Скопската публика имаше неверојатна можност да го погледне филмот во рамките на фестивалот „Синедејс“, една недела по премиерата на Филмскиот фестивал во Торонто и пред премиерата во Данска, која се случи на 24 септември. Секоја чест и благодарност до тимот на „Синедејс“ што филмот се најде на програмата на фестивалот. Тандемот Винтерберг – Микелсен го паметиме од филмот „The Hunt“, а „Festen“ на Винтерберг ми е еден од најдобрите филмови на сите времиња. Затоа и изборот да го гледам токму овој филм од програмата на „Синедејс“, но мора да признаам и изненадување што не беше прикажан на најголемата сцена на фестивалот (Градски парк), туку во Влае, на местото на поранешното кино, и го виде мал број публика. Потоа имаше уште една реприза на локацијата „Ибни Пајко“.
Kaко и да е, ние среќниците уживавме во приказната за четворицата средношколски професори, кои на вечера по повод 40-тиот роденден на еден од нив, се договараат да ја проверат теоријата на еден норвешки философ, кој вели дека луѓето имаат недостиг од 0,05 промили алкохол во крвта за да функционираат подобро. Паѓа договор секојдневно да го одржуваат тоа ниво на алкохол во себе.
Филмот почнува со сцена од гимназиски пикник на кој, традиционално, тинејџерите се натпреваруваат во брзо пиење гајба пиво, трчајќи околу езерото каде што се одвива пикникот. Постојат строги правила за пиење, начин на кој се носат гајбите, казнени шишиња пива што треба да се испијат за секое повраќање и сл. Веселост, младост, игра, безгрижност и способност за пиење до изнемоштеност. Одеднаш рез. Шпица.
Филмот не е за алкохолизам. Четворицата професори, кои сакаат да ја проверат теоријата на Скардерут, бараат нова возбуда. Секојдневната рутина, обврските дома и на работа, ретките дружења и малкуто квалитетно време поминато со семејството, се причините поради кои главните ликови одлучуваат да пробаат дали алкохолот и тоа мало ниво на опијанетост, ќе им ја врати страста за и во животот.
Ги следиме личните приказни на професорите и нивните односи со учениците. На почетокот сме сведоци на убави промени, задоволство од зголемена самодоверба и изненаденост од креативноста и нова, поинаква, блискост и соработка со учениците. Мартин (Мадс Микелсон) се труди да ја измени атмосферата и во домот. Постојано незадоволен од разминувањето со својата сопруга, која работи ноќна смена, организира семеен викенд, кампување и кајакарење. По долго време семејството ужива во игри и во моменти што ги заборавиле. Изненадени се од самите себе и од прашањето „што ни се случува?“ – боли до коска. Зарем нормалното и убавото треба да се инцидент и да предизвикуваат нелагодност?
Другарите водат белешки за промените што им се случуваат. Експериментот е студија за психолошките, социјалните и професионалните промени. Консумирањето алкохол си го оправдуваат со брилијантноста на делата на многу писатели, композитори, уметници познати по својата „љубов кон чашката“. Неимуни на добрата голтка се и светските лидери, прикажани со добра монтажа во филмот, од Ангела Меркел до Борис Џонсон, Елцин, Саркози, Брежњев…
Филмот е неверојатно забавен, но и болен, детектирајќи ги сите аномалии во општеството. Може ли да се контролира пиењето, колку пати и зошто сме претерале, се прашања што нѐ мачат и по филмот. Која доза ни е потребна и дали со текот на годините учиме (како што професорите се обидуваа да научат во филмот) како да го воспоставиме вистинскиот сооднос на состојките што ни се важни за животна радост? Зошто ја губиме природната разиграност и спонтаната креативноста на детето во нас? Каде се губи таа искра на љубопитност што секојдневно би нѐ поттикнувала да живееме поисполнет, а со тоа и посреќен и поквалитетен живот?
Одговори што веројатно ќе ги бараме цел живот, најчесто под дејство на стимуланси, залажувајќи се дека така таа животна потрага ќе ја направиме поинтересна и поподнослива.
„Уште една тура“ е славење на животот. Младоста е сон што сакаме вечно да трае. Разделбите со блиските луѓе се потсетник дека животот е прекрасен и треба да се живее во љубов и задоволства.
Илинка Делчева