Бидејќи peer-pressure кај мене ефект нема, лабаво сакам да слушам и до ден денес буквално свашта, вшмукувајќи ја музиката како информација, како некој мравојад кога празни мравјалник; можам во рамки од еден час да свртам од Макфест, до Лидија Ланч, турско диско, па преку Дефтонс и Холи Херндон до некое тешко кантри во кое се пее за коњот на некој Ренди од Охајо. Ги обожавам Clairo и H.E.R. Ме фацинираат различните музички појави (и човечки појави во музиката), и сите нивни глупави, убави, преинтелигентни, брливи, омајни, сељачки, смешни, сериозни, непоимливи, рапави, мазни, тешки, лесни, секси, грди и весели варијации.
илустрација на Ивана Бајец
Првиот албум кој што икогаш го купив и нема никогаш да го заборавам е “Get Ready!” на 2Unlimited. Го молев татко ми на авто-пазар во Куманово да ми купи било каква касета за новиот касетофон, и препораката за албумов дојде од продавачот директ, кој што сите касети ги имаше послано на едно ќебе со тигри. Кога отидов дома и си ја пуштив касетава – ме удри електрошок. Многу ми беа модерни, мислев нешто подобро не постоело или било кога ќе постои.
Втор е саундтракот на “Les Chansons d’Amour”. Кога како дете живеев во Кратово и ќе одгледав некој мјузикл на МРТ, па ќе излезев до сокак или трафика, стално ми беше чудно зошто кратовчаните само одат или зборат и не пеат и играат по улица како странците во овие филмови. Мислев дека нешто не е ок тука. “Les Chansons d’Amour” е релативно нов филм, не излегол кога сум билa дете – ама овде го ставам како симболичен омаж на сите изгледани и неизгледани мјузикли. Песните и пеењето се несовршени, има и доста фалширање, а јас високо ценам грешки и неточности. Го имам превртено од слушање.
Sage Francis, “Life”. Необичен бел рапер со феноменален поетски израз. Кога го открив С. Францис нешто се смени во мене и уште повеќе засакав рап. Сум им го покажувала и нудела на доста пријатели, ама никој не го заслуша и мислам дека е незаслужено неприметен. Многу сакам рап, многу сакам поезија и сакам да сум Ена Веко.
Akiko Yano “Iroha ni Konpeito”. Некаков јапонски микс меѓу Бјорк, Ненси Синатра и Лори Андерсон. Неодамна ја открив и многу ме инспирира нејзината фриволност и вечна уметничка свежина и младост. Сакам да се обновувам и јас така во музичкиот израз. Ме радува и ми става насмевка на лице. Исто, да не спомнувам колку сакам да слушам музика на јазици кои не ги разбирам и пробувам да ги разберам. Грчки и курдски исто ми се хит.
Angel Olsen, “Burn Your Fire For No Witness”. Откривањето на албумов всушност хронолошки се поклопи со моето станување музичарка. Тогаш се ослободив – сфатив дека не мора да си бог знае каков гитарист или па школуван музичар за да напишеш добра песна, па албум, и да заредиш цела дискографија. Ја осеќам дека е многу самокритична и искрено вредна уметница и тоа прави да ѝ се враќам постојано. Лани ја слушав конечно во живо и беше како некој полусон, како матурска од 60-тите, ама со безвременски твист.