Како да нема утре. Затоа што тоа никому не му е ветено. По повод прикажувањето на овој филм на најновото издание на МакеДокс, разговаравме со Сержио Трифо, режисер зад кој стојат голем број документарни филмови и интернационални награди.
Документарниот филм „Рај“, на некој начин е враќање во вашето детство, во оној Бразил што е втиснат во најинтимните агли на душата и сеќавањата. Какво е чувството кога човек се враќа во родната земја по 40 години? На крајот од филмот велите дека „земјата што ја сакам исчезнува со нив“ (со луѓето прикажани во филмот). Како се променил Бразил во меѓувреме?
Имав десет години кога моето семејство беше присилено да го напушти Бразил во 1975 година. Мојот брат беше затворен, мачен и речиси убиен од режимот, и затоа моравме да избегаме. Цел живот го поминав во Европа, училиште, факултет, работа, а сонот да се вратам и да живеам во родната земја никогаш не престана. Откако наполнив 50 години, си реков „сега или никогаш“, и заминав некаде на крајот на 2018 година. Токму во најлошиот период за Бразил по диктатурата. Земјата од моите соништа беше уништена. Но некои „острови“ од Бразил каков што го сакав, сè уште даваа отпор. Луѓето што се претставени во филмот „Рај“ се дел од тие „острови“. Криминалниот начин на кој бразилската влада се справуваше со пандемијата, доведе до тоа илјадници луѓе да умрат без пристап до болничко лекување. Згора на тоа, речиси целата бразилска историја во текот на XX век се состои во постојано уништување на природното и историското наследство, поврзано со апсурдната идеологија според која идентитетот на државата треба да се црпи од иднината. Бразилија е најеклатантниот пример за тоа.
Ова е и приказна за цврстото држење до спомените, но и исто така и за исчезнувањето. Документарците се жива материја и во нив, непредвидливото често станува централна тема. Како го доживеавте ненадејниот влез на пандемијата како учесник во целата идеја за вашиот филм?
Во март 2020 планирав да продолжам да ги снимам ликовите од филмот. Точната цел ми беше да прикажам како тие претставуваат остров во современиот насилен Рио де Жанеиро. Пандемијата ги принуди овие луѓе да останат дома и веќе знаев дека ќе биде невозможно да се продолжи со снимањето. Некои од нив беа првите жртви на ковид. Потоа го променив концептот на филмот за да ѝ оддадам почит на една цела генерација луѓе.
Во филмот, повозрасните луѓе наоѓаат утеха и бегство во музичките изведби во градините на Palácio do Catete. Таму се исцелуваат едни со други, цврсто држејќи се за спомените од нивната младост, љубовните текстови на песните и сето она што го понеле како животен багаж. Се прашувам, како ли би изгледала староста на денешниве млади луѓе. Ќе има ли што да се понесе во куферот со емоции?
Во секоја повозрасна генерација, секогаш ќе има носталгија за младоста. Дури и луѓето што биле во концентрациони логори се собираат за да им се навратат на спомените. Вистинскиот проблем е она што е одземено и никогаш нема да постои пак. На пример, во октомври 2018 година, Националниот музеј на Рио де Жанеиро изгоре до темел заедно со 20 милиони историски и национални богатства. Материјалната историја на Бразил се претвори во пепел поради индиферентниот однос на политичарите кон историјата и наследството.
Каква е Вашата интимна поврзаност со бразилската музика?
Цел живот пеам бразилски песни. Дури и сега. Токму преку нив открив што се тоа чувства, емоции и го одредив мојот пристап кон љубовта и животот.
На што работите во моментов?
После „Рај“, снимав во Ирак. Станува збор за долгометражниот филм „А Noiva“ (Невеста). Филмот ќе ја доживее својата премиера следниот месец на Венецискиот филмски фестивал (Orizzonti). Се работи за тинејџерка од Европа, која ќе избега од дома за да се омажи со борец од терористичката група Даеш. Таа станува невеста на џихадот. Три години подоцна, нејзиниот живот драматично се менува. Таа живее во ирачки затворенички камп, има две деца и е бремена со трето. Таа е 20-годишна вдовица и ја очекува судење во ирачките судови. Прашањето е што ѝ направиле војната и перењето мозок на оваа млада жена?
Јосип Коцев
фотографии: МакеДокс