушател. На прво слушање можеби тешка, мелодијата влече носталгија кон златната доба на Холивуд, истовремено се расфрла со очајот на бристолската авангарда и новите ветрови што го трасираат патот на трип-хоп музичарите, кои несвесно создаваат нов музички правец, ослободени од музичкото бреме на големите имиња, а опремени со талент, мрачност и презир.

