Долго пред природниот изглед повторно да биде кул, Селест Барбер на инстаграм правеше пародии на совршениот изглед на светски познатите топ-модели и актерки, имитирајќи и иронизирајќи ги нивните фотографски или видео-пози на сопствен начин – неуредно, несмасно и урнебесно смешно. Пародиите станаа вирални и ѝ донесоа повеќе од 9 милиони следбеници на популарната социјална мрежа, ја претворија во кралица на комедијата, и очигледно ѝ натрупаа доволно слава за да дојде до главна улога во хит телевизиска серија под капата на Нетфликс. Во меѓувреме таа имаше сопствено стенд-ап комичарско шоу, напиша книги за деца и сатиричен водич како да бидеш анти IT-girl, соработуваше со Том Форд…
View this post on Instagram
Главната идеја во новата серија „Велманија“ е во тесна врска со сè што Селест досега има работено, па изборот да го портретира главниот лик во серијата креирана од Брижид Делејни и Бенџамин Ло, е и повеќе од солиден. Всушност, замислете луда мешавина од Флибег, Бриџит Џонс и Мјуриел (ликот на Тони Колет од филмот „Свадбата на Мјуриел“) и веројатно некаде на средина ќе ја добиете Оливија Хили, носечкиот лик во дејството на „Велманија“. Нејзиниот хумор во неа (многу често суров физички хумор), слично како и хуморот што го пласира на Инстаграм е без филтер. Дури и во улогата, таа не отстапува од промовирање на своето тело такво какво што е и носење на сопствената кожа по секоја цена.
Но, да почнеме од почеток. Во првата епизода, Оливија се наоѓа во Њујорк, како позната и гламурозна новинарка која пишува за гастрономија, постојано оди на најелитните забави во градот, се дружи со познати фаци и води прилично неинхибиран живот, неуморно следејќи го ритамот на метрополата. Професионалниот живот исто така ѝ цвета – добива понуда да биде судија во најпознатото телевизиско кулинарско шоу на светот „Банкет Ројал“, но под еден услов – да напише нешто што ќе ја катапултира од светот на храната во мејстримот и ќе ја направи ѕвездата што сите ќе ја препознаваат во моментот кога ќе седне на жешкото судиско столче. Пред да започне со размислување кој ќе биде следниот чекор, Оливија мора накратко да се врати во Австралија за да присуствува на роденденот на нејзината најдобра другарка Ејми (Џ.Џ Фонг).
Но, за време на престојот дома, таа ќе биде ограбена. Нејзината чанта ќе биде украдена на една од плажите во Сиднеј. Работите ќе беа многу поедноставни, ако во чантата не е зелената карта за престој во Америка. Во обидот да извади нова зелена карта, Оливија ќе биде одбиена од здравствени причини – таа мора да ги намали вредностите на холестеролот и крвниот притисок за да се врати во САД навреме за телевизиското шоу. Со други зборови, безгрижниот живот до 40-тата година од животот доаѓа за наплата. Бидејќи Оливија сите проблеми ги решава брзо и спонтано, таа ќе се стави на ригорозен велнес-режим за темелно прочистување на телото, ќе се запише на фитнес, ќе започне да трча, предизвикувајќи вистинско австралиско торнадо од хумор но и по некоја солза.
“Велманија“ навлегува во еден познат простор од нашиов zeitgеist, откривајќи ги замките на индустријата за убавина, модната индустрија, велнес-практиките, и сето она што ни се продава како здраво, или како до веднаш видливи бенефити од брза примена на разни методи (за прочистување, за слабеење). Но тоа е далеку од централната тема. Колку и да изгледа површно и гротескно, решавајќи ги здравствените проблеми, присилното останување дома ја соочува Оливија со она од што отсекогаш бегала. Бидејќи дома е местото од кое најчесто се бега и физички, но и емотивно, нели? Така, таа влегува во ситуации поврзани со идната свадба на братот, отказот на мајка ѝ, бракот во криза на најдобрата другарка Ејми… Одеднаш, комичната, несредена и хаотична хероина ја гледаме во нејзиното најранливо издание. Непобедливата, ненадзборената и секогаш снаодлива Оливија очајно ќе бара начин повторно да избега, но дали ќе успее да избега и од себе?
Комично вовлечена во сиот тој вртлог во борбата за повторното враќање во САД, решавањето на здравствените проблеми и кризите на најблиските околу себе, ликот на Оливија Хили во „Велманија“ нè тера да се запрашаме – а што е вистинската добросостојба, кое е нивото на велнес што треба да го достигнеме за да ни биде навистина добро? Дали премногу се фокусиравме на тоа козметички да ги решаваме нашите недостатоци без да продреме до коренот на нештата и да ги решаваме вистинските проблеми? Што кога ќе се натрупаат? А зошто потрагата по возбуда да биде резервирана само за 20-годишните? Што со телесните ограничувања? До кога имаме право да бидеме жедни за забава? До кога смееме да бидеме млади и безгрижни? И она конечното, дали уморот од постојаното бегање од одговорите во денешницата (која нуди shiny objects како отворени врати за бегство и дистракција), може да нè врати кон себе и она што вистински сме, такви какви што навистина сме?
Јосип Коцев