Што е Pandamonium Radio и за кого е наменето?
Tactivity: Pandamonium Radio е интернет-медиум, кој живее во, а воедно и се храни од хип-хоп културата. Pandamonium Radio e outlet за мене и за Дарко да пишуваме, да ја критикуваме музиката што ја слушаме и сакаме, да откриваме нови артисти што ќе сакаме на интересен начин да ги споделиме со нашето community, да курираме плејлисти и на еден начин да ги искажеме нашите мислења за сè што е поврзано со музиката. Такви мислења имаме многу и само сакавме да изнајдеме начин како да го претвориме тоа во содржина што ќе го задржи вниманието на луѓето што го читаат. Секогаш сме отворени за какви било соработки и даваме шанса и платформа на кој било да напише текст или да сподели парче музика со нас, така што Pandamonium Radio е за сите што се чувствуваат дел од оваа култура и сцена што е хип-хоп музиката и сè што опфаќа таа.
Koj сѐ e дел од вашиот мал community?
Irie: Дел од најтесниот тим што секојдневно работи во заднина сме јас, Tactivity и нашиот дизајнер Nixar. Но, помошта и инпутот што го добиваме од сите соработници, слушатели и читатели е оној што е посебно значаен за да функционира ова како што треба.
Tactivity: Секој што ги дели или не ги дели нашите мислења за музиката што ја третираме, секој што се смета за дел од оваа култура и придонесува на еден или на друг начин кон неа, сите што се вклучуваат секој понеделник да нѐ слушаат во живо и во коментари каде што дискутираме, сите што ја делат љубовта за музиката како нас. Нема одредени параметри за тоа кој е дел или не е дел од нашето community. Сè додека дискусиите што ги имаме и мислењата што ги споделуваме се цивилни и потекнуваат од искрено место. Тоа е, всушност, и нашиот етос.
Од инстаграм-блог во поткаст
Дајте ни мал timeline на вашето постоење и активности.
Irie: Почетоците на Pandamonium Radio датираат многу поодамна, уште во 2014-2015 година. Во тоа време почнав радиоемисија под истото име на тогашното ново скопско радио Street FM 107.4. За жал, радиото по краток период згасна, а со тоа и мојата емисија. Имав желба да ја продолжам, но во тој период го префрлив фокусот на организирање настани и пуштање музика во клубови, па таа идеја стоеше само во заднина.
Како поминуваше време, потребата за ваков неофицијален онлајн медиум растеше, и за мене лично – да имам каде да се изразам, но и за сцената – бидејќи се случуваа интересни работи, кои не беа доволно покриени, разбрани или поддржани. Токму затоа во 2019 година го вратив Pandamonium Radio во форма на инстаграм-блог, чија основа беа рецензии на албуми, претставување нови артисти и слични теми, најчесто во пишана форма. Тука се вклучи и Tactivity поради неговото длабоко познавање на музиката и на културата, истеравме неколку добри месеци, но целиот проект отиде на пауза бидејќи бараше повеќе отколку што очекував, а во тие моменти не бев спремен за такво нешто.
Fast forward 2020, пандемија и карантин, го реструктуриравме целиот процес на работа и почнавме повторно во мај. На почетокот се држевме до пишаниот формат, но идејата за проширување кон различни формати беше постојано присутна. Тука почнавме и со курирање на плејлисти на Spotify и на YouTube, а во ноември ја почнавме нашата онлајн радиоемисија/поткаст – Pandamonium Radio Show. Во моментов има 15 емисии зад нас, немаме пропуштено ниеден понеделник, што за нас лично е огромен успех бидејќи редовноста ни е најголем предизвик од самиот почеток. Во моментов размислуваме за следни чекори и проширување на нашата содржина во други формати и платформи, но, едно по едно.
Како дознавате нови артисти? Како избирате кого ќе дискутирате на радио-шоуата?
Tactivity: Постојат многу и ниту еден не е конкретно дефиниран. Некогаш некој артист ќе се појави на мојот Release Radar на Spotify, некогаш ќе ми заврши плејлистата и алгоритамот ќе ме однесе некаде во некој rabbit hole од каде што најчесто тешко излегувам. Константна комуникација со луѓе чие мислење за музика ценам, препораки и плејлисти што се курирани од луѓе што немаат никакви врски со индустријата и плејлистите ги курираат од мерак и од љубов спрема културата. Никогаш не барам нови артисти, секогаш на природен начин ми доаѓаат и во најголем дел и ретко е да не ми се допаѓа музиката од нив.
Irie: Постојано слушам музика, пробувам да бидам во тек со хип-хопот, но и сите останати жанрови и култури што ми се допаѓаат. Денес тоа најчесто го правам преку Spotify и сите плејлисти таму, но дополнително слушам диџеј-миксови, читам статии и гледам видеа на Јутјуб. Во емисијата најчесто презентираме свежо излезена музика – албум, артист или песни што излегле таа недела и очекуваме да бидат актуелни во иднина.
Одржувате ли баланс меѓу објективност и субјективност при пишување рецензии? Ако да, како?
Irie: Пробуваме да го правиме тоа. Јас, лично, отсекогаш сум ја слушал музиката од две перспективи, едната е што е тоа што ми се допаѓа мене лично, а другата е дали е објективно квалитетна или, пак, кое значење го има за артистот или за публиката за која е наменета. Никогаш не „хејтаме“, а пред да упатиме остра негативна критика, пробуваме да ја разбереме заднината на песната, албумот или артистот, бидејќи како луѓе, најчесто го „хејтаме“ и целосно го отфрламе тоа што не го разбираме.
Tactivity: Сакам да верувам дека со секоја рецензија се трудам да бидам максимално објективен и транспарентен и да бидам критичен таму каде што треба. Ретки се моментите кога сум субјективен бидејќи артистите за кои однапред знам дека ќе бидам таков се ретки и најчесто го оправдуваат моето мислење. Навистина нема да можам да бидам објективен кога ќе го слушам Certified Lover Boy од Drake!
Share your knowledge:
Кој е најдобриот outlet за локални хип-хоп/трап артисти? Како (најлесно) можат да ја рашират фан-базата?
Irie: Искрено, ова прашање оставив да го одговорам на крај, бидејќи немам конкретен одговор, иако е одлично поставено. Самиот концепт на ширење на фан-базата е многу дискутабилен, а ние го третиравме тоа прашање во првите емисии, поточно: „Што е подобро, лојална фан-база или hype?“
За градење лојална фан-база најважен е пристапот на самиот артист или бенд, нивното однесување во вистинскиот живот и на социјалните мрежи, како и константност и квалитет на музиката што ја прават и ја издаваат. За hype се потребни antics и глупости, и сигурно ќе стигнат подалеку отколку самата музика или уметност што ја креира дадениот артист. Но, дали тоа значи правилно ширење на фан-базата или не?
Настап на TRAP DA FUCK UP во минатото се покажа како органски boost за артисти или диџеи што имаа свој стил и беа квалитетни и препознатливи по свој звук, настап на Thursday Shake во „Епицентар“, како и другите настани и проекти на Sure Shotz се секогаш одлично промо пред вистинска публика. Мислам дека артистите ја потценуваат вредноста и важноста на диџеите како луѓе што традиционално, од почетоците на постоење на музичката индустрија, се оние што пробиваат песни и нив ги прават хитови. Во поглед на медиум, не сум сигурен дека постои некој што вистински може да придонесе за ширење на фан-базата, би сакал ние да сме тоа во иднина, но сметам дека сме сѐ уште релативно нови и сме далеку од тоа ниво.
Која е важноста на Spotify во тоа што го правите? Дали популаризирањето на Spotify доведе до револуција во хип-хоп сцената?
Irie: Spotify има огромно значење и централна улога во тоа што го правиме, бидејќи пред сè таму слушаме и презентираме музика што ни значи, за која зборуваме и пишуваме. Би сакал да видам што повеќе корисници на стриминг-сервиси во Македонија бидејќи мислам дека тоа ќе придонесе за проширување на нивниот музички вкус.
Поимот жанр во 2021 година е прилично нејасен; постојат мал милион субжанрови и границите полека но сигурно се бришат… Важи ли ова и за хип-хоп/рап сцената?
Irie: Дефинитивно да, и ние сме први што го поддржуваме и на кои им се допаѓа тоа, но истовремено како фанови и критичари намерно или ненамерно ги ставаме песните и артистите во одредени групи како би можеле полесно да ги организираме и во главата, но и на плејлистите или диџеј-сетовите.
Tactivity: Рап-музиката е еден од најфлуидните жанрови на денешницата и факт е дека во него има толку многу звуци и потстилови што и срамота е некогаш албуми што, според мене, се наоѓаат на двете страни од спектарот на хип-хоп музиката, да бидат ставени во ист кош. Не е секогаш добро да се има етикета, но искрено верувам дека треба да се знае што е хип-хоп, а што нe, бидејќи таа граница од година во година е сè поматна и невидлива. Поп-песни со хип-хоп елементи не е хип-хоп, туку е поп-песна што влечe инспирација оттаму.
Што мислите за моменталната американска трап-сцена?
Irie: Хм, ова е малце покомплексно прашање бидејќи терминот трап-сцена може да биде сфатен на неколку различни начини. Општо, американската хип-хоп сцена која е „инспирирана“ од трап-музиката стана презаситена, неинвентивна и досадна, што е целосна спротивност од пред десетина години кога се појави новата генерација артисти. Најверојатно толку трае циклусот на една ера на хип-хопот, добро е и што издржа олку долго во време кога трендовите многу побрзо доаѓаат и си одат од порано.
Но, тоа не значи дека нема добра музика или артисти. Големите артисти се квалитетни како и досега, и златната генерација на оваа ера е сè уште активна: Kanye, Drake, Kendrick, J. Cole, ASAP Rocky, Travis Scott, Future, Young Thug, 21 Savage и многу други. Дополнително, има релативно нови артисти, кои се суперуникатни и успешни, кои доаѓаат од „трапот“, но ги преминаа границите и сега прават различни потстилови на хип-хоп, па дури и crossovers со други жанрови, како, на пример: Pop Smoke, Lil Baby, Gunna, Jack Harlow, Roddy Ricch итн. Кога би зборувале за „вистинска“ или „underground“ трап-сцена, има мал милион артисти, голем дел од нив звучат генерично, но на неколку месеци се појавува артист што се издвојува, како на пример Pooh Shiesty, Moneybagg Yо, Lil Keed…
Општо земено, главната разлика е во тоа што пред пет години, 90 отсто од трап-артистите добиваа мејнстрим внимание, и обратно, мејнстрим звукот целосно се инспирираше од нив. Едноставно, тоа беше звукот што ја одбележа претходната декада. Мојот впечаток е дека привршува (ако веќе не заврши) трап-ерата на хип-хопот, „вистинскиот трап“ ќе продолжи да живее „андерграунд“ како и пред 2010-та, а ќе видиме кој звук ќе ја оформи и ќе ја одбележи новата декада. Во моментов има неколку нови трендови, ќе видиме како ќе се развива во иднина.
Муабетот ми е дека во 2021 година треба да се разграничи зборот трап-сцена од хип-хоп сцена, ако пред пет или повеќе години можеби овие два термина означуваа приближно иста работа, денес тоа не е така. Ете, пак зборуваме за жанровски поделби, но мора 😀
A, за македонската хип-хоп сцена?
Irie: Имам измешани чувства на оваа тема бидејќи искрено сакам да имаме квалитетна сцена што ќе содржи секакви потстилови на хип-хопот, но не сум задоволен од ситуацијата во која се наоѓаме во моментов. Секоја генерација има различни предизвици, кога ние бевме млади најтешко беше да се пробие стигмата за „вистински рап“ и да се модернизира звукот на овие простори. Со многу труд и тврдоглавост успеавме да придонесеме кон тоа, но мојот впечаток е дека новата генерација не го користи својот потенцијал и шансите што се појавуваат. Искрено се надевам и посакувам тоа да се промени.
Tactivity: Јас овде ќе се согласам потполно со Дарко. Во поглед на македонската сцена, мислам дека е преразводнета и сè се сведува на one off песни, кои не водат кон ништо и немаат никаков импакт врз сцената. Како додаток на тоа, ретки се артистите што живеат само од музиката што ја креираат, па така и не можат целосно да се фокусираат на тоа. Album sales и стримови се непостоечки концепт, а со тоа и музиката се сведува да биде клупска, со цел да се зголемат шансите за настапи.
Кратки прашања:
Албум или сингл?
Irie: Албуми за слушање, синглови за пуштање.
Тactivity: Секогаш претпочитувам албум над сингл, но постојат добар број исклучоци.
Nixar: Aлбум, all day, every day.
Денес македонската хип-хоп сцена ја одржуваат во живот:
Irie: Сите оние што се трудат и работат, искрена почит за сите што пробуваат да креираат во оваа тешка средина.
Најдобриот концерт/фестивал на кој сме присуствувале е…
Irie: Има многу и секој концерт или фестивал за мене е посебен. Заедно бевме на Drake во Берлин и на Future во Амстердам, тоа беа преубави патувања што многу ми фалат. „Future on a Monday, treat this sh*t like church on Sunday…“
Tactivity: Во исчекување сме да заврши пандемијата, па да кроиме планови кои артисти да ги гледаме следно, а постојат многу!
A, артист на чиј концерт сакаме да присуствуваме е…
Irie: Burna Boy и Wizkid, по можност заеднички концерт.
Tactivity: Ги има премногу! И за сите имам причина зошто сакам да ги видам. Ако морам еден, тоа би бил Larry June!
Nixar: Kanye West, нормално, иако мислам дека е речиси невозможно да се случи во иднина.
3 млади релевантни локални артисти што би ги одвоиле се…
Irie: Релевантни и квалитетни, а не толку млади: Bon Praskiza, Sexy Marsa, S.A.M.
Млади со голем потенцијал: Young Dadi, Matej Foltz, Rager
Tactivity: Eli$ej, Young Dadi, Foltz
Во исчекување сме на албум од…
Irie: Sexy Marsa и Drake
Tactivity: Drake, Brent Faiyaz, Frank Ocean, S.A.M.
Nixar: Kanye… Still waiting for Yandhi
Blonde или Channel Orange?
Irie: По неколку траки од двата (не сум голем фан на Frank Ocean)
Tactivity: И двата имаат посебно место кај мене. Сепак, Blonde.
Nixar: Blonde. Албумов ми е во Top-10 албуми на сите времиња.
Kali Uchis или SZA?
Irie: Kali
Тactivity: SZA
To Pimp a Butterfly или Good Kid, m.A.A.d city?
Irie: Good Kid, m.A.A.d. city
Тactivity: Good Kid, m.A.A.d. city
If You’re Reading This It’s Too Late или What a Time to be Alive?
Irie: Аааааааааа: О, двата!
Tactivity: If You’re Reading This It’s Too Late, иако ми фали Дарко да ја сврти Plastic Bag во „Епи“ во 4 сабајле.
My Beautiful Dark Twisted Fantasy или The Life of Pablo?
Irie: Кога излезе, The Life of Pablo; денес, My Beautiful Dark Twisted Fantasy.
Tactivity: MBDTF, без двоумење.
Nixar: Ова е најголемиот двобој кај die hard фановите на Kanye – 2 ремек-дела. Сепак, без двоумење би го избрал MBDTF every day of the week.
The art of playlist curation:
Какви видови плејлисти постојат?
Irie: Технички, на Spotify постојат 3 вида плејлисти. Првата е „обична“, креирана од кој било корисник, како и од официјалниот профил на Spotify. Нивниот тим се состои од различни експерти, музички едитори и релевантни луѓе на сцената, па затоа овие плејлисти се trademark за сервисот и се најчесто најпопуларни. Вториот вид плејлисти е collaborative, плејлиста што може да биде уредена од повеќе корисници истовремено. Нашата Pandamonium Community плејлиста е ваква, со цел луѓето да споделуваат музика меѓу себе. Третиот вид плејлисти се најјаката страна на Spotify, тоа се персонализираните плејлисти што алгоритамот на Spotify ги курира посебно за секој корисник! И јас и Tactivity сме постојано на Release Radar плејлистата, која секој петок нуди нови изданија од артистите што ги следиме или најчесто ги слушаме. Ова е еден од најдобрите начини за останување во тек со нови изданија бидејќи алгоритамот ја прави работата наместо тебе. Има повеќе од 20 вакви персонализирани плејлисти за секој корисник, а многу луѓе не се запознаени со нив или воопшто не ги користат. Проверете ги во сегментот „Made For You“, сигурен сум дека некоја од нив ќе ве погоди!
Playlist on shuffle – sin or not?
Irie: Not a sin. Речиси никогаш не го практикувам, но знам дека е единствена опција за оние што немаат премиум акаунт, па најверојатно многу луѓе го прават тоа.
Tactivity: Во зависност и од плејлистата, моите се стриктно наменети да бидат слушани од почеток до крај. Посебно серијалот I’ll Name This Playlist Later плејлисти на Spotify.
Кога достигнуваат кулминација вашите плејлисти?
Tactivity: Не секогаш и имаат некоја конкретна структура, во зависност од „мудот“, некогаш и плејлистата има повеќе breakdowns, но доколку има кулминација, најчесто е на средината.
Irie: Зависи од плејлистата, секоја има различна намена, па со тоа и кулминацијата се случува во различен момент, ако воопшто ја има. На почетокот ги организирав слично како диџеј-сет, најдоброто некаде во средина, но сега пробувам најдоброто и најновото да е најгоре, на почеток, бидејќи јас речиси секогаш почнувам со слушање од почеток.
Каков е текот на една плејлиста?
Irie: Уште сум во дилема која е правата должина и редослед на една плејлиста и постојано тестирам различни формати, но истото зависи и од самата плејлиста. На пример, плејлистата Irie’s Song of the Day нема соничен редослед, таму ставам песна (речиси) секој ден, за подоцна да се навратам на одреден период и да имам увид што сум слушал во минатото. Од друга страна, Irie’s Vibey и Best of 2020 во моментов се подредени во стил на диџеј-сет, бидејќи пресликуваат диџејски микс.
Како ја креирате топ-10 плејлистата?
Irie: Топ-10 плејлистата е замислена како кратка селекција на есенцијални траки за таа недела, пред сè синглови што би требало да станат хитови. Повеќе наменета за оние што не сакаат толку длабоко да истражуваат и сакаат да бидат во тек само со најважното. Се надевам дека оваа плејлиста ќе дојде до израз кога ќе се вратиме во клубови, и дека и диџеите ќе учат од неа и постојано ќе ја освежуваат својата плејлиста.
Tactivity: Траките ги избираме и ги организираме според тоа колку често ни се нам во ротација или потенцијалот што го гледаме во нив. Во моментов нема други параметри бидејќи нема ноќен живот, настани и фестивали. Најчесто најгоре се најголемите бенгери, во средината траки што се неколку недели на топ-листата, а најдолу добри песни што вреди да бидат во ротација, но немаат потенцијал да станат бенгери.
За крај, почестете нѐ со една мини плејлиста:
Тactivity – highlights од мојата омилена плејлиста:
Action Bronson – Bonzai
Snoop Dogg – Let’s Get Blown
Outkast – Aquemini
Brent Faiyaz – Why’z it so hard
Rick Ross ft. Andre 300 – Sixteen
Irie – песни во ротација оваа недела:
Nipsey Hussle & Jay-Z – What It Feels Like
Headie One feat. Burna Boy – Siberia
Future & Lil Uzi Vert – Moment of Clarity
ASAP Rocky – Rich Nigga Problems
Headie One feat. Skepta – Try Me
Миа Милошеска
фотографии: Гоце Лалковски