PopUp Rating: 3.5/5
Младиот чувар нетрпеливо ги одбројува деновите на малото и депресивно парче земја, но како одминува времето, така сè подолги стануваат деноноќијата, потешка е битката да остане при здрав разум и построги се наредбите на суеверниот Томас…
„Светилникот“ е црно-бел игран филм на браќата Роберт и Макс Егерс, кои го делат авторското перо за комплексното сценарио, но со режисерската палка самостојно раководи Роберт. Сценариото се насочува кон обезкостување на менталното здравје и играта на нерви во осамени услови. Морничава, мистериозна психолошка драма исполнета со богата симболика и длабоки монолози, најчесто лекции од главниот чувар Томас, кој си поигрува со растроената свест на потчинетиот, во обид да ја разниша неговата самодоверба. Однапред испланираните чекори, затворањето на вратата од кулата со фенерот и погледот низ решетките на работникот се уште еден показател на стравопочит и ропство. Тој наметнува налик патријархален авторитет, ништожнички однос што евоцира несакани спомени кај угнетениот помошник од минатото и грубиот третман од неговиот татко.
Пијаните дијалози на (не)пријателите постојано откриваат важни детали за карактерите и животната историја на чуварите. Од почетниот кадар, демнее тензична атмосфера со татнежи и кристално чисти звуци на природата, а режисерот мудро ги користи силните бранови на водата, гласните крикови на галебите и моќниот ветар да го надополни вознемирувачкиот амбиент. Исто така, со јасна цел се вметнати голем дел од сцените, кои предизвикуваат публиката да ги претпостави непријатните мириси што ги искусуваат ликовите во нехигиенската средина.
Директорот на фотографија се обидува да користи што е можно повеќе крупни кадри и воопшто не го штеди гледачот, напротив, прецизно се обидува да го втемели помеѓу бавните, но ударни отчукувања на часовникот и громогласниот звук на сирената. Дополнително, конкретен случај за пренос на невкусни чувства се кадрите кога актерите гледаат директно во камерата т.е. очите, душата на публиката. Одличната идеја за филмот во црно-бела варијанта му овозможува на кинематограферот Џарин Блашке да создаде уникатни статични кадри во куќата со минимално користење светлина, а мрачниот фазон го бистри вниманието и сетилата. Квалитетот на впечатливата кинематографија го препозна Академијата за филмски уметности и покрај тешката конкуренција, Блашке се здоби со номинација за дебитантски „Оскар“.
Дејството се фокусира околу постапките на двајцата чувари, кои се и единствени актери. Во првата половина, искусниот и веќе докажан Вилем Дефо доаѓа до израз со неговото владеење на специфичниот акцент, ужаснатите погледи и солените заповеди. Тој очекувано, фантастично го доловува одвратниот Томас и високо ја поставува границата што треба да ја следи главниот лик. Роберт Патинсон внимателно го чека фокусното светло и извонредно, речиси со ист квалитет го претставува исфрустрираниот помошник со тешка позадина. Англичанецот успева да го прикаже ликот лишен од задоволства и полека ги издава длабоките тајни и лузни од минатото. Одличната актерска игра се издвојува како најсилна точка во „Светилникот“, Дефо вешто го подигнува нивото, но изненадува и темната страна на Патинсон, на кого моментално му расцутува актерската кариера.
„Светилникот“ е втор долгометражен филм на талентираниот Роберт Егерс по дебито со „Вештерката“ и режисерот повторно се определува за хибрид драма што црпи инспирација од грчката митологија и елементи на популарниот жанр, фолклорен хорор. Сценариото на одредени моменти е предвидливо и тоа се двои како недостаток, но истовремено буди сомнежи и морални дилеми за ликовите. Црно-белата камера создава автентичен, мистериозен микросвет, а притоа инјектира доза на страв. „Светилникот“ е солидно филмско остварување за гледачите кои имаат афинитети кон длабоките мистерии и психолошки анализи што ги разбрануваат мислите и по крајот, но очекувано брои поделени ставови помеѓу широката публика. Актерската игра на Дефо и на Патинсон импресионира, а на Академијата како да ѝ здосади доделувајќи му номинации на маестралниот Дефо во походот кон првата статуетка па го изостави оваа година, додека Патинсон се усовршува и се ближи до докази и високи признанија за сè пошареноликиот репертоар. „Светилникот“ ќе ве одведе на мрачни места, но љубопитноста нема да ви дозволи да ја прекинете серијата од непријатни чувства, дефинитивно вреди да се погледне.
Филип Мишов