Во периодот помеѓу 1985 и 1996 година, почнувајќи од филмот „No End“, Прајснер бил еден од најблиските соработници на Кишловски и заедно работеле на 17 филма. Меѓу познатите филмови што изнедриле исто толку позната музика се мини серијалот „Decalogue“, филмовите „А Short Film About Killing“, „A Short Film About Love“, „The Double Life of Veronica“, трилогијата „Three Colours“. Нивната соработка не била само насочена кон светот на филмовите туку и кон концерти. „Requiem for my Friend“, кој е посветен на Кишловски, првично бил замислен како концертно дело со поинаква природа, кое требало да се изведува на подиуми во европските метрополи. Всушност, Кишловски и требало да го режира. Но со неговата прерана смрт во 1996 година, природата на ова дело се менува. Поделено на два дела, насловени како „Requiem“ и „Life“, ова е најемотивното дело во опусот на Прајснер. Македонскиот филхармониски оркестар ќе го изведе премиерно на 24 февруари.
Покрај Кишловски, Прајснер е автор на музика за десетици филмови, меѓу кои се „Damage“, „Aberdeen“, „The Secret Garden“, „Man of God“. Неговата карактеристична лиричност и емотивност довела и до многубројни соработки, како со Дејвид Гилмор од „Пинк Флојд“ и со Лиса Жерар од „Dead Can Dance“. Покрај гостувањата на некои негови филмски и нефилмски изданија, пред извесно време заедно со Лиса Жерар го објавија заедничкото издание „Memories of My Youth“, чии мелодии се инспирирани од полски народни песни од неговото детство.
„Requiem for My Friend“ беше напишано во сеќавање на режисерот Кшиштов Кишловски. Тоа го затвора поглавјето на една плодна соработка и однос што го имавте со режисерот. Како што прочитав, ова дело прво било порачано за концерт во Атина, но со ненадејната смрт на Кишловски тоа станало поинакво дело. Кои се некои од идеите и емоциите што го придвижуваат ова дело?
– Тоа беше поинаку замислено на почетокот. Но, ајде да почнеме од вториот дел од „Requiem for My Friend“, кој се вика „Life“. Тој беше компониран за концерт што требаше да биде премиерно изведен во арената Херодион во Атина и Кишловски требаше да го режира. Имавме идеја за нешто што требаше да биде спој помеѓу класична музика, рок-концерт и опера. Но, првиот дел што се нарекува „Requiem“ го напишав три дена откако Кишловски почина и го изведов за неговиот погреб. Да беше жив, никогаш немаше да компонирам реквием.
Оваа посебна соработка со Кишловски опфати неколку филмови и создаде прекрасна музика. Дали може да зборувате за Вашето пријателство и заедничката работа со режисерот? Што беше тоа што направи овој однос да опстои толку долго?
– Како и многу други работи во мојот живот, сè се случи случајно. Се запознавме за првпат во 1984 година ако добро се сеќавам. Се запознав и со Кишловски и со Пишевиц. Заедно работевме на 17 филма. Точна е Вашата констатација. Ние бевме пријатели и заедно создававме наш филмски свет. Да не беше неговата прерана смрт, оваа наша соработка и пријателство ќе траеја подолго.
Многу од режисерите работат со истите композитори на неколку проекти: Фелини и Нино Рота, Годфри Реџио и Филип Глас, Стивен Содерберг и Клиф Мартинез, Дарен Аронофски и Клинт Мансел, и многу други. Како композитор, колку е важно да работите со истите режисери и истата екипа?
– Примерите што ги наброивте имаат еден содржател – од овие соработки произлегле одлични филмови со одлична музика. Ја имав таа среќа да работам со Кишловски и создадовме сличен дует, но мислам дека не сум сигурен дека некои други работеле заедно на 17 филма со еден режисер. Но, секој добар режисер ја разбира улогата на музиката во еден филм и што да очекува од неа. Сè се заснова на доверба и на јасната визија на режисерот што сака да постигне во филмот.
Како гледате на создавањето на трилогијата „Три бои“? Музиката во овие филмови е импресивна на начинот на кој дава емотивна поддршка на тоа што се гледа на екраните. Како работевте со Кишловски за тоа на кој начин музиката ќе биде искористена во филмовите?
– Главните теми во филмовите како „Song for the Unification of Europe“, „Tango“ и „Bolero“ беа компонирани и снимени пред да почне со снимањето на филмовите. Беше очигледно дека му беше потребна музика за на сетот. Но, ние не дискутиравме за тоа каде да ја ставиме музиката, колку за тоа што би требало музиката да симболизира. Таа не би требало да биде само илустрација на тоа што го гледаме на екранот туку да има подлабоко, метафизичко значење. Заедно размислувавме за музиката и размислувавме за неа на ист начин. Гледавме дека музиката има многу важна креативна улога во филмот, но под услов режисерот да верува во силата на музиката. Кшиштоф веруваше.
Во филмот „Три бои: сино“ станува збор за теми со емоции на загуба, болка и тага. Кои беа некои од најважните аспекти од филмот да се доловат за да се поддржи приказната во филмот и за да се постигне вистинската рамнотежа и емотивна резонанца?
– Филмот започнува со веста дека славниот француски композитор работи на „Песната за обединување на Европа“ (Song for Unification of Europe). Како што знаеме, тој умира во сообраќајна несреќа и композицијата ја завршува неговата жена. Додека работевме на тој филм, на Балканот кај вас се случуваше ужасна војна. Тоа беше причината зошто го убедив Кишловски да го искористи посланието на апостолот Павле до Коринќаните како стихови за песната. Како што знаеме, таа завршува со следните зборови: љубовта е најголема. Мојата песна завршува со погребен марш, кој нè предупредува дека ако не ја разбереме пораката од писмото, тогаш сè може да заврши трагично. Но, никогаш не помисливме дека би можело да биде до толку лошо. Доволно е да се види што се случува ширум светот, во Европа. Се надевам дека нема да морам ја компонирам „Песната за крајот на светот“. Пораката во песната е најважната работа и во филмот „Три бои: сино“ и кај неговата музика.
Кога пишувате музика за филм, дали почнувате со пишување додека го читате сценариото или чекате сè додека не ги видите сцените за да добиете инспирација?
– Сè зависи од режисерот, филмот и меѓусебните односи. Понекогаш компонирам кога ќе го добијам сценариото, а понекогаш компонирам кога ќе ги видам кадрите.
Во кој момент сфативте дека сакате да работите со филмови и да снимате музика?
– Во истиот момент кога почнав да компонирам музика, знаев дека сакам да компонирам музика за филмови.
Секој филм е различен и секој филм си има различни барања. На кој начин го сочувувате својот идентитет и посебности како композитор додека во исто време му служите на филмот?
– Композиторот на филмската музика би требало да има малку во себе и класична музика, џез и поп, но секој филм остава простор за композиторот да го покаже својот идентитет. Имам многу јасен карактер на пишување, но тој е индивидуален. Вие се раѓате со такво нешто или не. Невозможно е да се научи.
Пред извесно време соработувавте со Лиса Жерар од „Dead Can Dance“. Како дојде до соработка за изданието „Melodies of my Youth“?
– Лиса е најголемиот уметник што сум го запознал на светот и нејзиниот глас и метафизички јазик не можат да се копираат. Албумот „Melodies of my Youth“ беше снимен многу бргу во мојата куќа во Полска. Сакав Лиса да пее едноставни теми, кои беа свирени само на пијано во изведба на феноменалниот пијанист Доминик Ваниа. Ова е многу интимен албум и беше вистинско уживање да работиме на него како и со Лиса на други проекти. Со Лиса сме семејни пријатели и моето семејство сака да се дружи и да поминува време со неа. Секогаш ни е забавно.
Од каде дојде инспирацијата за таа музика и што сакавте да постигнете?
– Сакавме да раскажеме нешто за нас и тоа е објаснето со насловите од песните. Тешко ми е да ја објаснувам мојата музика и тоа им го препуштам на критичарите. Чув различни мислења за албумот и драго ми е што кај секоја од рецензиите, новинарите имаа различни асоцијации. Тоа значи дека албумот ги исполнил нашите очекувања.
Кога пишувате музика, без разлика дали станува збор за филмска музика или за друг тип дело, што е тоа што се надевате дека го пренесувате со својата уметност?
– Не сакам да пренесувам ништо. Компонирам за режисерите и за себе. Ако остане кај публиката, тогаш многу ми е драго и тоа ми е многу важно.
автор: Ненад Георгиевски
фото: Anna Włoch