Окамото исто така студирал етнологија и философија на Парискиот универзитет, на којшто ќе се спријатели со пионерот на антропологијата Клод Леви Штраус.
Првично, делата на Окамото биле апстрактни, за потоа постепено да почнат да се појавуваат карактеристични заоблени и шилести форми во неговата работа. Сепак, дури по неговото враќање во Јапонија, во неговата уметност почнува да се чувствува влијанието на етнологијата и на антропологијата.
Во 1951 година Окамото бил воодушевен од мистеријата и од убавината на артефактите од јомонскиот период што ги забележал при една посета на Националниот музеј во Токио. Јомонскиот период е од јапонската праисторија, од 10.000 година до 300 година пр.н.е. Се смета дека од овој период потекнува најстарата грнчарија на светот. Без сомнение, Окамото успеал да го изложи овој заборавен период пред вниманието на јавноста, не само преку својата уметност туку и пишувајќи интересни есеи за неа.
На почетокот на 20 век јапонската уметност била поделена на два правци: јога, според западните техники, и нихонга, карактеристична јапонска традиционална уметност што се навраќала на периодот Едо (1603 – 1857). Јомонската уметност, пак, од друга страна, била чист, домороден извор со примитивна убавина и со апстрактни форми. Токму поради тоа, јомонската уметност имала големо влијание врз Окамото, кој почнал да ги инкорпорира формите во вид на рамки за своите сопствени композиции.
Еден од најпознатите аспекти на јомонското грнчарство се сложените форми на обработка, кои потсетуваат на маорските, па дури и на келтските дизајни. Иако експлозивниот стил на сликање на Окамото немал трпеливост и фокус да ги пресоздаде во нивната полна сложеност, делата како „Црниот ѕвер“ (1961) се живописни обиди да се евоцира нивната форма. Сепак, сликите на Окамото го покажуваат јомонското влијание на испрекинат начин; некои, како што е „Гладијатор“ (1962), се чини повеќе се под влијание на јапонската калиграфија со четки.
Во 1970, го замолиле да направи уметничко дело за World Expo во Осака. По тој повод, тој рекол: „Јапонците имаат два стандарда на вредност: западниот модернизам и неговата антитеза – традиционализмот базиран на јапонските концепти за тивка едноставност и потчинета рафинираност. Јас ги исфрлив и двата, за да креирам апсурден идол кој го поврзува примитивното со современото.“ Така настанала Кулата на сонцето, која потсетува на древен идол со футуристички изглед.
Уште едно негово познато дело е огромниот мурал „Митот за утрешнината“, одговор на нуклеарните напади и алегорија за атомското бомбардирање на Хирошима и Нагасаки. Од 2008 година, тоа е поставено на станицата Шибуја во Токио.
Делата на Таро Окамото се доказ дека уметноста е постојан процес на откривање на формите и на елементите од минатото, но ексцентричноста и инспирацијата истовремено го манифестираат и персоналитетот на артистот кој не може да се имитира.
Драган А.