Имаше едно време во бивша Југославија кога студенти од Блискиот Исток и од Неврзаните доаѓаа да студираат на тамошните универзитети. Не беше тоа случај само со Југославија туку со сите социјалистички земји во регионот. Беше тоа време во кое се случија многу пријателства и љубовни врски што го променија животот на многу млади луѓе.
На ова време ме потсети документарниот филм „Помеѓу револуциите“ на режисерот Влад Петри, што ќе биде прикажан на овогодишниот МАКЕДОКС, фестивал на креативни документарни филмови, кој беше отворен синоќа во прекрасниот амбиент на Куршумли ан. Проекцијата на филмот е в сабота, 19 август, во 21.00 часот во Куршумли ан.
На мајсторски начин, од измонтиран архивски материјал, се развива приказната за едно пријателство меѓу две колешки, едната од Романија, другата од Иран, кои во седумдесеттите студирале на универзитетот во Букерешт.
За филмот поразговаравме со режисерот на филмот, Влад Петри.
Од каде идеја да снимите документарен филм инспириран од еден специфичен период, кога многу млади луѓе од Блискиот Исток студираа во социјалистичките земји. Се граделе пријателства што биле прекинати поради промените што се случувале во нивните држави.
Идејата за филмот ја добив откако разговарав со мајка ми за нејзините студентски години. Таа ми покажуваше писма и фотографии и ми раскажуваше приказни за нејзините колеги од странство. Бев заинтригиран да дознаам повеќе за тој период, па почнав да работам со архивски истражувач и историчар, разгледувајќи весници, списанија и архиви од Тајната полиција. Постепено, приказната се изгради и се трансформира во филмот што го гледаме денес.
Приказната следи две приказни, на две другарки, Марија од Романија и Захра од Иран, кои се запознаваат на студии, а потоа револуциите што се разгорувале во нивните земји, борбата за повеќе права, меѓу кои и женските, ги раздвојува. Колку е верна оваа приказна?
Многу факти од животот на мајка ми и од животот на мајката на Лавинија Браниште (косценаристка на филмот) беа вметнати во ликот на Марија.
Захра е повеќе изградена од парчиња текстови, писма, романи и филмови – мешавина од сите овие елементи. Имавме и жена консултант од Иран со која проверувавме факти, текстови и разговаравме за автентичноста. Тешко е да се каже колку е верна приказната. Всушност, животите на двата лика и писмата што си ги испраќаат се засноваат на реалноста, но на крајот тие се измислени.
Двата лика ги прикажуваат животите на многу жени што живееле во Романија и во Иран во тој период. Во однос на нивните борби за правата на жените, Захра е пореволуционерна, таа потекнува од интелектуално, левичарско семејство и силно верува во својата револуција, нешто што беше прифатено од многу други Иранки во доцните 1970-ти, додека Марија постепено станува политички посвесна преку нејзината посебна, блиска и интимна врска со Захра. Можеме да кажеме дека Марија е понаивна на почетокот на филмот, но до крајот на филмот сѐ повеќе се поврзува со реалноста и со нејзиното општество.
Има моќна динамика и трансформации во развојот на ликовите, сакавме да го истражиме нивниот однос и нивната конфронтација со општествата во кои живееле.
Филмот е монтиран од архивски материјали. Каков беше процесот на истражување, каде ги најдовте сите тие снимки? Во кои сѐ архиви имавте увид?
Во Романија користев материјали од Националниот филмски архив, од архивите на Романската телевизија, најдов филмови снимени од студентите на Универзитетот за филм и разни приватни извори. Многу важен извор за Романија беа архивите на Јоан Матеи Агапи, страстен режисер што документирал официјални настани и поседува многу снимки од неговото семејство за време на комунизмот – уникатна архива што ни го долови живеењето на обичните луѓе во тој период.
Во Иран најдовме копродуцент што ни обезбеди материјал, филмови, ТВ документарни филмови, снимки и архивски материјал. Имавме многу добра соработка, разговарајќи не само за визуелниот аспект, туку и за историјата, контекстот, монтажата. За жал, не можеме да го именуваме ова лице поради безбедносни причини.
Колку беше тешко да се спои приказната со снимениот материјал за да филмот го отслика времето и животот на две млади девојки раздвоени од револуциите во своите земји?
Од самиот почеток ми беше јасно дека сакам да го направам овој филм целосно од архиви. Сакав публиката, гледајќи, активно да ги преиспитува овие лица, гестови, ставови, постојано да биде инволвирана во архивскиот материјал и сама да си создаде свои визуелни портрети на Марија и на Захра.
Работевме многу на оваа врска, монтирајќи ги снимките и текстот. Беше потребна речиси една година уредување за да се спојат архивите и текстот заедно во филмски дискурс.
Што мислите, зошто „револуцијата ги јаде своите деца“?
Затоа што луѓето што доаѓаат на власт, сакаат да ја задржат таа власт на кој било начин, често заборавајќи на идеалите од раните денови на револуциите. Можеби од самиот почеток ја посакувале таа моќ и го зграпчуваат моментот.
Има многу причини, затоа велам дека треба да бидеме повнимателни кому ја даваме новостекнатата слобода. Некогаш ја подаруваме, и некој набргу ја одзема за себе. И така, ја снемува.
Илинка Делчева