PopUp Rating: 4/5
Масовната толпа губи контрола и избиваат жестоки судири со полицијата, а водачите на протестите се заробени во исцрпувачки судски процес против државата, каде што исходот и пресудата се однапред познати…
Нова оскаровска сезона и нова историска преработка на филмското платно во одамна презаситениот Холивуд. Режисерот и сценарист Арон Соркин го оживува неправедниот судски процес за обвинетите организатори на крвавите протести во Чикаго, предизвикани од насобраниот гнев за убиството на Мартин Лутер Кинг и од зголемената воена активност на САД и починатите во Виетнамската војна. Оскаровецот се навраќа 52 години во минатото и отвора црно поглавје од историјата, кое содржи жешки теми што се актуелни и ден-денес. Тој успева да ја раздразни публиката и потсети на полициската бруталност, на ограничената слобода на говор и на масовните протести што се случија пред и по изборите годинава ширум Америка.
На прв поглед, воопшто не изгледаат примамливо сцените во еден кадар од судницата и долгото времетраење од 129 минути, но како одминува дејството, така тоа буди сè поголем интерес за протагонистите. Седуммина политички активисти делат иста идеја, но имаат дијаметрално спротивни карактери и потекнуваат од различни граѓански организации. Нивните впечатливи ликови внесуваат заразна енергија, свежина и забава. Актерската екипа е сочинета од искусни глумци, на чело со извонредниот Еди Редмејн во улогата на големиот интелект Том Хејден, а потоа Џозеф Гордон, Џон Керол Линч и Мајкл Китон, но вистинското пријатно изненадување е актерската игра на Саша Барон Коен. Конечно, контроверзниот комичар излезе од комфорната зона и прикажа ново лице во споредната улога како харизматичниот Аби Хофман. Тој е фантастичен во ролјата на насмеаниот активист со борбен дух, кој цврсто се залага и ги брани своите ставови. Видоизменетиот Коен е непрепознатлив и открива досега непозната гранка од неговиот актерски репертоар, кој беше ограничен на саркастични комедии, од кои најпозната е „Борат“.
Режисерот Соркин ја игнорира животната заднина на главните ликови и единствено се фокусира на бурните разговори во судницата, со повремени автентични, архивски снимки од немилите настани. Но, како што државата погрешно и површно го вметнува во случајот лидерот на „Црни пантери“ – Боби Сил, така во сценариото се насетува како да е нафрлен и неоформен неговиот лик помеѓу другите. Исто така, недостасува емоција и слеано отплеткување на расплетот, односно моментот кога Том Хејден стекнува доверба во својот соборец Аби Хофман.
Во филмовите чии случувања се концентрирани на специфичен настан во една просторија, клучна е изведбата на актерите, а во овој случај тие се одлични. Сценариото бележи видни недостатоци и историска прецизност за одредени делови, но измените се направени за драматуршки цели, а успешно е постигнат ефектот гледачите да остварат силна емпатична врска со протагонистите и да почувствуваат неправда и немир. Актерската игра има главен збор во „Судењето на седумтемина од Чикаго“, а новото лице на Барон Коен се издвојува како ран фаворит во трката за номинација за споредна машка улога во пресрет на следното издание на Оскарите.
Филип Мишов