Супрематизмот инсистира дека уметноста не треба да ѝ служи на државата и религијата, дека повеќе не сака да има ништо со објектот и верува дека може да постои во и за себе. Веројатно најблиското место каде што можете да ѝ се насладувате на уметноста на Малевич е Државниот музеј на современа уметност во Солун кој е дом на голем број негови дела. Ова е само мала порција од огромниот опус на овој голем сликар.
Автопортрет
Иако не им бил баш наклонет на автопортретите, Малевич сепак се насликал себеси во 1910 година. Денеска, овој автопортрет може да се види во московската галерија Третјаков. Делово нуди фасцинантен поглед во неговите уметнички почетоци од ерата пред супрематизмот. Насликано е за време на неговите студии во московската школа за сликарство, скулптура и архитектура кога уметникот дошол во допир со цел спектар артистички движења вклучувајќи ги кубизмот и футуризмот. Автопортретот е јасен знак за неговото интересирање за модернизмот и симболизмот.
Портрет на уметникот М. В. Матиушин
Ова дело е омаж на неговиот пријател и современик, композиторот и сликар Михаил Матиушин – значајна фигура на руското авангардно движење, со кого Малевич работел на кубофутуристичката опера „Победа над сонцето“. Како и операта, сликата е во кубофутуристички стил, што Малевич подоцна ќе го замени со супрематизам. Иако типично фрагментирано и геометриско по форма, ова дело вклучува и суптилна наклоност кон идентитетот на портретираниот, на пример, белите клавиши на пијаното реферираат на професијата на Матиушин како композитор.
Црн квадрат
Ова чисто и ахроматско дело е првиот сигнал дека руското авангардно движење започнува да се движи кон уметност ослободена од товарот на објективниот и материјален свет. Карактеризирано е како „модерно монохроматско ремек-дело“. За првпат било изложено во 1915 и го означува почетокот на супрематизмот – необјективниот уметнички стил претставен со геометриски форми и монохроматски палети, кои уметникот ги опишува како „израз на чистото чувство, без практични вредности, без идеи и ветена земја“. Исто како и многу негови дела, „Црниот квадрат“ исчезнал од видот на јавноста по неговата смрт во 1935 година откако социјалистичкиот реализам бил прогласен за официјален уметнички правец во Советскиот Сојуз. Повторно бил изложен во осумдесеттите години од минатиот век.
Супрематистичка композиција
Ова дело е создадено во 1916 година, истовремено кога Малевич го напишал Супрематистичкиот манифест. Оваа композиција влезе во историјата во 2008 откако Sotheby ја продаде за неверојатни 60 милиони долари. Ова е воедно и најскапата руска слика на сите времиња. Во 1927 година, Малевич ја изложил во Варшава и во Берлин, а потоа ја оставил да ја чуваат во Германија. Оттаму била продадена на амстердамскиот Stedelijk Museum каде што ќе остане во наредните 50 години. Пред да биде продадена на аукцијата, сликата им била предадена на неговите законски наследници.
Супрематистичка композиција: Бело на бело
Moжеби „Црн квадрат“ е најзначајното дело од супрематистичкиот опус на Малевич, но неговата серија „Бело на бело“ изложена во њујоршкиот Музеј на модерна уметност, ги помести границите на теоријата на апстрактната уметност. За време на првото изложување на Супрематистичката композиција: Бело на бело изместен бел квадрат што лебди врз потемна бела заднина, Малевич ги поканил посетителите да ја погледнат со зборовите „Запливајте во белиот слободен амбис, бесконечноста е пред вас“.