Деновиве во спонтан разговор си го поставивме прашањето: Зошто толку брзо ни поминува времето? Понеделник, петок, па пак понеделник, викендот ни трае приближно 5 минути, како вчера да беше Нова година, 2009-та не беше пред две туку пред десет години, поминале веќе 11 или 12 години откако сме на Фејсбук. Луѓе низ целиот свет се согласуваат со оваа констатација и чувствуваат како времето буквално да им прелетува. И се разбира, поставуваат прашања зошто е тоа така. Ние истраживме неколку интересни одговори.
Како што старееме, поинаку го перципираме времето
Според оваа теорија, перцепцијата на времето зависи од возраста на која ги доживуваме искуствата. Кога сме помлади и кога ги правиме нештата за првпат, искуствата претставуваат големи пресвртници за нас и заземаат позначителен процент од дотогашниот живот. Како што старееме, тој процент се намалува бидејќи искуствата стануваат рутина. Така, си создаваме перцепција дека ни заземаат помалку време (кога имаш 8 години, една година е 12,5% од животот). На пример, порано ни се чинело дека радосните настани како родендените ги чекаме цела вечност. Сега ни поминуваат како на fast forward.
Постојат експерименти во кои еден 20-годишник и еден 70-годишник требало да проценат кога поминува една минута без да гледаат на часовник. 20-годишникот дал мошне точна процена, додека 70-годишникот проценил дека минутата поминува многу побрзо. Во шеесетите години од минатиот век, психолозите Валас и Грин го истражувале овој феномен. Замолиле помлади и повозрасни луѓе да го опишат начинот на кој го доживуваат времето. Помладите користеле „статични“ метафори, како „времето е тивко“, „времето е неподвижен океан“, додека повозрасните го споредувале со „брз воз“. Во 2005 година, Марк Витман и Сандра Ленхоф од Универзитетот Максимилијан во Минхен дошле до изненадувачки резултати поврзани со овој феномен. Луѓето околу 50-годишна возраст чувствувале дека времето се забрзува. Всушност, тие меѓу 20 и 50 години чувствувале најголем притисок поради недостатокот на време за да ги завршат сите тековни обврски во еден ден. Кога луѓето од сите возрасти биле прашани за процена за времето што изминало, сите рекле дека имаат чувство оти времето забрзува.
Исто така, има разлика во перцепцијата како изминуваат часовите и деновите во однос на тоа како минуваат годините. Часовите и деновите можат да поминуваат со релативно нормална брзина, па дури и побавно, во зависност од тоа што го правиме. Но како што старееме, имаме чувство дека годините летаат сè побрзо. Психолозите велат дека тоа е резултат на помалиот број нови искуства во животот и акумулација на стари искуства. Животот станува серија од настани што се повторуваат и не се разликуваат многу едни од други.
Теоријата за зголемениот „пулс на Земјата“
Не веруваме во new age теории, ама ајде ќе ја споделиме теоријата според која времето го доживуваме забрзано бидејќи се зголемил „пулсот на Земјата“. Според нејзините застапници, фреквенцијата (Шуманова резонанца или популарно наречена „срцев ритам на Земјата“), илјадници години била стабилна и изнесувала 7,8 херци. Од 1980 година, овој пулс се зголемил на 12 херци. Тие веруваат дека она што некогаш сме го перципирале како период од 24 часа, сега го доживуваме скратено – како период од 16 часа. Нашите часовници сè yште покажуваат секунди, минути и часови во 24-часовна форма, но поради зголемениот пулс на Земјата, ние перципираме две третини од тоа временско растојание.
Се разбира, ако направите fact check на оваа теорија, одговорот ќе биде: FALSE! Авторот на теоријата не дава објаснување како Шумановата резонанца влијае врз нашата перцепција за времето. Освен тоа, противниците објаснуваат дека има многу фактори што придонесуваат за различните фреквенции предизвикани од Шумановата резонанца, како атмосферската температура или соларната активност, а згора на тоа не се ни забележани алармантни и постојани зголемувања на нејзините вредности со текот на времето.
Нашите мозоци ја имитираат технологијата
А зошто и за ова да не ги обвиниме дигиталната технологија и паметните телефони? И така се дежурни виновници за сè што оди наопаку 😊 Сега сериозно. Психологот Аоифи Меклолин од Универзитетот Џејмс Кук во Сингапур открила дека постојаната употреба на технологијата ги прави човечките мозоци поефикасни во процесирањето информации, а како резултат на тоа мислиме дека времето ни поминува многу побрзо.
Таа спровела истражувања врз две групи луѓе – врз оние што користат и оние што не користат модерна технологија. Открила дека оние што се секогаш онлајн на нивните компјутери или паметни технологии, го преценувале времето што поминало споредено со оние што ретко користеле технологија. Така, првиве мислеле дека поминал еден час, додека во реалноста поминале само 50 минути. Поради тоа чувствувале и поголем стрес дека времето истекува побрзо во споредба со другата група луѓе што не се онлајн.
Меклолин смета дека во моментов се случува психолошки феномен според кој ние се трудиме да ја имитираме технологијата и да бидеме побрзи и поефективни, а тоа ја забрзува и работата на нашата „внатрешна стоперица“ што го мери поминувањето на времето.
Што заклучивме ние?
Времето не брза, туку нашите мозоци. И ако е точно тоа под точка 1, треба брзо да се фрлиме на создавање нови искуства, за да ѝ избегаме на секојдневната рутина и на некој начин да го „забавиме времето“ 😊