Кога пред неколку месеци разговаравме со Кристина Леловац за платформата „Испробуваме феминистички иднини“, повикот за уметнички колективи сѐ уште траеше. Неколку недели подоцна на повикот беше избран колективот составен од архитектката и соработничка на сценски дизајн Моника Ангелевска, компаратистката и независна истражувачка за современа книжевност, филм, култура и квир прашања Грација Атанасовска, актерката и магистерка по културолошки студии Јасмина Василева, видеоавторката и истражувачка на мултимедијални форми Вероника Камчевска и германистката, уредничка и преведувачка Катерина Шекутковска. Како дел од оваа платформа, во изминативе неколку месеци тие го развиваа својот перформанс низ интердисциплинарен процес и со поддршка од Јасна Жмак, Викторија Илиоска, Кристина Леловац, Биљана Тануровска-Ќулавковски и Ана Дубљевиќ.
Сега, само неколку денови пред нивната премиера на 27 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје, разговарав со Грација Атанасовска и со Катерина Шекутковска, кои велат дека се возбудени, еуфорични и комплетно задлабочени во завршната етапа од реализацијата на овој перформанс заснован на текстот „Мачката Елеонора“ на авторката Карен Јес.
„За мене ова е првпат да се појавам на ваков начин на сцена и да учествувам во ваков процес, кој е пред сѐ перформативен. Мислам дека е нормално да чувствувам трема и да посакувам изведбата да го рефлектира трудот што го вложивме досега“, вели Грација.
„Јас чувствувам возбуда, но и умор. Возбудата ми доаѓа од размислувањето што ќе спремиме во овие последни денови, како ќе се одвива процесот, но и од некои помали стравови поврзани со сите предизвици што можат да се појават пред премиерата, а и кои ги имаше доста во текот на целиот процес“, се надоврза Кате.
За тоа како се формирал нивниот колектив, Кате вели: „Сите се познававме меѓу себе на еден или друг начин, приватно или професионално, па кога го видовме повикот, сфативме дека постои простор да се обидеме да работиме заедно.“ Како индивидуи и како колектив, тие се идентификуваат во феминистичките начела врз кои е заснована самата платформа: емпатија, солидарност, грижа и другарство. „Тоа дури се чувствува и во начинот на кој го обработивме текстот што го одбравме, кој е монодрама, но низ процесот ја опфати и платформата и се мултиплицираше во сите нас. Затоа и ќе биде во таа полифонична форма во која ќе ја видите во понеделник“, вели Грација.
Низ овој процес, тие не само што се обидуваат да работат заедно, туку и да бараат и да нудат алтернативи на модели на работа, светогледи, но и нови облици на театар. Како што ни објасни Кате: „Сите процеси низ кои минуваме и начинот на кој работиме се возможни само во рамките на ваква платформа. Процесот во значителна мера беше посветен на разговори со Тиииит! Инк на темите и на принципите на кои се заснова платформата ИФИ и на просторот за грешка и обидување на кој толку и се инсистира. Менторската поддршка што ја добивме од платформата нѐ поттикна да размислиме како може да се креира феминистичка практика во доминантно патријархална средина, но и да размислиме за тоа како ги дефинираме грижата, емпатичноста и солидарноста, колективно и индивидуално, во таа иста средина.“
Покрај досегашните работилници, по премиерата колективот ќе помине низ уште една постпродукциска работилница со Ана Дубљевиќ, која ќе биде во функција на простор за фидбек и рефлексија. До крајот на оваа година ќе се отпечати и публикација што ќе го документира годинешниот процес на реализација на платформата ИФИ.
Мене, лично, текстот „Мачката Елеонора“ ме возбудува од сите мои омилени причини: по малку е мрачен, прилично е апсурден, и да ја немаше најавата на почетокот на текстот од самата авторка дека Елеонора не е комичен лик, веројатно ќе имав поинаков однос кон вештиот хумор на Карен Јес. Она што најмногу ме допре, всушност, е мојот впечаток дека Елеонора ја среќаваме во момент во нејзиниот живот во кој таа едноставно решава да престане да учествува во свет што е бесмислен и неправеден. Својата бунтовност и ослободеност ги манифестира во изборот да биде мачка. Да, мачка. Многу би било лесно да го претставиме овој избор како пародија, но мислам дека тоа би било погрешно и би го банализирало нејзиниот чесен и искрен обид да му се спротивстави на светот, а не да се потсмева со него, со себеси или со нејзините нагони да го посочи апсурдот во кој секојдневно живееме. Да бидам целосно искрена, и јас чувствувам желба да го направам истиот избор неколкупати на ден, особено во скопскиот сообраќај.
„Токму така и го читавме текстот, како избор да му кажеш ‘не’ на светот, односно на системот, кој те исцрпува и те гмечи од сите страни“, се надоврза Грација.
Но, како воопшто да одлучиш да престанеш да учествуваш во систем што е сеприсутен? Каде и да заминеш, секој дел од планетава е допрен и обликуван од него. Во случајот на ликот на Елеонора, таа е во позиција на привилегија и материјална стабилност со која би можела без никаков проблем да се издржува до крајот на нејзиниот живот.
„Нејзиниот лик е ослободен од финансиски грижи и дозволува свртување кон себе какво што таа прави во текот на драмата“, вели Грација.
Авторката на „Мачката Елеонора“, Карен Јес, е родена во 1986 година во Дрезден и иако нема напишано многу драмски текстови, овој е извонреден и зрел текст, кој е напишан во 2022-та, а веќе во 2023 година освои престижна германска награда за драмски текстови.
Кате, која го преведе текстот на македонски јазик, ни кажа повеќе: „Текстот е исполнет со хумор. Има многу смешни моменти што пленат со досетливост. Читајќи ги нејзините разговори со нејзиниот психијатар, често посакувавме и нам да ни текнуваат такви одговори какви што таа му дава нему“, раскажува Кате. „Мене ми беше интересно тоа што таа нѐ охрабрува да кажуваме ‘не’, но ни нуди одговори. Истовремено, таа е богата агентка за недвижнини што ја прави малку несимпатичен лик. Од друга страна, таа привилегија можеби престанува да биде релевантна бидејќи таа (Елеонора) се трансформира во нешто што не е одржливо.“ Преводот на текстот бил вистински предизвик поради неговата фрагментарност и лиричност, ни раскажа Кате. Но, постапката на преведување била дел и од колективната работа и од заедничкиот предизвик како да се преведе оваа монодрама во индивидуалниот и во колективниот контекст на средината во која живееме. Од овие причини, за време на создавање на перформансот, тие интервенираа и во самиот текст, вметнувајќи свои авторски текстови, извадоци од Пол Пресиадо, Силвија Федеричи и од Елфриде Јелинек.
Прикажувањето недопадливи женски ликови и инсистирањето да им биде оставен простор во културата и во нашите консумерски навики да бидат баш онакви какви што се, понекогаш дури и без приказната да ги води низ процес на надминување на тој нивен статус, е сѐ поприсутен феномен во современото женско творештво. Еден од најпознатите примери за тоа е култната серија „Fleabag“. На таков начин и Елеонора е лик што е толку засегнат од болката на светот, што едноставно не ѝ преостанува ништо друго освен да се обиде да биде радикална во тоа како ќе се изземе од него, дури и обидувајќи се да се ослободи и од говорот со цел да посочи на несмасноста со која го користиме.
„Низ токму такви процеси поминувавме и ние лично и колективно – сите дојдовме во некој момент во кој рековме ‘ок, батали – сега ќе правам нешто друго, па макар и на сите да им е неудобно’, без разлика дали тоа значи да покажеме некаква лична ранливост или некој избор преку кој пружаме отпор“, вели Кате. „Прилично рано во процесот се ослободивме од сопствените очекувања дека ова ќе биде класичен перформанс. Одлучивме секоја од нас постојано нешто да работи на сцената, а тоа да биде поврзано со нејзината дисциплина и улога во овој проект. Дури и Јасмина, која е актерка, одбра да не е постојано во таа улога додека трае перформансот.“
„Нешто што нѐ фасцинираше уште од самиот почеток е фактот што иако трансформациите се неуредни, понекогаш има смисла работите да постојат во некаква контрадикторност. Тоа е она што ги предизвикува нормите и на кои им се спротивставуваме, оние што поставуваат апсолутни критериуми за сексуалноста, родот, убавината, професијата итн.“
Оваа тема ја допреле и во менторските процеси со Викторија Илиоска, која постојано ги охрабрувала да ја прегрнат неуредноста на личната трансформација и на неудобноста во правење нешто за првпат, како што најголемиот дел од членките на овој колектив за првпат ќе се појават на сцена во ваков изведувачки контекст.
Веројатно она што ја прави неудобноста особено тешка за прифаќање и што, кога се соочуваме со неа, значително ги храни нашите потреби за контрола, е фактот дека трансформацијата не почнува и завршува со еден проект, со едно соочување. Неудобноста се отвора и ние се учиме да живееме во неа, не успеваме низ еден процес да ги симнеме сите слоеви на културолошки влијанија што со децении се таложеле врз нас.
„Носењето на ова дело пред публиката ни е важно и поради отворање простор за замислување алтернатива. Овој перформанс го гледаме како алтернатива не само во поглед на искуството на публиката, туку и во содржината и во формата се разликува од она што најчесто го гледаме на локалните сцени“, се надоврза Грација.
Работата на девојките се случи низ суштински интердисциплинарен процес, преку кој секоја од нив ја збогатила сопствената методологија на работа во нивните дисциплини. Тие велат дека промените веќе ги чувствуваат, но дека веројатно ќе им биде потребно време и оддалеченост за да можат вистински да ја воочат промената што се случила.
„Во моментов нѐ фасцинира овој пристап кон сценска изведба – кај нас не постои традиција луѓе што немаат актерска заднина да се појават во театарски перформанс и јас би сакала да продолжам да работам на овој начин на градење театар“, вели Кате. „Гледавме како да работиме во постојните услови на начин што ни дава моќ – да не лелекаме поради тоа какви се околностите, туку да ги искористиме и да ги коментираме во рамките на перформансот. Едноставно, нема смисла да биде поинаку.“
Нивниот перформанс премиерно ќе се одигра во МКЦ на 27.11.2023 во 20 часот и на 28.11.2023 во 20 часот. Резервирајте ги вашите места на tiiiit.inc@gmail.com! За информации за сите следни изведби, следете ги Tiiiit! Inc. на Инстаграм и на Фејсбук.
Клелија Живковиќ
Фотографии: Соња Ставрова