„Уметноста на протестот“ опфаќа постери од почетокот на дваесеттиот век, од познати движења што тематизираат мигрантска криза, нееднаквост, права на жените, граѓански права, расизам, СИДА, ЛГБТ, нуклеарно разоружување, климатски промени, уништување природни ресурси па сè до современи демонстрации и дела на уметници што го изразуваат своето несогласување со глобалните политики денес.
Застапени се уметници што со својот став и дејствување се обидуваат да ги отстранат општествените стеги и ограничувања, им даваат глас на маргинализираните и ги осудуваат оние што ги негираат правата на мир и еднаквост.
Она што ја разликува од други изданија е обемот и структурирањето на материјалот, начинот на кој се претставени уметничките постери, со детален опис и информација дополнета со историски контекст. Комбинацијата на предисторија, слика и контекст на едно место овозможува книгата да се разгледува како автентична визуелна историја на несогласувањето и отпорот.
Кога би се направила паралела на овие дела создадени некогаш и денес, може да се видат различни уметнички пристапи на проблемите, меѓутоа суштински ситуацијата во временски период од сто години не е променета, борбата за човекови права и социјална правда сè уште трае.
Визуелниот пристап, уметноста на постерот, фотографијата, цртежот, се покажуваат како безвременски моќен медиум за тематизирање на неправдата и поттикнување реформи.
Книгата, збирка на постери, не познава и не е ограничена од географски граници или етничка припадност, нејзина заедничка тема е човештвото. Целта на нејзиното создавање е на необичен атрактивен начин да се погледне во минатото, да се има преглед на настаните, каде бевме и каде одиме во денешниот живот. И, секако, да поттикне на акција.
Aнна