На разговор со Марија Наумоска тргнавме со намера да ги потенцираме успесите на фудбалскиот клуб на глуви лица „Слобода“ од Скопје. Еден од членовите на клубот е и нејзиниот брат Милош Наумоски, па таа со особена сила и енергичност се заложува да им помогне на патот кон интернационалните успеси што ги нижат во сè поголем број. Во изминативе години фудбалскиот клуб на глуви лица „Слобода“ триумфираше на меѓународниот футсал турнир во Приштина, а со медали се вратија и од Марибор, Белград, Истанбул… Не сакајќи да го потиснеме ведриот дух на разговорот, особено кога станува збор за вакви спортски успеси, во него некако неминовно се наметна прашањето за квалитетот на животот на овие лица, нивната општествена инклузија и моментот кога треба да се осамостојат како индивидуи и рамноправни членови на заедницата. Општиот заклучок, за жал, е дека таквиот момент на осамостојување за глувите лица во нашата земја, од аспект на непреченото остварување на базичните права, обврски и потреби, во принцип тешко и макотрпно доаѓа. И дека нам како одговорни и совесни граѓани, заедно со институциите на системот, ни претстои многу заедничка работа на тоа поле.
Како функционира фудбалскиот клуб „Слобода“ и на што се должат многубројните интернационални успеси што ги забележува?
„Слобода“ нема стабилна финансиска потпора. Тренираат со Борче Боев, кој работи со нив на волонтерска основа. Успесите што ги забележува тимот се должат исклучиво на големата страст кон фудбалот и мотивацијата што тие меѓусебно си ја даваат. Футсал турнирите се единствениот начин на кој овие лица можат да се зближат, тука се дружат, се запознаваат, се заљубуваат. Патувањата, сместувањето, котизацијата си ги финансираат сами, а од сите меѓународни турнири се враќаат со високи пласмани од прво до четврто место. Најголеми успеси им се првите места во Скопје и во Приштина, а освен тоа имаат освоено втори места во Марибор и во Ниш, трето во Истанбул… Во последниот период, на наше големо задоволство, „Слобода“ започна соработка и со Агенцијата за млади и спорт, а наскоро се надевам дека ќе добиеме и сала како постојана локација за тренинг. Особено нè израдува и фактот што во соработка со германската амбасада во Македонија, се договоривме вработените во амбасадата еднаш неделно да играат фудбал со тимот на „Слобода“. Последното патување во Романија, во целост го помогна компанијата „Move One International“, која им е верен навивач. Исто така, морам да спомнам дека на 27 октомври ќе се одржи и интернационален турнир во футсал за глуви лица, на кој ќе бидат поканети екипи од повеќе балкански земји.

Твојот брат Милош е еден од членовите на „Слобода“. Кои се конкретните предизвици и препреки во животот со глувите лица во Македонија, невидливи за поединците што немаат допир со нивниот свет?
Би рекла, најголемата препрека е комплетната зависност од семејството. Милош можеби не е најпретставителен пример за тоа бидејќи како мал го запишавме во Центарот за слух и говор во Котор, Црна Гора, а тоа е постигнување и лична заложба на нашите родители, особено на мајка ми. Таму живееше и се образуваше 12 години, во одлични услови, во средина каде што глувите лица немаат третман на хендикепирани. Верувајте, повеќето глуви лица во Македонија, со кои се среќавам, имаат базично или никакво ниво на писменост, а тоа е сериозен проблем кога треба самостојно да се соочат со обврските во систем што воопшто не е приспособен кон нивните специфични потреби. По завршувањето на средното училиште, благодарение на Гранит од „Лева Патика“ и Милан Бранѓолица, Милош успеа да се вработи во нивното претпријатие каде што е одлично прифатен и работи веќе десет години како поставувач на венецијанер ролетни. Но тој е само позитивен исклучок. Голем број глуви лица се оставени на маргините на општеството, честопати и злоупотребувани од работодавците, кои ги уживаат државните бенефиции за вработување глуви лица, а им даваат мизерни плати за работа во супстандардни услови.

Милош е во брачна заедница со глуво лице, а од неодамна стана татко на Лука, кое е дете со нормален слух и говор. Што прават општеството и системот да го интегрираат тоа поинакво, но еднакво вредно семејство?
Многу малку. Ќе бидам конкретна, со реални примери од животот на семејството, бидејќи само на тој начин можам да ви го доловам одговорот. Семејството на брат ми е зависно од секаква информација. Откако почина мајка ми, преостанува јас да бидам посредникот меѓу нив и општеството. Ако детето се разболи, морам да го земам и да го носам на лекар, бидејќи многу е тешко да се дојде до законски предвидените толкувачи за вакви итни животни ситуации. Нема начин лекарот поинаку да комуницира со глувиот родител освен преку толкувач. Ним им треба посредство за да исполнат основни животни потреби, какви што се одење во банка, земање упати, лекарства, па и одење на забар. Знаете, морате да им ја објасните болката и да ги предупредите, за да не реагираат неочекувано и нагло. Одев постојано на гинеколог со снаа ми, а бев и на самиот чин на породување, затоа што некој требаше да комуницира со неа. Ме стерилизираа и ме седнаа на бокс за да ѝ толкувам како треба да вдишува и да издишува за време на породувањето. Потоа се јавува потребата од бебефон (што го обезбедува државата). Ако бебето се разбуди и плаче во текот на ноќта, родителите не можат да го чујат. Бебефонот е направа што реагира на звук и работи со силни вибрации и ротирачки светла, па така ги буди и ги известува дека бебето е будно. Понатаму, потребно е тоа дете, кога ќе порасне, да не биде единствената врска меѓу родителите и светот, туку да го ужива своето детство. Во суштина, проблем е вклучувањето во општеството, ниското ниво на социјализација и приспособувањето на животните обврски кон потребите на глувите лица, со цел непречено и самостојно да ги извршуваат. Системот ги направил зависни затоа што ги игнорира.

Какви сугестии и пораки можеш да испратиш до јавноста и до институциите како личност со големо искуство во најразлични ситуации од животот на глувите лица? Што треба да преземеме за да се подобри квалитетот на нивните животи?
Пред сè, треба да им го осознаеме потенцијалот, бидејќи тие се личности со интелектуални способности што никогаш не се развиени поради тоа што на прв план секогаш се поставува нивниот хендикеп. Сум забележала дека имаат неверојатен осет за технологија. На пример, поради извонредната концентрација и фокус, тие би можеле да бидат одлични програмери доколку го добијат соодветното образование за тоа. Потребни се едукација, работилници, предавања на знаковен јазик на коишто глувите лица ќе можат да се насочуваат и во друг правец, а не само кон занаети и мануелна работа. Потребен е и барем еден гинеколог со обезбеден толкувач, како и едукативни предавања за глуви за периодот на бременоста, доењето и исхраната на бебињата. Да не зборувам за културни настани на кои ќе ја добијат толку потребната социјализација и наобразба што им недостига, мотивациски филмови на кои ќе им бидат претставувани успешни глуви лица од целиот свет. Знаете, глувите лица имаат посебна моќ да ги препознаваат лошите луѓе. Тие веднаш ги отфрлаат и воопшто не сакаат да контактираат со такви. Тоа се луѓе со посебен дар, еднакво вредни поединци во општеството, кои можат многу да постигнат доколку им се даде шанса. Со една реченица, потребно е општеството да не ѝ додава тишина на тишината во којашто веќе живеат.

