Охад Милштајн (1973) е израелски режисер што ја започнал своја кариера како фотограф и камерман. Зад себе има десетина авторски документарни филмови. Студирал филм на Универзитетот во Тел Авив, а магистрирал на Bezalel Academy of Art and Design во Ерусалим. Живее во Тел Авив.
Во филмот „Летни ноќи“ ги следиме разговорите на режисерот со својот шестгодишен син. Во една од критиките за филмот пишува: единствена мана на филмот е што е совршен.
Токму затоа направивме краток разговор со режисерот пред проекцијата на Македокс.
Ве молам да ѝ се претставите на македонската публика, како ги одбирате темите за своите документарни филмови?
Откако го завршив своето школување, најмногу работев како директор на фотографија (филм, ТВ). Набљудувањето е моја пасија. Сакам да ги набљудувам луѓето, нивните реакции, светот околу мене.
Како почнувам да работам филм… хммм… секогаш е различно. Обично се фаќам себеси „цимнат“ од некој визуелен момент или нешто силно ми го растреперува срцето и сакам да го забележам со камера или да го снимам звукот. Тогаш имам чувство дека е почеток на нешто ново, ме допира длабоко и знам дека треба да го развијам во филм.
Така беше и со „Летни ноќи“, знаев дека треба да снимам нешто за Алва, да видам како нашите разговори ќе му изгледаат на светот. Кога Алва беше помеѓу пет и шест години, имаше уникатен поглед на светот. Сакав да ја забележам таа наивност и чистина во погледот, начинот на кој тој ги покажува своите чувства и мисли. Имаше нешто специјално во тие размислувања вредни да ги зачувам.
Како дојдовте на идеја да го снимите „Летни ноќи“, дали Вас Ве интересираше што мисли шестгодишно дете за животот и смртта и колку бевте изненадени од размислувањата, стравовите, желбите на Вашиот син?
Идејата за филмот, всушност, потекна од Алва. Како што се гледа во филмот, ние живееме во многу мала куќа. Моето студио за монтажа е и дневна соба и спална соба. Кога го монтирав мојот последен филм, Алва љубопитно гледаше што работам. Еден ден ме праша зошто снимам чудни филмови, а не некои поедноставни што луѓето полесно ќе ги разбираат. Го прашав што би ми препорачал, а тој одговори, ајде да направиме филм за нас, како си зборуваме јас и ти. Тогаш си помислив дека идејата не му е лоша затоа што со Алва водевме ноќни разговори откога тој почна да зборува. Од свои 2-3 години, секоја ноќ пред да оди на спиење, гасневме светло и си разговаравме за многу теми. Алва споделуваше сѐ што му се моташе низ глава, своите желби, стравови, пасии. Летото пред да тргне на училиште, пред да наполни 6 години, решив да ги снимам тие наши разговори. Прашањата за животот и смртта беа темите што го окупираа во тој период од животот.
Ви предизвикуваа ли непријатност темите за кои се интересира Вашиот син, се прашувавте ли колку соодветствуваат за возраста, имавте ли дилема дали со деца треба да се водат сериозни разговори за смрт, рај, каков е животот откако ќе заминеме од овој свет… Има ли правило која е вистинската возраст за разговор со децата на овие теми? Не треба ли детството да е безгрижно?
Не се плашев да зборувам со Алва за овие теми, бидејќи сметав дека се релевантни за возраста. Тоа го интересираше. Се сеќавам дека на негови години имав многу тешкотии да заспијам затоа што немав со кого да ги споделам моите стравови и чувства.
Во филмот велите дека Вие со Вашиот татко не сте разговарале за вакви теми. Дали со филмов сакавте да ја поправите таа „грешка“?
За разлика од Алва, мене ми беше срам да го прашувам татко ми такви „тешки“ прашања. Мислев дека не смеам. За мене беше траума кога татко ми го гаснеше светлото, велеше добра ноќ и ме оставаше сам да заспијам.
Во некој случај „Летни ноќи“ е корекција на тие мои моменти како дете.
Дали се промени Вашиот однос со татко Ви по филмот? Што мислите, каков треба да е односот татко-син, родител-дете?
Да, мојот однос со татко ми се смени. Повеќе се гушкаме откако го изгледа филмот и многу е горд на тоа.
Не би знаел да ви кажам каков треба да е односот татко-син. Тоа е многу субјективно прашање. Релациите меѓу луѓето, главно, се богатство што треба да го чуваме. Покажување љубов и почит еден кон друг е она што нѐ прави човечки суштества.
Како е Алви? Го сакаат ли децата во училиште исто како и децата во градинка? 🙂 (еден од неговите стравови) Како се справува со популарноста, филмот веќе има награда на најдобар документарен филм во Израел за 2021 година и учество на многу фестивали низ светот.
Алви е одлично. Сака да оди на училиште, не сака многу да учи, но има многу другарчиња и сака да го поминува времето со нив. Горд е на филмот и што е дел од него. Многу сака да оди во кино, ја цени уметничката вредност на филмот, но многу повеќе ги цени наградите што ги добива. 🙂
автор: Илинка Делчева
фотографии: Македокс