Во март на Инстаграм се појави нов профил именуван @we_pretend_ за кој полека сите почнавме да зборуваме и да се интересираме, си праќавме линкови меѓу себе, се прашувавме кој стои зад тоа. Секој ден излегуваа видеа од нови кратки интервјуа со битолчани кои се уметници или лица директно вклучени во културната сцена во Битола. Веќе можевме да видиме и интервјуа на наши пријатели, слоделувавме, се шегувавме и сето тоа беше интересно и возбудливо. Во текот на март доста се зборуваше за оваа иницијатива и сите чекавме да дојде 1 април, па да го посетиме настанот што го најавуваа на профилот.
На 1 април во клубот „Јагода“ во Битола се одржа првиот настан организиран од „We Pretend It’s A City“ и беше едно интересно ново искуство за сите битолчани и гости што присуствуваа. Иако во клубот често се прават настани и журки, ова беше малку поинаку, имавме можност во една вечер да чуеме многу артисти од различни жанрови. Неофицијалната атмосфера што ја носи 1 април придонесе кон уште поголема слобода на облекување и изразување и на музичарите и на публиката, па може да се каже дека беше прекрасен повод за слободно журкање и поддржување една нова убава идеја.
По настанот имав можност да направам кратко интервју со нив:
Како дојдовте до идејата за We Pretend?
Многу често луѓето, без разлика на индустријата во која творат, инспирацијата ја наоѓаат во градот каде што живеат, но пораките што ги праќаат и делата што ги прават се универзални. Во нашата најава споменавме дека, за среќа или не, ние живееме во Битола. Од друга страна, „Битлси“ црпеле инспирација од Ливерпул, Кафка од Прага, Ворхол и Вуди Ален од Њујорк итн. Идејата дојде од тоа како ние ја замислуваме Битола како град!? Па, името е игра на зборови, делумно позајмено од документарниот филм на Мартин Скорсезе за Њујорк, со наслов „Pretend it’s a City“, на што ја додадовме заменката „We“, како потсетник на едни други настани што ги организиравме во минатото, каде што инспирација беа домашните забави, насловени „We Pretend Home Parties“. Веројатно ако се сретнеме некогаш со Скорсезе, ќе треба да му заблагодариме што нè инспирира за нашиот настан. Но, во денешно време целосната оригиналност повеќе не постои. Секој се инспирира од некого, затоа најважен е крајниот продукт што се добива. Данскиот режисер Томас Винтерберг во разговор со Ингмар Бергман дознал дека неговиот филм, насловен „Прослава“, според Бергман е ремек-дело. Тогаш Винтерберг му се извинил дека една од сцените во него, фактички е „земена“ од филмот на Бергман, насловен „Фани и Александар“. На ова Бергман само се насмевнал и му рекол воопшто да не се грижи, затоа што тој, истата сцена, ја позајмил од филмот на Висконти насловен „Леопард“. Инаку, и трите филма се сметаат за едни од најдобрите некогаш снимени.
Така, се создаде оваа нова иницијатива, или движење, или приказна поврзана за Битола. Затоа што секогаш се трудиме местото каде што живееме, да го направиме да биде онакво какво што ние сакаме. А тоа зависи и од нас самите. Дури и во најавата за настанот направивме паралелна приказна, настрана од онаа каде што во центарот беше музичката програма и артистите што настапија на 1 април. Во оваа другата, неколку одбрани луѓе од нашиот град одговараа на прашањето – We Pretend it’s a City – Bitola. Па, најпрво добивме мислења за културата на живеење, погледите на иднината, можностите и потребите на младите во нашиот град, а музичкиот настан беше одлична завршница и заокружување на кругот.
Дали планирате други настани во иднина?
Ова прашање си го поставуваме и самите, пред да ја видиме реакцијата на публиката од нашата кампања, како и посетеноста на музичкиот настан на 1 април. Откако заврши, дефинитивно го знаеме одговорот на прашањето, кој е едно одлучно ДА. Идеи имаме многу, од најразлична природа, ама да оставиме да спласнат впечатоците и потоа ќе излеземе со најава за новите планови. Може само да кажеме дека се интересни, различни и повторно инспирирани од Битола.
Како се одвиваше настанот на 1 април и дали сте задоволни од тоа?
Откако се одлучивме да го организираме настанот, не сакавме да помине само како еден концерт или мини фестивал, со голем број артисти. Идејата беше да ставиме и некоја додадена вредност. Така ги направивме видеата од четириесетина секунди, каде што седуммина битолчани одговараат како го гледаат градот. И таму воопшто не се споменуваше музичката програма, па во меѓувреме започнавме да добиваме пораки со прашања за што станува бзор, како и многубројни пораки дека и други луѓе се инспирирале од нас. Самоиницијативно, на идејата започнаа да се прикачуваат луѓе, нудејќи идеи и помош, што беше знак дека сме на добар пат. Завршницата и главниот настан се случи на 1 април. Околу осум часа музика, седум артисти и повеќе од четиристотини посетители. Резултатот ги надмина и најоптимистичките прогнози. Битола кажа дека го сака We Pretend it’s a City.
Како одлучивте кои артисти ќе настапуваат?
Да се направи селекција што од една страна ќе задоволи повеќе музички вкусови, а од друга ќе понуди добар квалитет, е навистина тешка задача. Удел во селекцијата имаше Мирко Попов, со кого ги водевме и првичните разговори околу идејата за организација на настанот. Затоа очекуван беше настапот на неговиот бенд ПМГ, но овој пат со цел оркестар составен од деветмина, постава во која имаат настапено само неколкупати. Оние што дојдоа, ги слушнаа ПМГ во една сосема нова, музички исполнета и разиграна варијанта, дефинитивно најдобро издание во кое се претставиле пред битолчани.
Освен настапот на Мирко Попов со свој диџеј сет, скопскиот дел од артистите го заокружи Марија Каева со своето трио, со првото претставување пред битолската публика. Останатиот дел од програмата сакавме да го исполниме со локални изведувачи. Едно од пријатните изненадувања на вечерта беше настапот на бендот „Heart on Sleeve“, додека изведбите на Princess Donatsu и Donplaya беа кулминацијата, за кои слободно можеме да кажеме дека кај нивната армија на трап обожаватели, имаат поголема популарност и од некои светски музички ѕвезди. Вечерта ја затвори BerryQyat, во моментов еден од најдобрите и најактуелни диџеи во Македонија, со свој сет.
Кога ќе се погледне програмата, се добива впечаток дека станува збор за микс од стилови, звуци, инструменти, но заеднички именител е добрата и квалитетна музика. Таква беше и публиката, микс на различни возрасти и љубители на различни музички жанрови, но сите присутни знаеја зошто се таму и знаеја што сакаат. Ова беше настан со квалитетни артисти и квалитетна публика или луѓе што имаат што да кажат и од двете страни на бината.
We Pretend it’s a City е идеја, движење, асоцијација, групација. Може да е што било, можеби и конкретна дефиниција не е потребна. Или, најдобро кажано, тоа се група луѓе што имаат свои идеи, кои сакаат да делуваат во различни области и кои сакаат да ги менуваат работите на подобро. И, за среќа, тоа се луѓе од Битола. Ние, како што сугерира името, често глумиме дека сме ГРАД, се преправаме дека сме ГРАД или си играме ГРАД. Но еден град има своја смисла и душа, сè додека има луѓе во него.
Текст: Викторија Мачковска
Фотографии: Александар Петровски