SKIP AD е истражувачки проект на графичкиот дизајнер Ѓорѓи Десподов, преку кој тој ја преосмислува улогата на графичкиот дизајн во насока на алатка за критичко читање. Целото истражување тргнува од премисата дека графичкиот дизајн, денес, е најмногу во корист на масовната продукција, преку којашто се обликува светот на нашите потреби. Оттука, Десподов создава игрив уметнички метод наречен „Сесија за себепронаоѓање“, составен дел од поширокиот проект SKIP AD. И преку овој метод, кој е критички свртен кон масовниот конзумеризам, Десподов ја отвора можноста за сојузништво помеѓу графичкиот дизајнер и нас, односно корисниците. Графичкиот дизајн користи механизми насочени кон потребите на корисниците; овој проект ги користи истите механизми со цел да нè насочи кон спознавање на нашите индивидуални и суштински потреби. Па така, овој чин на спознавање, истовремено претставува и чин на отпор, но и можност за создавање на еден нов визуелен свет. Проектот е спонзориран од Prince Claus Fund for Culture and Development.
Ѓорѓи Десподов (роден во 1996, во Прилеп) е и мултидисциплинарен дизајнер со седиште помеѓу Бугарија и С. Македонија. Тој главно работи во полето на визуелните уметности и создава концепти преку широк спектар на дисциплини како што се графички дизајн, 3Д-визуелизации и илустрации. Дипломира Рекламен дизајн на Националната академија за уметност во Софија во 2019 година и во моментов работи како самостоен графички дизајнер и 3Д илустратор. Визуелниот речник на Десподов е развиен под влијание на поп-артот, кинематографијата од 80-ти и дизајнот на Мемфис. Неговата работа постои во полето помеѓу физичката и дигиталната средина и вклучува различни техники: видео, инсталација, 3Д-визиуализација и фотографија. Неговата работа е главно инспирирана од бизарните филмови, телевизијата и рекламите од доцните 80-ти, засилена со дигитални техники и компонирање на бои.
„Мојот креативен пристап кон дизајнот е да создадам силен впечаток за надворешната форма со имплицитен наратив. Во мојата работа се обидувам често да прикажувам колекција од обични предмети во необичен контекст, давајќи нови значења на познатите работи“ – вели Десподов за својата практика.
Се молат посетителите својата посета да ја потврдат со порака на Facebook или на info@privateprint.mk. Изложбата ќе се одржи според протоколите за заштита од Ковид-19. Задолжително е носење заштитна маска и одржување дистанца за време на посетата.