Дури и кога неговите филмови не доживуваат сериозен успех, тие ја задржуваат магијата со тој ингенизоен круг на психолошки недефинирани ликови што доаѓаат до самите граници на разумот. Ретки се режисерите што успеале да ги ослободат гледачите од рестрикциите на родовите норми и институционализираната хомофобија на начин на кој тоа го прави Алмодовар. Некои сметаат дека ниту еден шпански режисер нема создадено таков доброзамислен и длабоко личен синеастички универзум, освен големиот Луис Буњуел. Други, пак, ќе забележат дека Педро Алмодовар ја искористил постфранковската културна слобода за да изгради сопствен режисерски стил, па така созреал од „лошото момче“ на шпанскиот филм до софистициран европски auteur. Неговата моќ особено доаѓа до израз во креирањето суптилни мелодрами и феноменални женски улоги.
Неговиот „Зборувај со неа“ на платното ги изнесува неопходните состојки за една цврста мелодрама, суровите емоции и излегувањето накрај со болни теми како што се смртта, фобиите, бариерите во комуникацијата, сексуалноста, меланхоличната убавина на уметничките форми итн. Паралелните стории за жените во кома и мажите со нивната борба за приврзаност градат целина што прерасна во ремек-дело на европската и светската кинематографија.
Невозможно е да се избегне и „Жени на работ на нервен слом“ со неверојатниот женски кастинг, кој придонесува овој филм да биде еден од најживописните во опусот на Алмодовар. Дејството е турбулентно и живо, што на неверојатен начин додава длабински слоеви на човечките врски и одлуки, сето тоа сместено во сетинг на обичен стан и изнесено од фантастичен актерски ансамбл.
Сепак, филмот што го зацврсти авторскиот статус на Алмодовар е „Сè за мајка ми“. Овој филм е редок примерок за исклучително дело што се појавува во самиот уметнички врв на еден режисер, а воедно и на врвот на неговата популарност. Во него, Сесилија Рот е одлична како ожалостената мајка што го краси целиот филмски тек. Критичарите го квалификуваат како опера без пеење – емоционален и незаборавен врв на најмалку две кариери.
И не може да се пишува за Алмодовар без да се спомне неговата муза Пенелопе Круз. Особено во филмот „Volver“. Овој прекрасен женски филм е полн со закани, импулсивно убиство и утешително лебдечко присуство на фигурата што овој режисер толку често ја сецира во своите филмови – мајката. Одличното сценарио и режијата се потврдуваат и со овој филм, а препознатливите актери се неприкосновени и во својата надменост и во својата немоќ.
Сексот, убиството и манипулацијата се предмет и на филмот „Лошо образование“, кој ги крши синеастичките конвенции, покажувајќи ни приказна по приказната и филм во филмот низ сторијата за двајца мажи што се среќаваат по многу години, а биле сексуално злоупотребувани од свештеник. Одличната глума на Гаел Гарсија Бернал воодушевува, а хичкоковската игривост помешана со мистеријата и идентитетите на ликовите овозможува неверојатно кинематографско искуство.
Во целина, мешањето елементи на андерграундот и геј-културата од страна на Алмодовар и потопувањето на таа мешавина во мејнстримот со нишки на особена привлечност засекогаш ги променија перцепциите за шпанскиот филм, оставајќи неизбришлива трага во целокупната европска кинематографија.