Какви беа вашите почетоци? Со кои идеи ја основавте „Зелената арка“ и како тие еволуираа со текот на годините?
Почетоците на граѓанската организација беа неформални, во облик на спонтано здружување на познајници и пријатели, кои споделуваа слични светогледи и сакаа преку истражувањето и примената на пермакултурниот дизајн да го подобрат квалитетот на личниот живот и да придонесуваат општополезно за благосостојбата на локалната заедница, во која дејствуваат секојдневно. По неколку неформални активности што ја засегаа животната средина и интервенциите засновани на пермакултурниот дизајн, основачите на „Зелената арка“ го регистрираа здружението во 2007 година. Во периодот од 2008 до 2009 година, „Зелената арка“ го осмисли и го изведе Екопаркот покрај кејот на реката Вардар во населбата Карпош 4; кој, за жал, во екот на развојот заврши под вештачката карпа за алпинизам, како колатерална штета од покажувањето мускули меѓу локалната (Општина Карпош) и извршната (Агенција за млади и спорт) власт. По отрезнувачкиот нокдаун, „Зелената арка“ заплови подлабоко и пошироко во водите на пермакултурата, еко-селата, самоорганизацијата, социократијата, транзициското движење, ненасилната комуникација, регенеративната култура… Притоа изведовме многубројни обуки, работилници, курсеви, градинарски и градителски интервенции во просторот, изложби, концерти – сите во насока да се развива и да се применува пермакултурниот дизајн во пресрет на секојдневните предизвици. Секако еволуцијата на почетните идеи зависи и од условите за нивното остварување, но благодарение на широкиот опсег и разновидноста на пристапите што ги нуди пермаклутурата, тоа не значеше отстапка од општите насоки за делување и развој на „Зелената арка“ како граѓанска организација. Поочигледно ќе биде претставена еволуцијата на самиот настан в петок, на 23 септември, преку ретроспективната изложба на фотографии од општественото делување на „Зелената арка“, чиј избор го направи членот и воедно документаристички ориентираниот фотограф на „Зелената арка“ – Кирил Шентевски.
Раскажете ни ја приказната за градината Бостание. Што ве поттикна да ја основате? На какви предизвици наидовте во процесот?
Општествената градина Бостание е резултат од изведбата на проектот насловен „Развој на прва урбана градина во град Скопје“, финансиран од Град Скопје, а изведен од „Зелената арка“. Поттикнати бевме од потребата за здружено градинарство, што ја увидовме во повеќе наврати, при изведбата на Екопаркот (2008-2009), при спонтаното градинарење со пензионерите покрај спортската сала на МЗТ во Аеродром (2010), при изведбата и развојот на градината за децата што го посетуваат центарот за социјални иницијативи „Надеж“ во Шуто Оризари (2014-2015), при анализата на резултатите од онлајн истражувањето што го спроведовме во 2019 година. Па увидовме дека конечно и институциите на локалната власт почнуваат да ја препознаваат потребата на граѓаните за здружено градинарство како начин за непосреден пристап до свежа растителна храна и здружување во градинарски заедници. Така, во втората половина на 2019 година почнавме со првите зафати за основање на градината. Наидовме на секакви предизвици при изведбата на општествената градина Бостание. Првиот предизвик беше да им овозможиме на колку што е можно повеќе луѓе, од оние што пројавија интерес да учествуваат во здружениот градинарски потфат, да се вклучат од самиот почеток. Затоа што беа пријавени повеќе од сто и педесет, а според првичната работна верзија на дизајнот за градината беше предвидено учество на триесет идни градинар/ки. За среќа, голем број од пријавените се договорија, за време на првите три средби за меѓусебно запознавање, заедно да градинарат на истите парцели. Потоа дојде предизвикот за приспособување на дизајнот преку партиципативниот удел на идните градинар/ки, па следуваа предизвиците за обележување и околчување на просторот за идните градинари, па поставувањето на оградата, па уривањето делови од ограда од страна на неидентификувани насилници, па садењето на дрвјата од ветрозаштитниот појас околу градината, па нивното оштетување од неидентификуваните… При секој чекор од развојот колку што можеше повеќе беа вклучени градинар/ките, така полесно ги надминувавме предизвиците и истовремено се сплотувавме кон целта да ја создадеме градината заедно. Првата пролетна сезона во 2020 година ни донесе најмногу предизвици, како недостигот на вода и почетокот на пандемијата на КОВИД-19, но група од околу десет најтврдокорни градинар/ки, кои патем сè уште градинарат во Бостание, градинареа и во најсуровите услови. Заедно ги надминавме и карантинот и изолацијата и полициските часови, успеавме да градинариме на безбедно растојание без да доживееме значителна социјална дистанцираност. За жал, градинарот Шемсудин Нумановиќ подлегна на последиците од КОВИД-19, но уште е жив споменот за неговата добродушност, широкоградост и ги применуваме градинарските техники што ги научивме од него. Откако го надминавме недостигот на вода благодарение на донацијата на бунар и пумпа за вода од Градежниот институт Македонија, следуваше пресврт во развојот на градината. Следната, 2021 година, кога задоволително заличи на градина, официјално ја отворивме општествената градина Бостание за пошироката јавност. Па излеговме од пандемијата со две-три градинарски сезони искуство. Така што, во сегашниов кризен период, овозможуваме непосреден пристап до свежа растителна храна, што градинар/ките самите си ја одгледуваат без употреба на синтетички хербициди, пестициди, инсектициди, фунгициди и вештачки ѓубрива. Предизвиците со штетниците ги решаваме тековно.
Сепак, одговорите при ова интервју се мал дел од тоа што досега го доживеавме таму. Што се однесува на можниот развоен потенцијал понатаму, приказната останува отворена за сите што би придонеле во содејството, соучесниците се добредојдени! Приказната за Бостание допрва ќе се раскажува!
Што најмногу ве изненади при воспоставувањето на Бостание?
Навикнати сме на изненадувања, без разлика дали се пријатни или не. Екипажот на „Зелената арка“ преживува секакви бури и други временско-просторни непогоди, покажуваме знаци на жилавост засега. Не дека сме способни да ја предвидиме иднината, туку се обидуваме да се приспособуваме на неизвесноста што е можно побезболно. Најпријатните изненадувања беа големиот интерес на граѓаните од Скопје здружено да градинарат и волјата со своите сили и знаење од парковски тревник самите да ја создадат општествената градина; па донацијата на бунар и пумпа за вода од Градежниот институт Македонија и тоа што Град Скопје ни допушти да го користиме, пренесеме и да го пренамениме запуштениот објект на поранешната сувенирница во „стакленикот“, каде што сега го одгледуваме расадот во општествената градина Бостание. Најголемото изненадување го очекуваме допрва, а какво ќе биде, не знаеме.
Многумина од граѓаните на Скопје веќе ја вбројуваат градината Бостание како едно од омилените места во градот. Каква култура градите преку вашата работа на овој и слични проекти?
Пермакултура е кованица смислена од основачите на пермакултурниот дизајн – Бил Молисон и Дејвид Холмгрен во седумдесеттите години од дваесеттиот век – составена е од зборовите перманентна и агрикултура. При развојот на овој мултидисциплинарен дизајнерски систем, го стекнува и значењето на перманентна култура. Врз основа на вторичното значење на пермакултурата, се обидуваме преку дизајнот на просторните услови за живот, низ текот на времето преку агроекосистемските процеси што се одвиваат на определеното место, во определената заедница да овозможиме и да поттикнеме развој на обновлива култура. И тоа не само во поглед на градинарските култури, енергенсите и другите ресурси што се ползуваат при развојните процеси, туку култура што развива вредности полезни за постојаното обновување на заедницата и општеството, засновани на пермакултурните начела, во етичка и практична насока. Во последниве години тој вид култура се нарекува и регенеративна култура, пермакултурата доживува реинтерпретации и адаптации во најразлични облици, па од придобивките што ги нуди си позајмуваат ред други движења, дисциплини, па дури и институции како ОН, на пример, во доменот на одржливиот/обновливиот развој, агроекологијата и сл. Па така, како надоврзување на пермакултурните начела, во општествената градина Бостание негуваме култура на заедништво, самоорганизација, споделена одговорност, грижливост за другите (не само луѓе), споделување на знаењето и ресурсите, трпеливост, истрајност, приспособливост, постојано учење, разнообразие, снаодливост и подготвеност за „направи сам/а“.
Покрај богатата програма што ја подготвивте за прославување на јубилејот, најавувате прогласување автономна зона за времетраењето на настанот. Што значи тоа?
Привремено автономна зона е централниот концепт во теоријата на Хаким Беј. Тој концепт ни изгледа примамливо уште пред дваесетина години, од студентските денови. Привремено автономната зона се однесува на своевидна „пиратска утопија“, која може да постои во географски, општествен, културен, имагинарен простор и време, таму и тогаш кога поради невниманието на државата, или поради некои други причини, просторот и времето остануваат отворени. Временско-просторниот опсег на ПАЗ не е важен, важна е спонтаноста и контактот лице в лице. Така што прогласот на привремено автономна зона во општествената градина Бостание, некои може да го протолкуваат како провокативен чин на „поетски тероризам“, некои да го протолкуваат како зачеток на хетеротопија (концепт во теоријата на Мишел Фуко), за нас тоа е остварување на адолесцентските слободарски фантазии и прикриена порака до сличномислениците од тоа време да ни се придружат во соочувањето со неизвесноста на секојдневието. Еве, да го цитираме и самиот Хаким Беј: „ПАЗ е доволно ‘широкоумна’ да забавува повеќе од две, или дури шест, невозможни идеи ‘пред појадок’. ПАЗ е секогаш ‘поголема’ од самите идеи, кои ја инспирираат.“ Како и да е, значењето на ПАЗ останува доволно нејасно и отворено за толкување, импровизирана привреместоположба – уште една точка во дис-курсот при пловидбата на „Зелената арка“.
За крај, како можат да ве поддржат читателите на PopUp?
Читателите на PopUр може да ја поддржат „Зелената арка“ и развојот на општествената градина Бостание со тоа што ќе ја посетат градината – овој петок ја имаат таа можност – така може да дознаат повеќе за нашата работа таму, може да разменуваат семиња од традиционални автохтони сорти со нас, ако сакаат може да ни се , може да ги посетуваат работилниците што ги организираме, ако посакаат, може да волонтираат и/или да донираат средства или барем да го дочитаат ова интервју до крајот.
Автор: Клелија Живковиќ
Автори на фотографиите до овој текст Горан Ризаов, Кирил Шентевски, Александар Николовски и Димитар Самарџиев.