Од друга страна, тој одбива да биде ставен во еден калап, а доказ за тоа се неговите изданија со музиката на композиторите како Филип Глас, Бах и Дебиси и Жан Филип Рамо. Овие изданија се имаат појавено на безброј листи со најдобри изданија, а изданието со музиката на Бах е прогласено за едно од најдобрите изданија со дела од Бах во магазинот за класична музика „Gramophone“. Понатаму, тој е добитник на наградите 2019 Opus Klassik Piano Recital Album of the Year и Album of the Year, кои се доделувани од страна на BBC Music Magazine Awards 2019. За изданието „Philip Glass: Piano Works“ New York Times го нарекува исландскиот Глен Гулд. Исто така, магазините Gramophone и Limelight го прогласуваат за интернационален артист на годината за 2019 година.
Неговото последно издание „Debussy—Rameau“ е спој од композиции од двајца француски композитори од различни ери, Клод Дебиси и Жан Филип Рамо. Според него, тој се обидел да постигне одреден дијалог помеѓу овие два композитори кои во свое време се сметале за иноватори. Концептот на Олафсон е таков што тој ги испитува контрастите и сличностите кај композициите кај овие реномирани композитори иако тие се меѓусебно раздвоени цели два века. Олафсон посветил 6 месеци само на изборот на композиции пред да ги научи. Крајниот резултат е триумф и тој постигнал оваа музика да заживее, поради што се чини како овие композиции да биле компонирани вчера.
Ова интервју го направивме непосредно пред објавувањето на новиот албум „Debussy—Rameau“ среде пандемијата со коронавирусот и глобалното затворање на граници и исклучување на социјалниот живот во државите. Како што е случај и со други уметници така и неговите настани беа откажани во тој период. Дента кога го зборувавме преку Whatsup, тој требаше да има настап со филхармонискиот оркестар во Хонг Конг. Но тој беше добро расположен во својот дом во Рејкјавик и отворивме многу теми кои беа важни за овој период како од лековитите својства на музиката и позитивните ефекти што ги има таа при решавањето на проблемите во светот, па до различни аспекти и детали од неговата кариера.
Какво е вашето мислење за вредноста на музиката за време на овие тешки времиња во кои живееме?
Ова е големо прашање. Можам да зборувам само од свој агол бидејќи со сегашнава ситуација многу сегашни и возбудливи проекти се откажуваат. Баш се радував да правам некои големи и важни концерти за кои се подготвував со месеци. Но тоа што го научив е да не ги земам работите здраво за готово и научив да го ценам животот. Јас сум доволно среќен да живеам живот со тоа што постојано патуваме насекаде по планетата и да настапувам за луѓето. Тоа е прекрасен начин да се помине животот на планетава. Но мислам дека откако ќе се приземјиме на начин на кој сме приземјени сега сфаќаме дека ниту една работа не можеме да ја земеме здраво за готово. И сфаќаме дека нашето здравје не треба да се земе здраво за готово.
На одреден начин, кога свирам музика дома, како што го правам тоа сега, се чувствувам толку благодарен и ги ценам работите повеќе од кога и да е. Дури и ја ценам музиката повеќе. Таа доби ново значење за мене. Сега се мрачни времиња на земјава како и за многу луѓе, и мислам за нив и се молам, но во исто време, во врска со уметноста ќе кажам без да сакам да звучам иронично, но најинтересната уметност се создавала во моменти кога светот се наоѓал во состојба на промени и превирања. Добрата уметност им помага на луѓето на многу начини. Пред нас се мрачни времиња, но ќе има и зраци од сонце кои ќе се пробијат во следните месеци.
Каква улога може да игра музиката при решавањето на сложени проблеми во светот?
Тука би се сложил со една изјава која ја има кажано мојот пријател, композиторот Филип Глас, кој рече „музиката е место кое е вистинско како и секое друго место на кое сте биле“. Но мислам дека кога сме приземјени, се чувствуваме загрижено или сме анксиозни, музиката ја има таа способност да нѐ однесе на некое подобро место иако сме географски на истата локација. Ќе слушате музика и ќе можете да патувате скоро секаде. Иако границите се сега затвроени, сепак музичките граници се многу отворени. Музиката може да нѐ однесе на едно подобро место.
Неодамна прочитав едно ваше старо интервју објавено во Гардијан каде што спомнувате дека ова е златна доба за класичната музика. Дали ќе можете да го објасните ова ваше гледиште?
Додека растев и во периодот додека студирав, честопати можев да ги чујам тие загрижени гласови дека добата на класичната музика изумира. Кога ќе ги погледнам бројките околу себе, можам да видам дека луѓето насекаде слушаат класична музика цело време. И вие тоа можете да го забележите. Јас сум само еден пијанист и само на една платформа како Спотифај во минатата година имав околу 20 милиони стримови. Тоа е само на една платформа.
Тоа сум само јас на една платформа. Мислам дека никогаш претходно во историјата немало толку многу луѓе кои слушаат тоа што се нарекува класична музика. Сигурно не од времето кога таа музика била напишана. Бројките се неверојатни. Оваа музика никогаш не играла толку голема улога во животите на луѓето колку сега.
Зборувајте за новото издание „Debussy—Rameau.“ Како ги избравте композициите кои се најдоа на ова издание?
Кога снимам албум, тоа секојпат го правам од почеток и со месеци ги свирам работите кои сакам да ги снимам, т.е. музиката за која чувствувам дека ме отсликува мене. Снимам музика за која чувствувам дека може многу да се каже со мојата нова интерпретација и начинот на кој ги гледам работите. Со Жан Рамо, почнав да снимам негови дела бидејќи, по Јохан Себастијан Бах, мислам дека тој за мене е најдобриот композитор за клавијатури од периодот на барокот. Начинот на кој компонирал за клавијатури е навистина неверојатно. И има многу малку снимки од Рамо кои се изведени на современо пијано. Можете да ги најдете сите на харпискорд, но навистина постојат сосем малку негови дела кои можат да се најдат. Таа не е само интересна, туку е и навистина одлична музика. Тоа е божествена музика. Потоа почнав да размислувам за тоа дали би сакал да снимам цел еден современ албум со музиката на Рамо или нешто друго. Потоа го избрав Дебиси бидејќи постои силна поврзаност помеѓу овие два композитори. Рамо е човек кој гледа кон иднината, но исто така мислам дека Дебиси е честопати погрешно интерпретиран. Верувам дека многу често се истакнува фактот дека тој бил импресионист. Тој бил човек кој исто така гледал кон минатото и бил заинтересиран за предмети од минатото – јапонски слики и многу други работи. Тој не се гледал себеси само како импресионист и тоа бил многу ограничен термин. Затоа сакав да ја покажам другата страна на Дебиси и гледањето кон иднината на Рамо. Во исто време сакав да направам албум на начин на кој луѓето скоро нема да можат да препознаат кој е кој. И се обидов да најдам начин каде што целата работа ќе делува како дијалог, при што едниот композитор ќе почне со една работа, вториот слуша, а потоа реагира, и со тоа нивните дела се помешани заедно.
Вие сте врвен интерпретатор. Колку вашата интерпретација доаѓа од традицијата на изведувачите кои дошле пред вас наспроти вас? Или дали сето ова се наоѓа кај партитурата?
Тоа воопшто не е присутно во партитурата. Партитурата е толку ограничена и кажува само дел од приказната. Музиката нема да ја најдете во испечатена страница. Се разбира дека врз мене влијаеле многу различни работи, многу различни изведувачи и различни пристапи. Се обидувам сите тие работи да останат далеку во минатото кога ги работам овие албуми и се обидувам да откријам како би требало работите да звучат. Тоа е мојот идеал. И се обидувам да бидам колку што е можно поспецифичен и да го отсвирам тоа што верувам дека треба да се отсвири. Моето „јас“ е многу присутно. Кога го снимав ова издание, сакав да ги свирам сите овие дела на начин на кој мислам дека треба. На некаков начин, одговорот е дека кога свирам музика во којашто навистина верувам се обидувам да најдам многу личен израз. Тоа е многу интимно личен израз, поради што понекогаш, кога ги свирам овие дела, мислам дека сум повеќе јас.
На кој начин го втиснувате својот идентитет кај музиката на Бах и постигнавте тој да звучи свежо? Со толку многу брилијантни пијанисти пред вас вие го најдовте своето место во таа музика.
Ми беше потребно многу време кога работев со неговата музика. Вие можете да снимите албум и можете да ја научите музиката, да ја свирите и да ја снимите. На некаков начин мора да одите подалеку од тоа тоа што можеби се чини дека е доволно добро. Ако имате некое дело и дури ако ги свирите вистинските ноти и сѐ е точно и мислите дека ја знаете партитурата додека ја гледате, во суштина не ја знаете. Потребно е многу време, а не можете да купите време. Не можете да го избегнете и тоа ви е потребно. Морате да научите како да ја израснете во вас и да ја растете некое време, што беше и причината зошто ми беше потребно толку многу време да го направам овој албум. Инаку можев да го снимам за секунда. И мислам дека времето не е толку важно за уметниците туку колку време им дале на нивните звуци и колку длабоко се впуштиле во тоа што се обидуваат да изразат. Тоа секогаш оди едно со друго. И секогаш можете да чуете ако некој оди по скратен пат.
Која беше причината да го објавите албумот Bach Reworked? Зошто сакавте да ги преобликувате вашите изведби на овој начин? Тука учествуваат голем број интересни имиња како Руичи Сакамото, Хилдур Гуднадотир….
Бах се обраќа на толку многу различни музичари без разлика дали доаѓаат од полето на електронската композиција, класична, поп или рок музика. Бах им значи на голем број луѓе и голем број музичари. Сите тие се многу различни луѓе. И поради тоа, помислив дека би било убаво ова издание со Бах да се отвори и да се поканат музичари да ги земат моите снимки и да ги искористат како нивен материјал. Руичи Сакамото учествуваше во проектот, но исто така вклучив и прекрасни музичари од Исланд. Мислам дека самиот Бах бил голем експериментатор.
Какво беше искуството да се снима музиката за филмот „The Darkest Hour“, односно музика од автор (Дарио Марианели) која не била напишана пред 100 или 200 години, туку свежа и нова музика?
Јас го правам тоа цело време. Пред извесно време настапував во Париз, а кратко пред тоа и во Адстердам, каде што ја изведував музиката на композиторот Џон Адамс. За време на овие концерти го изведував неговото ново пијано кончерто. Јас постојано работам со живи композитори и тоа многу ми се допаѓа. На некаков начин, тие се многу флексибилни бидејќи можете да напишете музика, но печатената страница е само една работа а потоа морате да се потрудите таа музика да заживее. Кога работев со композиторот Дарио Марианели и режисерот Џо Рајт, беше многу убаво бидејќи за мене тоа беше едно поинакво искуство. Тоа беше ново искуство. Џо Рајт ми ги прикажа сите сцени од филмот додека ја снимавме музиката. Има еден момент во филмот кога Винстон Черчил го пишува својот славен говор кој ќе го каже во Британскиот Парламент кога ќе го повика Парламентот да не го прифати договорот со Хитлер. И додека го изведував ова во студиото, го слушав говорот во изведба на Гари Олдман. На десното уво од слушалките го слушав неговиот говор и давав своја поддршка за говоорот. Тоа беше прекрасно и навистина интересно искуство.
Дали сте работеле скоро на некоја музика која скршнува од класичниот репертоар како музиката за овој филм?
На музиката никогаш гледам како на класична и не-класична. Воопшто не размислувам за неа на таков начин. Не го сакам ни зборот „класично“. Се чини дека наметнува дека сте во некаков музеј или дека сте се нашле во минатото. Но мислам дека ако свирите музика која била напишана пред 300 години и ако ѝ пристапите искрено, тогаш таа станува нова музика. Кога го изведувам Бах, за мене тој е современ како и која било филмска музика или која било друга музика денес. Таа е современа.
Ние ја изведуваме различно и јас ја изведувам поинаку. Јас ја изведувам на свој начин. Во времето кога била напишана тогаш коњот бил главно превозно средство. Од тогаш сѐ се променило и затоа го изведуваме Бах поразлично од кога и да е. Веројатно ќе соработувам со композиторот Дејвид Ленг. Но и со живите и со починатите дека музиката е толку флексибилна поради што изнаоѓам различни начини да ѝ пристапам.
Вашето деби издание за реномираната издавачка куќа Дојче Грамофон, „Philip Glass: Piano Works“ се состои од етидите на Филип Глас. Што беше тоа што ве натера да ја изберете оваа музика за вашето деби?
Дојче Грамофон е многу вкоренета во стариот свет на класичната музика, но од друга страна таа е и најпрогресивната издавачка куќа. Нејзината традиција оди можеби 120 години назад. Веројатно е и најстарата издавачка куќа на светот. Не сум сигурен. Помислив дека тие ќе бидат заинтересирани за нешто ново и нешто што би претставувало изненадување, но без да направиме луѓето да се чешаат по главите прашувајќи се кој е ова. Затоа сакав да ја изведам музиката на Филип Глас. но со истата посветеност и сериозност како кога ја изведувам музиката на Дебиси, Рамо или Бах.
Сите ваши три изданија кои беа објавени од страна на Дојче Грамофон се географски различни и доаѓаат од различни ери. Што кажуваат овие дела за вашиот повеќеполарни гледишта на музиката?
Има еден цитат од Дебиси којшто вели: „Уметникот мора да побегне од својот успех“. Тоа значи дека не може да се повторувате себеси. Ако сте постигнале успех со албум со музиката на Филип Глас кој помина многу добро и кај критичарите и публиката. Бев изненаден бидејќи помина многу добро. Затоа во компанијата имаше и такви кои побараа од мене да снимам уште еден албум со музиката на Глас и да го повторам успехот. Но се одлучив да снимам издание со музиката на Бах бидејќи така ми кажа срцето. Морав да се изборам за ова и на крајот го снимив Бах, кој помина многу подобро од Глас. Луѓето сакаа по ова да снимам уште еден албум со музиката на Бах. Многу е важно да бидете еден чекор пред во однос на бизнисот. Бизнисот сака да го повтори успехот но уметниците мораат да научат да побегнат од својот успех, како што рекол Дебиси.
Мислам дека ова е причината зошто често бендовите обично имаат одлични први три албуми а потоа е реткост да се види дека супер групите прават најдобра музика кога се во своите 40-ти или 50-ти години. Нивната работа се разводенува и се обидуваат да ги повторат минатите успеси, а маркетинг-машинеријата е толку голема. Истото се однесува и на класичната музика каде што најдобрите изданија се оние првите пред луѓето да се обидуваат да ја прават истата работа одново и одново. Тоа може да биде убаво, но нема да биде ниту креативно, ниту истражувачки како што било. Затоа мислам дека тоа е целта на еден уметник, односно постојано да се обидува да изнаоѓа нови прашања и да изнаоѓа нови одговори на тие прашања. Затоа можете да го поминете животот снимајќи албуми со музика од Филип Глас, Стив Рајш или Џон Адамс или да го изведувате Бах во следните 10 или 20 години. Сето тоа е во ред, но јас не сакам да го правам тоа. Јас го сакам елементот на изненадување и секогаш се обидувам да ги проширувам своите хоризонти колку што е тоа можно.
Што следи за вас?
Се обидувам да останам здрав во однос на ситуацијата со коронавирусот и ќе се трудам моите родители да останат колку што е можно поздрави. Сакам сите да минат здрави низ овие мрачни времиња. Сега сум зад пијаното дома и работам на музика за која не сум имал време да ја погледнам. Ќе работам на нов албум, иако само што не сум го објавил новиот албум. Секогаш сакам да сум еден албум напред. Се разбира, ќе одам на турнеја со музиката на Рамо и Дебиси ширум светот во следните две години. Но во исто време ќе работам на својот нов проект, којшто ќе биде сосема поинаков во однос на тие кои веќе сум ги реализирал. Тоа би бил четврти албум за Грамофон и ветувам дека ќе биде одличен.
Ненад Георгиевски