Нивниот деби-албум „Odron Ritual Orchestra“ добри блескави критики и беше вброен меѓу 15-те најдобри џез-албуми во светот за 2019 година, истовремено продавајќи се во импозантен број носачи на звук на американската онлајн музичка продавница Bandcamp. Иако Кристијан беше оправдано отсутен, Дени и Нинослав беа доволни за да ни ја разбудат љубопитноста за нивниот втор албум, во кој, како и во претходниот, се отсликува нивниот амбициозен однос кон слободниот џез, но и македонската етно-музика. На прашањата одговараше Дени.
Бидејќи поединечно имате солиден музички бекграунд, раскажете ни нешто повеќе за периодот кога се соединивте и за почетоците на музичкиот колектив „Светлост“?
„Светлост“ се роди од желба да свириме еден со друг. Имавме музички слични размислувања, но и различности што сакавме да ги споделиме еден со друг. Јас и Нинослав имавме одлична соработка во групата „Fighting Windmills“, a и музички сме на слична фреквенција. Со Кристијан се знаевме добро преку неговото дејство со Палиндром, каде што понекогаш гостуваме и релативно брзо решивме дека треба да свириме заедно. Тоа би било 2014 или 2015 година. Во 2018 година бевме доста активни концертно и го развивавме материјалот што го имавме напишано. Околу 15 различни музичари се свртеа во различни формати на „Светлост“, од кои на крај 11 се најдоа и на албумот „Odron Ritual Orchestra“.
Воодушевува фактот што „Odron Ritual Orchestra“ беше сместен во 15-те најдобри џез-албуми за 2019 година, според Bandcamp. Целиот проширен ансамбл, Bandcamp го опиша како „катарзично искуство“ и „модулирање меѓу хаотичен интензитет и чудна смиреност“. Тоа е нивното слушателско искуство, а какво беше вашето додека го работевте изданието?
Тешко ни е додека снимаме да имаме какви било силни чувства за албумот зашто сме концентрирани на други работи во тој момент. А, и човек отапува на музика што ја работи подолго време. Како што кажав, во текот на годината ги свиревме песните во повеќе верзии и со повеќе музичари додека ја дефиниравме формата и распоредот на музичкиот материјал. Снимивме неколку варијанти на албумот во различни состави и преку органски процес стигнавме до сегашниот инструментариум и форма. Поединците што свират на албумот се избрани поради нивниот квалитет, но и нивната волја да се вклучат во еден нималку едноставен процес. За среќа, одлично функционираме засега, а и нивната вклученост сепак го поедностави процесот. Секако на крај кога го слушаме сработеното и нас нè возбудува. Многукратно повеќе од тоа што нè возбудуваат други музики.
Во новиот албум „Jazz (to the working class)“ во издание на PMG Jazz, повторно се појавувате како трио и велите дека неговиот амбиентален, електронски и акустик џез-звук, целосно ѝ го посветувате на работничката класа, на која со гордост ѝ припаѓате. Како настана албумот и кога ќе се случи неговата официјална промоција?
Промоцијата се случува на 6 февруари, во 21 часот, во скопскиот клуб „КОТУР“. Албумот е снимен на 1 јануари 2018 година во Канал 103, каде што свиревме на покана на Ѓорѓи Јаневски. Материјалот е напишан и развиен во двете недели пред снимањето преку настапи на фестивалите „Waves of Ambience“ и „Под земја полесно се дише“, кои воедно беа први концертни настапи на „Светлост“. Трио формацијата е суштината на „Светлост“ и е авторското јадро на она што сега се нарекува Svetlost + Odron Ritual Orchestra. Kако што неодамна кажа една наша пријателка, „Светлост, без дополнителни наставки, бидејќи добра основа нема потреба од наставка“. Иако со наставките кажуваме други приказни. Или исти приказни, ама на друг начин.
„Светлост“ во полн состав (преземено од Fb page Светлост)
Се чини дека џезот за вас претставува бескрајно поле за истражување и нескротлива преобразба. Како доаѓате до извонредните комбинации и како се случуваат тие чудесни трансформации од трио во голем ансамбл? Како влијаат врз автентичноста на вашиот звук?
И не само за нас. Џезот како идеја е поле за истражување и силен медиум за невербална комуникација. И пак се враќам на тоа кажување исти приказни, ама на друг начин. Различни луѓе различно раскажуваат иста приказна. И едниот и другиот и третиот… и во нашиот случај единаесеттиот начин е легитимен. Најчесто и искрен. Понекогаш и автентичен. Трансформацијата од трио во ансамбл е лесна зашто е искрена. А, чудесна од сосем други причини.
Ве опишуваат како своевидно чудо на македонската и пошироката џез-сцена. Што мислите, зошто ни недостига капацитет да препознаваме чуда, и уште повеќе, зошто сме лимитирани во нивното признавање?
Не сум чул дека некој нè нарекол чудо, ама фала му! Чудо е што свириме нешто што се категоризира како „џез“ во Македонија каде што тој збор значи нешто друго. Во последниве 10 години има развој на клупските и кафеанските џез-свирки, помогнат од продукцијата на такви кадри на катедрите за џез и поп музика на музичките факултети. Меѓутоа инсистирањето на зборот „џез“ за опишување на оваа некреативна и музички непродуктивна појава, доведува до маргинализација на креативните џез-музичари, од кои добар дел веќе ја напуштаат етикетата „џез“ и се подредуваат под инклузивноста на паролата „креативна импровизирачка музика“. Појавата на одредени локализирани микро-џез-ама не е- фестивали, исто така придонесува кон илузијата дека има некоја жива сцена и дека сме најголеми џезери по глава на жител во Европа. Целта на повеќето од нив е далеку од поддршка на креативна и квалитетна музика, но ако ги прашаш, тие се далеку од ограничени во нивното признавање и препознавање. За среќа, значајните македонски џез-фестивали како Скопскиот џез-фестивал (и во помал размер Прилеп џез-викенд) сè уште успеваат да бидат контратежа на предмалку споменатите појави, во поглед на понуда на квалитетна и светски релевантна музичка програма. Иако, не секогаш и од домашната сцена.
Станува збор за музика што веќе докажано „врие“ и „се прелева“ надвор од тесниот балкански лонец, какви се вашите планови во поглед на нејзиното пласирање во пошироки рамки?
Музиката што ја имаме издадено има солидна продажба преку Bandcamp платформата на PMG Jazz и досега има десетици илјади преслушувања, од секаде во светот. Албумот „Odron Ritual Orchestra“ се најде и на неколку светски листи за најдобри албуми на измината година. Така што, и сега без воопшто да се трудиме, музиката си наоѓа публика. А, имаме планови наскоро и да се потрудиме.