Сакаме да кажеме сè, но никогаш не сме сигурни дека сме го доловиле она вистинското, оригиналното. Ова е еден таков разговор. Имено, неодамна во издание на „Арс Ламина“ беше објавена сликовницата на англиски јазик „Toto and the Fear“ („Тото и стравот“) од македонската авторка Марија Ливриниќ (1985). Оваа приказна за деца (но и за возрасни) е пишувана во текот на неколку месеци, во Германија, каде што таа се преселила со својот сопруг во потрага по подобри услови за живот и поубава кариера. Намерата на Марија била по пишувањето и да ја илустрира, бидејќи работела 3Д и графички дизајн, а нејзината креативност била веќе потврдена уште од најрана возраст. „Тото и стравот“ е пишувана во најтешкиот период од нејзиниот живот, во деновите кога се борела со подмолна болест, и на некој начин е нејзин личен одговор на стравовите, неизвесноста, болката, но и величествен израз на надежта. Иако нејзиниот живот завршува на 33-годишна возраст, сепак нејзината приказна не останува недопишана и ненасликана. Книгата што ќе остане неилустрирана, го добива својот конечен изглед со помош на нејзината сестра Слаѓана, издавачката куќа „Арс Ламина“ и илустраторката Медина Хоџа, и веќе е достапна за читателската публика. Ова беше повод да разговараме со Слаѓана и да го одбележиме издавањето на „Тото и стравот“.
Како индиректен учесник во создавањето на „Тото и стравот“, дали мислиш дека процесот на создавање на оваа сликовница ѝ помогна на Марија да се соочи со сопствените стравови од непознатото?
Сите што добро ја познаваа, кога ја прочитаа „Тото и стравот“, сфатија дека Марија раскажува од свое искуство. Во минатото стравот од неуспех често ѝ беше пречка, меѓутоа кога ја пишуваше книгата, таа се соочуваше со толку тешка битка, што за неа храброста повеќе не беше избор за да го добиеш тоа што го сакаш, туку единствена опција за да го зачуваш тоа што го имаш. „Тото и стравот“ е еден повик да научиш да уживаш во убавината што ја нуди животот, без стравот да ти биде задршка.
Како течеше процесот на создавање, можеш ли да се навратиш и да ни ги опишеш нејзините доживувања додека ја пишувала книгата? Каков беше патот на книгата потоа?
За Марија, процесот на творење беше еден вид терапија. Кога ги поминуваше најтешките моменти од својот живот, таа секогаш беше со тетратка и со блокче до неа, ги црташе местата што сакаше да ги посети, луѓето со кои сака да се види, пишуваше за своите блиски и сакани, и за храброста што ја повикуваше да ѝ биде сопатник низ тешката борба. Се сеќавам точно, беше март 2018 година, кога бев кај неа во Келн и ми кажа дека почнала да пишува детска сликовница и понуди да ми ја прочита за да ѝ кажам што мислам. Ѝ беше напишана на англиски јазик бидејќи сакаше да ја илустрира сама и да ја објави онлајн за да може да ја читаат насекаде низ светот. Уште не ѝ беше завршена приказната, но веднаш се заљубив во магичниот триаголнест свет. Имаше во блокчето и неколку скици од Тото и од неговото семејство, кои требаше да ги илустрира убаво на компјутер кога текстот ќе ѝ биде завршен. Понатаму ни стана како ритуал, наутро со кафе, во креветот легнати двете, јас ѝ читав вести што се случува со светот, а таа пишуваше и си играше со стиховите и со римите, и ми читаше до каде е стигната. Тоа ми е едно од најубавите сеќавања со неа. Знам дека само ѝ предложив насловот да биде различен, да не стои зборот „страв“ во наслов за книга за деца, но не, тоа беше нејзиното официјално изјавување војна спрема стравот, „не ти се плашам да те оставам на корицата!“. Сестра ми ја заврши книгата, но никогаш не стигна да ја илустрира сама. Со текот на времето дури и заборавивме на тој сон да се издаде. Откога се збогувавме со Марија, пробував сѐ што можев од неа да си зачувам, да си го однесам со мене назад во Македонија. Тогаш ја најдов тетратката со Тото. Во тој миг знаев дека таа книга треба да е издадена, макар и само за мене и за моите блиски, но ми требаше доста време додека да соберам и јас храброст да го направам тоа.
Првиот и најважен чекор беше наоѓањето илустратор. Медина Хоџа ми е многу блиска пријателка и бев пресреќна кога се согласи да го илустрира текстот. Имавме само неколку нацрти од сестра ми како треба да изгледа, но тоа што го направи Медина беше вистинско олицетворение на текстот на Марија. Таа знаејќи што значи ова дело за мене, без да знаеме дали некогаш ќе излезе во продажба, вложи толку труд и внимание и љубов за да го илустрира, што мислам дека никој друг немаше подобро да го направи ова. Следниот чекор беше да најдам издавачка куќа. Другарка ме поврза со „Арс Ламина“, и откога им покажав што имам досега (текстот и илустрациите), се согласија да го печатат делото, во оригиналниот текст на англиски, како што е. Последниот чекор беше да најдам лектор за текстот, но некој што ќе ја задржи автентичноста, макар и несовршеноста како што бил создаден. За тоа ми помогна најдобрата другарка на сестра ми, Слаѓана Ордевска. Таа, знаејќи лично за светот на Тото, за секоја замисла што ја инспирираше сестра ми, помогна да го средиме текстот. Имав цел тим и поддршка од моите најблиски и „Тото и стравот“ почна да ја добива својата форма.
Во изминатиов период стравот царуваше глобално, луѓето се повлекоа во своите „школки“ и ги намалија социјалните контакти, ја снема радоста и возбудата на живеењето. Каква лекција им нуди „Тото и стравот“ како на децата така и на возрасните во однос на надминувањето на стравот?
Сите водиме битки во својот живот, а често не ни знаеме колку тешки се на тој до нас. Но, мислам дека тоа што може да се извлече е дека без разлика колку и да е тешка ситуацијата во која си, животот е тој, еден е, бесценет е, радувај му се на сите убавини што ги нуди. Не е надминување на стравот да ја фрлиш маската и да одиш да ги видиш сите блиски сред пандемија, туку да ја согледаш ситуацијата и да научиш да се радуваш дека сепак можеш да им ги видиш нивните лица макар и онлајн, и заедно да си зборувате, да се насмевнувате и да се надевате на подобро утре. Ако пандемијава е еден авион што се урива, нема потреба од страв и паника, читај упатство во случај на непогода, помогни си себеси, па помогни им на другите, заедно сме во ова.
„Тото и стравот“ го има ликот на птицата како гостин во триаголниот свет, носител на добра вест и надеж за Тото. Приказната завршува со силна верба во пријателството и влева надеж дека стравовите можат да се победат. Што за тебе претставува „птицата на надежта“ по ова животно искуство на постхумно преточување на зборовите на Марија во прекрасна сликовница?
Светот на Тото јас го замислив како Инстаграм, каде што сите постираат колку се среќни, шетаат, готват, се заљубуваат. И често многумина од нас додека ги гледаме тие филтри на среќа, се прашуваме „што е со мене, зошто не сум среќен, зошто не се чувствувам така, зошто мојот живот не е како на сликите на другите“. Птицата од реалниот свет е пријателскиот глас „не ти е само тебе вака“. Исплашени сме, изморени сме, тажни сме, и не сме сами во тоа, мојата омилена реченица од текстот: „But every time you share a feeling with a friend, the good feeling is bigger, the bad feeling is smaller“, е пораката што си ја зачував.
Верувам дека и за тебе лично ова е завршување на еден циклус, еден потфат на заокружување на креативната смисла и творечкото наследство од Марија. Дали понекогаш помислуваш каква би била нејзината реакција на делото кое штотуку го издадовте заедно со Медина и со „Арс Ламина“?
Знам дека би била пресреќна, охрабрена да твори повеќе, бидејќи имаше многу да му понуди на светот. За сите што ја познаваа, ова е само делче од нејзината големина што можат да си ја носат со себе, а за тие што не ја познаваа, во Литература.мк на полиците има една книга, која на своите страници ја нема испишано само приказната на Тото, туку и приказната на љубовта, недостигот, храброста и вечниот сјај на Марија Ливриниќ.
Јосип Коцев
фото: Гоце Лалковски