И во „Врба“ како и во дел од претходните остварувања, Манчевски нè пушта во својот филмски космос каде што владеат законитостите на еластичното време, се провлекуваат изречени и премолчани пораки, се судираат или заеднички постојат бруталната реалност и сочната мистика… „Врба“ е филм кој третира универзално прашање отсликано преку македонскиот бит, и просто не можам да си замислам како би го доживеал некој што не потекнува од ова поднебје, некој за кого Питу Гули е Че Гевара 😊 Егзотично, незаборавно, убаво, болно, чудно, неубедливо, претерано? Не знам. За мене приказната на „Врба“ е позната, присна, блиска и органски сврзана со шаренилото од луѓе, судбини, факти, бесмислици и настани што културолошки нè обликуваат. Оттаму, овој текст не е рецензија, туку им прави место на симболите и нивните можни извори сретнати и видени во „Врба“.
„Жената по мажењето станува нива“, вели Велика во „Пиреј“, романот на Андреевски што го ужива статусот на еден вид исконска мапа на македонскиот бит. Колку и да звучи грубо и анахроно гледано од денешна перспектива, од оваа точка во времето кога женскиот глас пушта силен крик за правото да одлучува за сопственото тело преку манифести од типот на „Мое тело, мои права“, репродукцијата е мотив што е длабоко вткаен во приказните, раскажаната историја, хуморот, обичаите, популарните верувања, па дури и во танците на македонскиот народ. Тој мотив бликнува од старословенските обичаи и верувања, се врзува со христијанството, татне во времињата на опстојувањето под налетот на многубројните окупатори и живее до овој момент, до 2019 година, сублимиран во повеќеслојниот, подложен на повеќестрани толкувања и размисли, филм на Милчо Манчевски – „Врба“. Симболиката на врбата во словенскиот универзум е интересна тема. Во средновековниот сегмент од филмот, ги гледаме ликовите на Донка (Сара Климоска) и Милан (Никола Ристески), како водат љубов под врба, по насока од магискиот ритуал на гледачката Сребра (Ратка Радмановиќ), очајни да имаат пород. Народните верувања упатувале на тоа дека штом раззелени врбата (врбопуц), кај жената растеле сексуалните желби. Познато е дека врбата лесно се копира генетски во свој идентичен мал потомок и од сопствените скршени гранчиња паднати на земјата, а нејзините корења се силни, големи и агресивни. Врбата е дводомно растение, а тоа значи дека има еднополни цветови на различни дрвја (само машки на едно, и само женски на друго дрво). Женските цветови пуштаат нектар со кој ги привлекуваат инсектите-опрашувачи, со надеж дека нивниот последен посетен цвет и последниот испиен нектар е од машка врба од истиот вид, за да се постигне оплодувањето. Машката и женската верзија на „Врба“ веројатно го даваат наративниот плод на оваа комплексна приказна, која ги распостила своите емоционални набори врз површината на повеќе епохи, системи на верување и философии.
Да не беше ликот на Кире (Петар Царановиќ) асоциран со „Малиот Буда“ во вториот дел од филмот „Врба“, кога мајка му Катерина (Камка Тоциновски) се бори со сомнежите дека е аутистичен во френетичен тек на настаните, веројатно немаше да се сетам на „самсара“, поимот со кој се запознав одамна, читајќи ја Тибетската книга за животот и смртта. Самсара значи талкање кое трае засекогаш. Тоа е концептот на прераѓање, цикличноста на животот и смртта, материјата и постоењето, верувањето дека личноста продолжува да се раѓа и прераѓа во различни простори и форми. Го симболизира суштеството кое најпрво ги шири крилата во вознес, а потоа паѓа на земјата повлечено од тежок камен. Впрочем, нели во една сцена ги гледаме модерните верзии на средновековните ликови Донка и Милан на фотографија на плакат, како рекламни ликови со многудетно семејство?
Во „Врба“ може да се види каменот на судбината и клетвата, не само метафорично, туку и во неговиот физички облик. На каменот му се доделени трансцендентални својства, патува низ времето, најпрво како оружје со кое е убиена гледачката Сребра која доаѓа по својот „ненаплатен данок“, потоа како зглавје за повредениот Ставре (Петар Мирчевски), па како седиште за Бранко (Ненад Нацев), и на крајот како симбол на запознавањето и љубовта меѓу него и Родна (Наталија Теодосиева). Во сцената кога Сребра им соопштува на Донка и Милан дека не можат да имаат деца поради клетва, неминовно се потсетувате на трагите што ваквите верувања ги имаат оставено во нашиот фолклор: „Мене ме е мајка лудо, луто проколнала / Мајка проколнала, Стојан, клела, говорила / Ој Јано, Јано, леле мила ќерко / Лика спроти тебе Јано, друга да не родиш / Оти ноќе плачеш ќерко, а дење си спиеш / Ти на мајка, мила Јано, многу причинуеш / Од срце порода Јано, ти да не си имаш.“ (Си дозволив да одам дотаму да ги замислам Донка и Милан како прапрародители на Родна и Катерина, во светлината на преданието за наследувањето на клетвите вдолж генерациите и родословијата). Оставениот камен во празниот стан на Бранко може да се протолкува како конечно исплаќање на кармичкиот долг, завршување на циклусот после кој Родна и Катерина конечно ја остваруваат својата битка на пород.
На крајот, се разбира дека „Врба“ е филм за магијата на животот што се создава во женското тело, за неговата убавина и единственост, како и за светоста на мајчинството, еден вид ода за силата на женската љубов. Се разбира дека не мора да се согласите со мене, но „Врба“ поттикнува цело изобилство асоцијации со своите богати сцени кои црпат од колективната меморија на македонскиот и сите останати народи што живеат со него. Можеби токму затоа беше необично, можеби дури и болно-убаво, да се најдеме и видиме под нејзината сенка.
Јосип Коцев
Фотографиите се преземени од фејсбук страницата на филмот „Врба“